fbpx

„Сонцето на Македонија“ не може да се наоѓа на валутата на БРИКС, затоа што БРИКС нема валута

Сонцето коешто се наоѓа во средиштето на симболичната банкнота има 12 краци  и воопшто не наликува ниту на македонското државно знаме, ниту на Сонцето од Кутлеш

-

Станува збор за симболична банкнота, која рускиот амбасадор во Јужна Африка, Илја Рогачев, му ја подарил на шефот на дипломатската мисија на ОАЕ, Махаш Саид Алхамели. БРИКС – неформална група на држави која ја сочинуваат Федеративна Република Бразил, Руската Федерација, Република Индија, Народна Република Кина и Јужноафриканската Република, воопшто нема валута. Освен тоа, сонцето коешто се наоѓа во средиштето на симболичната банкнота има 12 краци  и воопшто не наликува ниту на македонското државно знаме, ниту на Сонцето од Кутлеш. Македонското државно знаме е на црвена позадина на која има златно сонце, со осум сончеви краци. Сонцето од Кутлеш, знамето коешто порано се користеше како македонско знаме, има 16 краци,, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека „сонцето на Македонија“ се наоѓа на валутата на БРИКС. Ова не е точно.

SONCETO NA MAKEDONIJA NA VALUTATA NA BRIKS … NEKOJ IZGLEDA DOBRO ZNAE SHTO PRAVI !

Објава на Фејсбук на којашто се тврди дека сонцето на Македонија се наоѓа на валутата на БРИКС доби огромно внимание на социјалната мрежа. Притоа, на објавата е прикачена фотографија од наводната банкнота која треба да ја претставува валутата на БРИКС. Но, оваа објава не е точна, односно споделува повеќе невистини.

Имено, БРИКС воопшто нема валута.

БРИКС е неформална група на држави која ја сочинуваат Федеративна Република Бразил, Руската Федерација, Република Индија, Народна Република Кина и Јужноафриканската Република. БРИКС е формиран со идеја да биде алтернатива на западните системи. Главните сфери на соработка се економијата, финансиите, политиката, безбедноста, културата… Земјите членки заеднички работат и на борбата против тероризмот, перењето пари, трговија со дрога, корупцијата.

Но, оваа група на земји нема една заедничка валута, како што се тврди во објавата, иако некои од државите членки тоа го бараат.

Бразилскиот претседател, Луис Инасио Лула да Силва на последниот самит на БРИКС, кој се одржа во Јоханесбург на крајот на август, даде предлог земјите од БРИКС да создадат заедничка валута за трговија и инвестиции меѓу себе, како средство за намалување на нивната ранливост на флуктуации на курсот на доларот. Но, официјални лица и економисти укажуваат на тешкотиите на кои ќе наидат за да се реализира таков проект, со оглед на економските, политичките и географските разлики меѓу Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Сепак, пред одржувањето на самитот јужноафриканските власти рекоа дека валутата БРИКС не е на агендата на собирот.

Никогаш не се зборувало за валута БРИКС, тоа не е на дневен ред. Она што го кажавме и продолжуваме да го продлабочуваме е тргување во локални валути и порамнување во локални валути, изјави на брифингот за медиумите Анил Сооклал, амбасадор на Јужна Африка во Азија и БРИКС еден месец пред почетокот на самитот.

Индискиот министер за надворешни работи, претходно, овој месец, изјави дека валутите ќе останат „национално прашање уште долго време“, додека гувернерот на централната банка на Јужна Африка, Лесетја Кгањаго, истакна дека заедничка валута би била „политички проект“.

Ако го сакате тоа, ќе мора да добиете банкарска унија, ќе мора да добиете фискална унија, мора да постигнете макроекономска конвергенција. Поважно, потребен ви е механизам за дисциплинирање на земјите кои не дејствуваат во согласност со него… Дополнително ќе им треба заедничка централна банка… каде ќе се наоѓа таа?, рече Кгањаго.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека на самитот, на кој тој присуствуваше преку видео-врска, ќе се разговара за префрлање на трговијата меѓу земјите-членки од доларот на националните валути.

Кина не ја коментираше идејата. Претседателот Си Џинпинг зборуваше на самитот за промовирање на „реформата на меѓународниот финансиски и монетарен систем“.

Она што е покажано на фотографијата од Фејсбук објавата не е официјална валута на БРИКС. Станува збор за симболична банкнота која рускиот амбасадор во Јужна Африка, Илја Рогачев, му ја подарил на шефот на дипломатската мисија на ОАЕ, Махаш Саид Алхамели, пренесува иранската новинска агенција ИРНА. Според агенцијата, дипломатот рекол дека банкнотата е направена во Русија.

Рогачев го подарил сувенирот на прием во амбасадата на ОАЕ во Преторија, посветен на пристапувањето на земјата во БРИКС, откако на самитот во Јоханесбург беше одлучено Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Иран, Египет, Етиопија и Аргентина да бидат поканети да станат членки на БРИКС.

Според објаснувањата дадени во медиумите, централниот дел на симболичната банкнота ги прикажува националните знамиња на петте членови на групата – Бразил, Кина, Индија, Русија и Јужна Африка – поставени во прстен. Секое знаме е придружено со името на државата, напишано на еден од официјалните јазици. Над соодветното знаме има слика на архитектонско обележје или културно место поврзано со секоја одредена земја.

А, бидејќи БРИКС воопшто нема валута, „сонцето на Македонија“ не е можно да се наоѓа на валута која е непостоечка. Но, дури и ова да беше навистина некаква легитимна банкнота, нема никаква причина „сонцето на Македонија“ да се наоѓа на банкнота на група на земји во која С. Македонија не е членка, ниту, пак, има аспирации да биде. Освен тоа, сонцето коешто се наоѓа во средиштето на симболичната банкнота нема никаква врска со С. Македонија. Македонското државно знаме е на црвена позадина на која има златно сонце, со осум сончеви краци. Сонцето од Кутлеш, знамето кое што порано се користеше како македонско знаме, е сонце со 16 краци. Сонцето кое што е претставено на симболичната банкнота има 12 краци и воопшто не наликува ниту на македонското државно знаме, ниту на сонцето од Кутлеш, па така сосема неточно се тврди дека тоа е македонско сонце.

Според сите наведени факти, оценуваме дека не е вистината оти македонското знаме се наоѓа на валутата на БРИКС, а, исто така, невистина е и дека БРИКС има валута.

 

hubeng

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...