Мамење на испит и условување да се купи книгата на професорот – најчести несакани однесувања на универзитетите

Само три проценти од анкетираните студенти кажале дека на некој начин реагирале на корупција на универзитетот

Фото: Image by Michal Jarmoluk from Pixabay

Кај 20 отсто од студентите во земјава постои мислење дека корупцијата е многу или екстремно многу распространета на факултетот на кој студираат, додека според 24 отсто од анкетираните, корупцијата била умерено присутна на нивните факултети.

Ова го покажа истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ за перцепцијата на корупцијата меѓу студентите на државните универзитети во Северна Македонија.

Од специфичните видови на несакано однесување на факултетите, студентите рекле дека најприсутно е мамењето на испити од нивна страна – ова го навеле 21 отсто од испитаниците.

Условувањето на студентите да ја купат книгата од професорот како би го положиле испитот или би добиле подобри оцени е на второ место според зачестеност, при што ова коруптивно однесување го навеле 20 отсто од испитаниците.

На трето место е практиката студентите да им плаќаат на други лица за пишување на семинарски трудови и дисертации (12 отсто).

Дека од нив било побарано мито на професори, се изјасниле 9 отсто од студентите.

Од друга страна, само 3 проценти од анкетираните студенти експлицитно кажале дека на некој начин реагирале на корупција на универзитетот. Најголем дел од испитаниците – 59 отсто – рекле дека немало посебна канцеларија за пријавување корупција, додека 38 отсто рекле дека не знаат дали на нивната установа постои таква канцеларија.

Кога станува збор за најсоодветните форми за пријавување на корупција, студентите во најголем дел (42 проценти) преферираат онлајн формулар за пријавување.

Запрашани зошто корупцијата не се пријавува, една третина од испитаниците во Северна Македонија ги навеле последиците за оној кој пријавува.

Резултатите од истражувањето беа презентирани на Тркалезната маса „Универзитети без корупција во Албанија, С. Македонија и Србија“ што се одржа вчера во организација на ИСИЕ. Освен во земјава, вакво истражување било спроведено и на јавните универзитети во Албанија и Србија.

Проектот, инаку, е поддржан со регионален грант на SMART BALKANS – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, регионален проект имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (БиХ), Центарот за истражување и креирање политики (Северна Македонија), Институтот за демократија и медијација (Албанија) и финансиски поддржан од норвешкото Министерство за надворешни работи.