fbpx

ЦГК: Нетранспарентно се издаваат спортските објекти во општините и во училиштата

Општините и училиштата ги доделуваат на користење објектите за спорт врз основа на добиени барања од спортските клубови, од здруженијата и од граѓани, а не во транспарентни постапки со претходно објавување јавен повик и со прецизно утврдени услови, критериуми и цени, се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации

-

Од вкупно 42 објекти за спорт во Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип, дури 7 се вон употреба поради оштетувања и застареност, а со 12 спортски објекти (лоцирани во Битола, во Струмица, Тетово и Чаир) не ни располагаат локалните власти, туку се добиени на трајно користење, откако ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата веќе склучило договори со правни субјекти за нивно користење.

Општините и училиштата ги доделуваат на користење објектите за спорт врз основа на добиени барања од спортските клубови, од здруженијата на граѓани и од заинтересираните граѓани, а не во транспарентни постапки со претходно објавување јавен повик и со прецизно утврдени услови, критериуми и цени.

Ова се вели во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации „Мапирање на состојбите со објектите за спорт во општините спроведено во 8 општини“ (Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и Штип). Во извештајот се додава дека ваквата пракса остава простор за волунтаристичко постапување и
можност за неправилно и несоодветно користење на објектите за спорт.

Истражувањето открива дека освен тоа што спортските објекти се издаваат на користење на нетранспарентен начин, голем дел од овие објекти имаат нерешен статус, не се користат доволно од локалното население за спорт и рекреација и доминантно се издаваат без надомест со што не генерираат приходи кои потоа би се вложувале во нивното редовно одржување и осовременување.

„Со оглед на големите инвестициски вложувања на државата во спортските објекти и нивното значење за спортската дејност, управувањето со тој имот претставува област која сериозно го засега јавниот интерес“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Осумте општини кои биле предмет на мониторинг имаат вкупно 42 објекти за
спорт, а училиштата во овие општини располагаат со 124 објекти.

На користење се издаваат само 46 од 124 објекти за спорт со кои располагаат училиштата, кои ги издаваат спортските објекти по добиена согласност од општините, но без претходно објавување јавен повик до сите заинтересирани страни, со
исклучок на две училишта.

„За разлика од општините, сите училишта што ги издаваат своите спортски сали и објекти наплатуваат за таа услуга. Притоа, воочена е голема разлика во цените по кои спортските објекти се издаваат од страна на училиштата. Цените за користење на
училишните спортски сали се движат од 200 до 1.300 денари од час“, стои во извештајот.

Во Општина Тетово, на пример, од 13 училишта што имаат спортски објекти, само 5 ги издаваат на надворешни правни и физички лица. ЦГК воочил големи разлики во цените за издавање, како и отсуство на транспарентност на процесот. Понатаму, училиштата во Општина Битола ги даваат на користење објектите за спорт по претходно добиена согласност од Општина Битола и не објавуваат повици за издавање на објектите за спорт кои се во нивна сопственост или со кои управуваат, туку издавањето се спроведува по барање на корисниците. Во Општина Струмица, пак, предмет на издавање се спортски сали на 7 училишта за кои не се објавуваат
јавни повици.

Во однос на општините, пак, само Штип има усвоено Правилник за утврдување на условите и за начинот за користење спортски терени и објекти, а од страна на училиштата тој број е поголем, но тоа не влијаело значајно кон зголемување на транспарентноста на процесот на издавање на објектите.

Од ЦГК велат дека потребно е сите општини да усвојат интерни акти (процедура, политика или друг вид документ) со коишто би се уредила постапката за управување со објектите за спорт, како и нивното издавање на користење.

„Немањето интерни акти во кои јасно ќе се прецизира управувањето со објектите за спорт говори за слабости во управувањето со објектите, што несомнено и довело до состојба во која значаен дел од спортските објекти не се функционални, а дел од нив, иако се функционални, не се користат“, се вели во истражувањето.

Во однос на училиштата, пак, се наметнува потребата од донесување унифицирани интерни акти со кои ќе се регулираат процесот и условите на издавање на објектите за спорт на ниво на една општина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...