ФИНКИ на роденденски маратон до Влада: информатичарите бараат решение за немањето простор

Студентите и професорите на ФИНКИ уште еднаш ги повторија своите барања - да се најде решение за просторниот проблем на најголемиот факултет во државата

фото: Мета.мк

Сè повеќе студенти, а сè помалку простор – на најголемиот факултет во државата станува претесно за нормално одвивање на наставата. Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) не отстапува од своите барања – да се најде решение за просторниот проблем и за непречено одржување на образовниот процес за речиси 5.000 студенти.

По првиот протест што го одржаа на 21 март, студентите и професорите на ФИНКИ денеска протестираа повторно, но овојпат до Владата стигнаа со трчање. По повод своето 13-годишно постоење, факултетот одржа роденденски маратон од Градскиот парк до зградата на извршната власт.

Стотици студенти го истрчаа маратонот, а потоа од пред Владата порачаа дека ќе продолжат да се борат за она што со години им е проблем – немањето доволно простор.

Деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски, ги повтори барањата – дислокација на Бирото за развој на образованието (БРО) од Техничко-технолошкиот кампус и предавање на овие простории на факултетот, но само како краткорочно решение.

„Во исчекување на позитивен одговор од Владата за дислокација на Бирото за развој на образованието од Техничкиот кампус со цел привремено да се решат нашите просторни проблеми, сакаме да ја подигнеме свесноста за нашиот проблем. Секако тука дојдовме да побараме и од следната Влада што побрзо да се залага за трајно решение на проблемот“, изјави Јакимовски.

Тој рече дека во изминатите денови, по одржувањето на првиот протест, биле во комуникација со владини претставници, но вели дека решение засега нема. Од Службата за општи и заеднички работи добиле одговор дека државата нема слободен простор кој би можел да ги смести илјадниците студенти на ФИНКИ.

„Од тие причини бараме да се ослободи што е можно повеќе простор на Техничко-технолошкиот кампус и дозвола да можеме да го реновираме истиот и да започнеме со настава во тие простории од 1 октомври“, рече Јакимовски, додавајќи оти очекува на утрешната владина седница да се донесе позитивна одлука по нивните барања.

Доколку не добијат зелено светло, деканот на ФИНКИ најавува дека протестите ќе продолжат, бидејќи установата не гледа друго решение на долгогодишниот проблем.

Мета.мк веќе пишуваше за просторниот проблем на ФИНКИ. Долгонајавуваната зграда што треба да ја добие факултетот, а која почна да се гради на Општествениот кампус на УКИМ, остана недоградена. Надежите дека изградбата ќе продолжи се вратија минатата година, но повторно замреа кога тоа не се случи.

Во Буџетот за 2024 година не се предвидени средства за продолжување на изградбата на зградата на ФИНКИ и неговиот несуден сосед – Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ).