Третина од младите пушат канабис, четвртина шмркаат кокаин

49 лица или 83 отсто од оние кои употребуваат психоактивни супстанции одговориле дека имале сексуални односи под дејство на вакви супстанци. Загрижувачко е дека само 37, 8 отсто редовно користеле кондом при вагинален сексуален однос, покажа истражувањето на ХОПС

Image by Mircea - All in collections from Pixabay

Половина од испитаните 119 млади на возраст од 18 до 35 години, рекле дека при ноќните излегувања употребуваат психоактивни супстанци. Од нив, 75 отсто тоа го направиле во последниот месец. Најупотребувана супстанца е алкохолот (44,5 отсто од вкупниот број на испитаници). Канабис употребиле 35,3 отсто од вкупниот број на испитаници, кокаин употребиле 24,3 отсто, а 21 отсто зеле МДМА, односно екстази.

Ова го покажа новото истражување на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје,  организацијата која учествувала во регионалниот проект „Млади за млади, заедно да работат”, финансиран преку Еразмус + програмите, а реализиран во партнерство со организациите „Ре Генерација” од Белград и „Удруга Тера” од Ријека.

Согласно наодите, амфетамини користеле 16,8 отсто од вкупниот број на испитаници, односно 20 испитаници или 33,9 отсто од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, а магични печурки употребиле 6,7 отсто од вкупниот број на испитаници.

„Најчест начин на употреба на психоактивните супстанци е орално со голтање 91,5 отсто, а следуваат назално со шмркање и пушење 88 отсто. Употребата со инјектирање на супстанцата која пред десетини години беше многу актуелна во Македонија, кај овие испитаници е многу ретка. Само двајца испитаници одговориле дека употребуваат супстанци со инјектирање“, велат во ХОПС.

Испитаниците на возраст меѓу 18 и 35 години

Ова истражување е една од активностите на проектот, согласно кој требало да се видат постоечките капацитети и пракса на регионалните младински организации што работат со млади кои учествуваат во ноќниот живот и/или употребуваат психоактивни супстанци во рекреативни опкружувања.

„Онлајн истражувањето се спроведе во период од една недела и вкупно 119 испитаници на возрaст од 18 до 35 години зедоа учество. Најголемиот дел од испитаниците се на возраст од 31-35 години (36 %) и од 22-25 години ( 30,2 %). Според род 57,14 % се жени, 39,5 % мажи, 2 учесници или 1,68 % се трансродни лица, 1 личност се изјаснила како небинарна личност и 1 не се изјаснила“, велат во ХОПС.

Според образованието најголемиот дел 70 отсто се со високо образование, а 30 отсто се со завршено средно образование.

Исто така, 85 отсто од младите одговориле дека се грижат за сопственото здравје и безбедност во текот на ноќните излегувања.

„Најчести начини за тоа како се грижат се: пијат повеќе вода, нарачуваат пијачки во шише или лименки кои сами можат да ги отворат, внимаваат да излегуваат со познати луѓе, во доцните часови не се враќаат пешки туку со такси, употребуваат психоактивни супстанци во умерени количини“, велат во организацијата.

Од оние 15 отсто кои рекле дека не се грижат за сопственото здравје и безбедност при ноќните излегувања, најголем дел причината за тоа ја лоцираат во тоа што употребуваат психоактивни супстанци кои ги прави да бидат нерационални, негрижливи, релаксирани и помалку внимателни.

„Безбедноста на ноќниот живот во Македонија испитаниците го оценуваат како средно безбеден со оценка 3 на скалата од 1 до 5 . Но и покрај тоа дури 66,4 отсто од испитаниците имале непријатно искуство при ноќните излегувања. Од испитаниците кои имале непријатно искуство, 69,6 отсто имале непријатно искуство со други посетители на настанот, 50,6 отсто имале непријатно искуство со полиција а 41,7 отсто со обезбедувањето на настанот. Негативно искуство поврзано со употреба на психоактивни супстанци имале 19 отсто од испитаниците. Само 30 отсто побарале помош или поддршка кога имале непријатно исксутво во текот на ноќните излегувања и при тоа во зависност од проблемот најмногу побарале помош од пријателите на кои им веруваат, од обезбедувањето или од граѓанските организации“, велат во ХОПС.

Испитаниците упатени во превентивата

Интересно е што дури 37 отсто од испитаниците се запознаени со програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги спроведуваат граѓанските организации, а 9, 24 отсто користеле услуги од овие програми.

Испитаниците сметаат дека имаат добро познавање за супстанциите кои ги употребуваат, па дури 96,4 отсто од вкупниот број на испитаници (119) одговориле дека се запознаени со ризиците од употребата на психоактивни супстанции.

„Сепак, и покрај тоа ризичното однесување поврзано со употребата на психоактивни супстанци е големо. Така, над 50 отсто од испитаниците кои употребуваат психоактивни супстанции при ноќните излегувања зеле супстанца за која не биле сигурни што е тоа што го употребуваат. 45,7 отсто од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца одговориле дека го споделуваат приборот при употреба на психоактивните супстанци. Во зависност од видот на приборот кој го користат, ризикот од пренесување на инфекции може да биде поголем ако се споделува приборот за инјектирање и приборот за назална употреба на супстанцата. Уште позагрижувачки е дека дури 73 отсто од оние кои употребуваат супстанци рекле дека ги мешаат психоактивните супстанци, односно во текот на ноќта употребуваат повеќе видови на психоактивни супстанции што дополнително влијае на ризикот од предозирање или нарушување на здравствената состојба“, покажало истражувањето.

49 лица или 83 отсто од оние кои употребуваат психоактивни супстанции одговориле дека имале сексуални односи под дејство на психоактивни супстанци. Загрижувачко е дека само 37, 8 отсто редовно користеле кондом при вагинален сексуален однос.

„Ако прифатиме дека навистина испитаниците имаат познавања за ризикот од употребата на психоактивни супстанци како што одговориле 96,4 отсто од нив, очигледно е дека постои голема разлика помеѓу нивното познавање и однесувањето. И покрај нивните познавања, тие употребуваат психоактивни супстанции на прилично ризичен начин и под дејство на психоактивните супстанции се впуштаат во ризчини односно незаштитени сексуални односи“, потенцираат во ХОПС.

Вкупно 28,5 отсто од бројот на испитаници, биле сведоци на предозирање или труење со психиоактивни супстанци што укажува дека бројот на предозирања во државата не е вооппшто мал.

„Дури 96 отсто сметаат дека имаат познавања за начините на пренос на ХИВ, хепатитс и другите сексуално преносливи инфекции. 76 отсто знаат каде можат да се тестираат за истите овие инфекции. 43,7 отсто се тестирале за ХИВ, 28,5 отсто се тестирале за хепатитис, а 35 отсто се тестирале за друга сексуално пренослива инфекција“, се наведува во наодите.

Дури 91,6 отсто од младите сметаат дека тие не се доволно информирани за јавните политики кои се однесуваат на нив. 93,2 отсто сметаат дека носителите на одлуки не се доволно запознаени со потребите на младите.

„Речиси 80 отсто од испитаниците никогаш не учествувале во одредена јавна или младинска политика, а 91,6 отсто сметаат дека младите не се доволно вклучени во процесите на носење на одлуки за прашања кои се однесуваат на нив. За разлика од тоа дури 56,3 отсто рекле дека учествувале во некоја активност на граѓанска организација која се занимава со промовирање на интересите и правата на младите. Ова е многу поразличен податок од студијата од 2019 година според која 90 отсто од младите во Северна Македонија никогаш не биле дел од граѓанска/ невладина организација или иницијатива“, се наведува во соопштението на ХОПС.