Германија со кампања: запознајте се со новата колешка – вештачката интелигенција

Хајл очекува дека во Германија најдоцна до 2035 година практично нема да постои работно место без вештачка интелигенција

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл во вторникот го отвори првото студио за вештачка интелигенција во Минхен; Фото: Sven Hoppe/dpa

Што сè вештачката интелигенција може да направи и зошто не треба да се плашиме од неа? Германската влада со проект од 4,1 милиони евра сака да ја приближи вештачката интелигенција до вработените, работодавачите, малите и средните претпријатија, пишува германската новинска агенција ДПА. 

Министерот за труд Хубертус Хајл вчера во Минхен го отвори студиото за вештачка интелигенција, уште едно вакво студио се планира во Штутгарт, а низ цела Германија се лансира кампања.

Проектот на германската влада треба да ја претстави вештачката интелигенција на конкретни примери. Ќе се демонстрираат апликации за безжични одвртки и завртки кои покажуваат дали штрафот е поставен како што треба, програми за визуелизација за столари, помош во контролата при производство и други примери.

Хајл очекува дека во Германија најдоцна до 2035 година практично нема да постои работно место без вештачка интелигенција. Притоа, тој нагласува дека треба да се знае оти новата технологија не значи дека луѓето веќе нема да работат. Но, во иднина, додава тој, работата ќе биде поинаква.

Германија има добри предуслови за користење на вештачката интелигенција. Технолошките промени мора да се прифатат доколку земјата сака да биде успешна.

„Ние сакаме вештачката интелигенција да им служи на луѓето, а не обратно“, изјави тој.

Притоа, главното прашање е – како би можело на колешката вештачка интелигенција да ѝ се верува, изјави германскиот министер Хајл.