fbpx

ИВЗ со висока доверба меѓу своите верници од дури 67 проценти

Kако политичка партија за која верниците имаат мислење дека има најголемо влијание врз ИВЗ се смета ДУИ – речиси 54 отсто мислат дека оваа партија има најголемо влијание врз ИВЗ

-

Доверба во Исламската верска заедница (ИВЗ) имаат 66,7 отсто од анкетираните муслимани, од кои 22,8 отсто рекле дека имаат „целосна доверба“, а 43,9 проценти одговориле дека имаат „донекаде“ доверба во ИВЗ. Од друга страна, 4,8 отсто од испитаниците рекле дека воопшто немаат доверба во Исламската верска заедница како институција.

Ова го покажува новото истражување на јавното мислење што го спроведоа Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), интернет порталот Религија.мк и Фондацијата Конрад Аденауер. Станува збор за специјализирано истражување на јавното мислење со кое биле анализирани одговори за улогата на ИВЗ во општеството, нејзината доверба кај муслиманите, како и улогата на Исламот во општеството.

Анализата покажала дека ИВЗ ужива висока доверба меѓу своите верници во Северна Македонија.

Притоа, поглаварот на ИВЗ – Шаќир Фетаху, ужива највисока доверба меѓу верниците – целосно или донекаде доверба во него имаат 56,1 отсто од анкетираните граѓани. Висок процент на доверба уживаат и муфтиите и имамите.

Според одговорите собрани во истражувањето, муслиманите во Северна Македонија повеќе би побарале помош за решавање на проблеми од својот имам, отколку од државните институции кои всушност треба да се насочени за помош при одредени предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Така, 35,8 отсто рекле дека како опција за помош попрво би го избрале имамот во споредба со 32,3 отсто кои одговориле дека попрво би побарале поддршка од државните институции.

Над 70 отсто од испитаниците одговориле дека религијата во нивниот секојдневен живот има големо или донекаде големо влијание.

Кај испитаниците се поделени мислењата околу тоа дали постојат одредени процеси кои се поврзани со надворешни влијанија од политиката, што се рефлектира и во перцепцијата при избор на поглавар и муфтии – 56,6 отсто од анкетираните сметаат дека „ИВЗ е подложна, или донекаде подложна на политички влијанија“.

Притоа, како политичка партија за која верниците имаат мислење дека има најголемо влијание врз ИВЗ се смета ДУИ – речиси 54 отсто сметаат дека оваа партија има најголемо влијание врз ИВЗ. Околу 3 отсто сметаат дека тоа е Беса, 3 отсто – Алтернатива, додека 2 отсто од испитаниците ја посочиле Алијанса за Албанците како партија со најголемо влијание при изборите во ИВЗ.

Граѓаните се поделени во однос на тоа дали самата ИВЗ треба или не треба да има политичко влијание во јавниот живот, односно 41,4 проценти сметаат дека ИВЗ треба или донекаде треба да биде инволвирана во политичкиот живот, додека 40,2 отсто се делумно или целосно против.

Верскиот радикализам е предизвик за муслиманите во државата – 10,5 отсто од испитаниците сметаат дека тој постои кај поголем дел од популацијата, додека 25,4 проценти сметаат дека верски радикализам има кај одреден дел од популацијата.

За разлика од хиџабот и особено бурката, носењето шамија е прифатливо за најголем дел од муслиманите во земјава. 88 отсто сметаат дека носењето шамија е личен избор, без влијание на некој близок или на ИВЗ.

Околу 76 отсто од испитаниците рекле дека целосно или донекаде одобруваат носење на шамија, 12 отсто се изјасниле дека донекаде не одобруваат, а 5 отсто одговориле дека воопшто не одобруваат носење шамија.

Истражувањето потврдува дека најголемиот дел, односно 98,7 проценти од муслиманите во Р.С. Македонија се припадници на Сунитскиот ислам и огромно мнозинство – 94,8 отсто од нив се декларираат како религиозни или донекаде религиозни. Во тој контекст, висок е процентот на оние муслимани кои практикуваат да постат – 51 отсто „секогаш постат“,  а 29,9 отсто „понекогаш постат“.

Истражувањето било спроведено во мај и јуни годинава, а во него биле вклучени 1.116 испитаници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...