Истражување: Младите не се вклучени во решавање на општински проблеми

Голем дел од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината, покажуваат резултатите од истражувањето „Потребите на младите на локално ниво“, спроведено од Здружението на граѓани „Младите можат“ во општините Струмица, Велес и Кочани

Фото: Image by natureaddict from Pixabay

Голем дел од младите никогаш не биле вклучени во решавање на некаков проблем во општината, покажуваат резултатите од истражувањето „Потребите на младите на локално ниво“, спроведено од Здружението на граѓани „Младите можат“ во општините Струмица, Велес и Кочани.

Според резултатите, 60,6% (Струмица), 48,2% (Велес) и 48,6% (Кочани) од младите рекле дека никогаш не биле вклучени во решавање некаков проблем во општината. Исто така, мнозинство од испитаниците рекле дека не се запознаени со тоа што е младинска политика: 57,6% (Струмица), 69,6% (Велес), 85,9% во (Кочани).

Истражувањето било спроведено во текот на февруари-март 2023 година, користејќи два пристапи: квалитативен пристап преку спроведување на фокус групи и квантитативен пристап преку спроведување на онлајн анкети.

Според истражувањето, над половина од испитаниците никогаш не учествувале во креирање на програма или буџет за млади во рамки на нивната општина: 53,5% (Струмица), 68,5% (Велес), 76,3% (Кочани). Најголем приоритет во областа Култура и спорт за младите во сите три општини е непостоење на културни манифестации за млади: 39% (Струмица), 47,1% (Велес), 46% (Кочани).

Актуелната ситуација со младите на локално ниво, ја поттикна потребата да се добијат конкретни податоци за вклученоста на младите во процесите на донесување одлуки и нивното учество во општествените текови на локално ниво. Младите се фактор за промени, потенцијал кој треба да се охрабрува и поддржува, пред се од нивните општества. Затоа, нивната улога во денешните општества е од големо значење за демократските процеси, па заради тоа нивното оспособување, развој и подготвеност се од клучно значење“, велат „Младите можат“.

Истражувањето „Потребите на младите на локално ниво“ е дел од проектот Младински локални банки. Во рамки на проектот се формирале три одбори на локалните банки во Струмица, Велес и Кочани, а 30 млади лица стекнале вештини за лидерство во заедницата, мапирање на проблеми и менаџирање со ресурсите на локалната банка.