fbpx

АНКЕТА: Кражбата на идентитет, расната омраза и верскиот екстремизам најголеми „онлајн“ стравови на граѓаните

Најголем дел од граѓаните не знаат дали во нашата држава постојат субјекти кај кои може да пријават сајбер-криминал, а приближно една четвртина сметаат дека нема адреса на која можат да ги пријават нелегалните онлајн активности

-

Над 71 отсто од македонските граѓани веруваат дека ризикот да се стане сајбер-жртва се зголемува. Само една третина сметаат дека можат доволно да се заштитат од опасностите на криминалот кои демнат онлајн, па поради ова, најголем дел од граѓаните, а особено помладите и оние со повисок степен на образование, се внимателни кога се вклучени на интернет.

Од сите видови на сајбер-криминални активности, граѓаните се најмногу загрижени дека може да станат жртва на кражба да идентитетот (83,7%), можност нивните онлајн сметки да бидат хакирани (82,5%), да станат жртва на измама при користење на банкарска картичка (82%) и да наидат на материјал кој шири расна омраза или верски екстремизам (80,3%) или пак детска порнографија (76,2%).

76,1 отсто од граѓаните знаат што е сајбер безбедност и сметаат дека се информирани за темата „колку што е потребно“, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедноста спроведена за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Според извештајот од анкетата, повеќе од половина од граѓаните (58,4%) се загрижени дека личните податоци не се безбедно чувани од страна на институциите. Речиси исто толку (58,7%) се загрижени и дека веб-страниците не ги чуваат нивните лични податоци безбедно.

Поради ова, високи 74,3 отсто од испитаниците велат дека избегнуваат да ги откриваат своите лични податоци на интернет.

Сè повеќе македонски граѓани веруваат дека ризикот да се стане сајбер-жртва се зголемува, а перцепцијата за тоа дали може да се заштитат од опасностите на сајбер-криминалот е различна – 32,8 отсто сметаат дека можат доволно да се заштитат, а 31,2 проценти не се согласуваат со ова мислење.

Речиси 16% од испитаниците се изјасниле дека биле жртви на сајбер криминал или онлајн вознемирување, при што поголем е процентот на оние кои се со повисок степен на образование, како и испитаниците кои доаѓаат од пелагонискиот и вардарскиот регион.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Најголем дел од граѓаните (46,5%) не знаат дали во нашата држава постојат субјекти кај кои може да пријават сајбер-криминал, а 23,9 отсто сметаат дека нема адреса на која можат да ги пријават нелегалните онлајн активности.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Што прават граѓаните за да ја заштитат својата приватност на интернет?

При купувањето на услуги и производи преку интернет, граѓаните најмногу ги загрижува злоупотребата на личните податоци (53,4%), неможноста физички да се проверат производите (48,1%), безбедноста при онлајн плаќањето (40,1%) и несоодветствувањето на сликата и описот со реалниот квалитет на производите што се купуваат (39,4%).

За да ја заштитат својата приватност при користење на интернет, најголем дел од испитаниците во последните три години рекле дека посетуваат само веб-страници кои ги знаат и на кои им веруваат, не користат друг компјутер освен нивниот, инсталирале анитвирусен софтвер, користат различни лозинки и разменуваат електронска пошта само со луѓето кои ги познаваат.

Граѓаните, очигледно, имаат и добри практики за поврзување на интернет на јавни места, па така, најголем дел (48 отсто) рекле дека се поврзуваат на мобилен „Hotspot“ од својот уред. Речиси 45 проценти рекле дека се поврзуваат на мрежа која е достапна и заштитена со лозинка, скоро 35 отсто на мрежа која им е позната, додека 27,7 отсто се поврзувале на бесплатни Wi-fi мрежи. Притоа, помладите испитаници, за разлика од возрасните, повеќе користат интернет на јавни места.

Мерки за безбедност при користење на нивните уреди преземаат високи 72,5 отсто од граѓаните, додека останатите 27,5 отсто не преземаат ништо.

Според резултатите од анкетата спроведена за АЕК, постојат одредени разлики во поглед на возраста, степенот на образование и работниот статус во врска со преземање на мерки за безбедност. Имено, испитаниците на возраст од 25 до 55 години, испитаниците со повисок степен на образование, како и оние што се вработени и студенти, во поголем процент се изјасниле дека преземаат мерки на безбедност при користење на нивните уреди, во споредба со останатите.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Антивирусна програма користат 58 отсто од граѓаните, а високи 86,5 отсто од испитаниците рекле дека ги ажурираат програмите, апликациите и оперативните системи на нивните уреди. Помладите испитаници и оние со висок степен на образование, во поголем дел вршат ажурирање на нивните уреди.

Речиси 30 отсто од граѓаните ги немаат променето лозинките последнава година

Лозинки за пристап до уредите што ги користат имаат нешто повеќе од три четвртини од испитаниците (78,6%), што исто така е повеќе случај кај помладите испитаници и кај оние со повисок степен на образование.

Кај најголем дел од испитаниците, лозинките што ги користат за нивните социјални мрежи, е-маил или е-банкинг, се состојат од комбинација на букви, броеви и симболи, односно ваков одговор дале речиси 79 отсто од испитаниците.

34 отсто рекле дека нивните лозинки содржат барем 8 карактери. Лозинките на 18,5 отсто од испитаниците содржеле лични податоци како датум на раѓање или имиња на децата, а 8,2 отсто за лозинка користеле зборови по случаен избор. Повозрасните испитаници и оние со понизок степен на образование почесто ги користат личните податоци во нивните лозинки.

Истовремено, околу 20 отсто од граѓаните не можат, односно не знаат да препознаат сигурна лозинка.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

За да си ги запомнат лозинките, најголем дел (48,4) ги помнат лозинките и не ги запишуваат никаде. Од друга страна, 19,4 отсто ги запишувале лозинките во своите компјутери или мобилни телефони, 16,8% во тетратка, а 15 отсто ги зачувувале лозинките за најава на веб-прелистувачите.

7,7 проценти рекле дека ја чуваат лозиннката во апликација за употреба и управување со лозинки.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Помалку од една третина или 29,5% од испитаниците немаат направено промена на лозинките во последните 12 месеци, додека приближно половина од испитаниците имаат направено измена на лозинките на социјалните мрежи (47,6%), како и електронската пошта (42,5%).

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Повеќе од половина од граѓаните не користат дво-факторска идентификација и не прават „back-upна податоците

Поголем дел или 58,6% од испитаниците не користат дво-факторска идентификација, и тоа најчесто поради тоа што не знаат што претставува истата (39,4%), додека 35,5% не гледаат потреба да го прават истото.

Повеќе од половина од граѓаните (56,2%) не чуваат безбедносна копија (back-up) од важните податоци на надворешни уреди или во „клауд“, додека 39,7 отсто користат, при што тоа повторно се оние на возраст од 25 до 55 години, како и лицата со повисок степен на образование.

Анкетата содржи и податоци за користењето на социјалните мрежи, при што 97,4 отсто од граѓаните рекле дека користат најмалку една социјална мрежа. Најкористени во земјава се Вибер (88,5%), Фејсбук (88,5%) и Месинџер (82,1%), по што следува Јутјуб (72,9%) и Инстаграм (59,2%).

Испитаниците рекле дека на социјалните мрежи најчесто ги оставаат своето вистинско име и презиме, ставаат лични фотографии, како и локација на живеење и електронска пошта. Нешто помалку на своите профили ги откриваат и датумот на раѓање и мобилниот телефон.

извор: Извештај од спроведена теренска анкета за јавно мислење на граѓаните во врска со сајбер безбедност / спроведено за Агенција за електронски комуникации

Поголем дел од испитаниците се информирани за постоењето на политики за приватност на веб-страниците од социјалните мрежи, а речиси 44 проценти сметаат дека овие политики се ефективни.

Најголем дел од испитаниците или 70,6% делумно им веруваат на политиките за приватност на социјалните мрежи кои ги користи, додека 21% од испитаниците воопшто не им веруваат на политиките за приватност.

Анкетата за АЕК била спроведена во периодот од 20 октомври до 6 ноември 2023 година со употреба на CAPI метода – теренско анкетирање со помош на компјутер, на примерок од 1400 испитаници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Завршија натпреварите „Робомак“ и „Робомак Јуниор“ 2024

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера заврши 12-тото по ред издание на натпреварот „Робомак“ (RoboMac). На овој натпревар учествуваа 22...