МЕТА ФАКТ: Помина уште една година, ветената доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФК не продолжи

Најголемата високообразовна установа во земјава, која, според податоците на Државниот завод за статистика од јули годинава, брои 4.468 студенти, останува без свој сопствен објект

фото: Мета.мк (јануари 2023 година)

Најголемиот и најброен факултет во државата, ФИНКИ, останува без свој сопствен објект, исто како и неговиот „иден сосед“ – Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ). Најавата дека изградбата на зградите на овие два факултета ќе продолжи годинава не се реализираше и според тоа, ова ветување на министерот за образование и наука Јетон Шаќири е неисполнето.

Изградбата на двата објекта која започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“, осум години подоцна, не е завршена. Двете згради кои беше предвидено да бидат во барокен стил, требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваа(т) во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 отиде во стечај, изградбата прекина.

Поради ова, најголемата високообразовна установа во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), која, според податоците на Државниот завод за статистика од јули годинава, брои 4.468 студенти, останува без свој сопствен објект. И покрај тоа што информатиката е веројатно најпросперитетната наука денес, дванаесет години откако започна со работа, факултетот сè уште нема свој сопствен објект, а за настава се користат простории од други високообразовни институции, што пак им создава проблеми и на студентите и на нивните наставници.

Поради недостатокот на училници, во моментов за задолжителните предмети на ФИНКИ се одржуваат физички предавања, додека најголемиот дел од изборните предмети студентите ги следат онлајн.

Огромна потреба да добие свои простории има и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. На овој факултет минатата година учеле вкупно 402 студенти, од кои 283 биле редовни. За теоретска настава на сите овие студенти, професорите имаат на располагање само еден амфитеатар, а во просторот каде што се наоѓа факултетот, покрај него функционираат и спортската гимназија – Државното училиште за физичка култура „Методи Митевски – Брицо“ и Спортската академија.

За потребите на дел од предметите, факултетот користи и објекти под закуп на различни локации во Скопје.

Студентите на овие два факултета и понатаму се надеваат дека нивните институции ќе добијат сопствени објекти каде ќе можат да се образоваат, иако е малку веројатно сегашната генерација студенти да се вселат во планираните згради кај општествениот кампус на УКИМ.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во декември 2022 година рече дека во 2023 ќе продолжи изградбата на зградите на двете високообразовни установи.

„Ќе посочам неколку покрупни проекти – ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје“, рече, меѓу другото, министерот за образование Јетон Шаќири на прес-конференција на која го образложуваше буџетот на МОН за календарската 2023 година.

На почетокот на 2023 година и МОН најави дека ќе ги ревидира проектите со цел да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, но оттогаш помина една година.

Ревидирањето на проектите трае цела година? 

Мета.мк во февруари минатата година се обрати со прашање до Министерството за образование и наука за тоа до каде е постапката, а од таму одговорија дека ги ревидираат проектите.

„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, со цел да се намалат непотребните трошоци во услови на економска криза. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата“, ни рекоа од МОН во одговор во февруари 2023 година.

Дополнително, најава дека ќе продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФОСЗ, Шаќири даде и во интервју за интернет-порталот Факултети.мк во март минатата година.

„Планираме изградба на 3-4 училишта, да почне реконструкција на 118 училишни објекти, да се изградат 10-тина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК“, вели Шаќири во интервјуто во својот одговор на прашањето „На какви проекти им давате приоритет годинава (2023, н.з.), што Ви е најважно да реализирате?“.

Бидејќи во текот на целата календарска година, лани не можеа да се забележат никакви градежни активности на два објекта кај Ректорат, а ова прашање не беше повторно актуализирано од МОН, Мета.мк во декември повторно се обрати до министерството со прашања за тоа што се случи со ветувањето и која е причината поради која изградбата на двете згради не продолжи.

Од МОН ни дадоа одговор идентичен на оној што го добивме пред десет месеци.

„Во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, заради намалување на непотребните трошоци за изградба. Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата“, се вели во одговорот на МОН кој е ист со оној што го добивме пред речиси една година.

Според ова, имајќи ги предвид моменталната ситуација на зградите која е идентична, а можеби и полоша во споредба со онаа од пред една година и каде не се забележани градежни работи, како и одговорот од МОН, според кој проектите сè уште се ревидираат, можеме да оцениме дека најавеното оти изградбата на зградите на ФИНКИ и ФФОСЗ ќе продолжи во 2023 година, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Министерство за образование и наука (декември, 2023 година): Шаќири: развоен буџет од 450 милиони евра за образованието во 2023 година, за 8,4% повеќе во однос на тековната (проверено на 2.1.2024 година)

Мета.мк (февруари, 2023 година): ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе продолжат да се градат годинава, но не во барокен стил (проверено на 2.1.2024 година)

Факултети.мк (март, 2023 година): Интервју со Јетон Шаќири: Платите на универзитетските професори растат бавно поради ограничениот буџет, но се работи на модел за финансирање на високото образование (проверено на 2.1.2024 година)