Инспекторатот со дрон го снимал и следел дивото фрлање и палење отпад


Скопје, 1 февруари, 2018 - 11:23 (META) 

На подрачјето на Скопје состојбата со загадениот воздух е веќе под прагот на алармирање, извести Државниот инспекторат за животна средина на својата Фејсбук страница, повикувајќи се на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот од 31 јануари.

„Се прекинува епизодата за надминување на прагот за алармирање за две мерни места во Скопје Лисиче и Ректорат за два последователни дена, бидејќи концентрациите за PM10 се под дефинираниот праг согласно легислативата“, соопшти Инспекторатот.

Оваа институција вчера вршела набљудување со изнајмен дрон над местата од кои може да се создава загадување на воздухот и откривање на прекршителите.


Ситуацијата со отпадот во Македонија е очајна, предупредува „Ајде Македонија“


Скопје, 22 април, 2017 - 12:10 (META) 

Македонија се наоѓа во очајна состојба во справувањето со отпадот и со можностите кои постојат доколку поинаку се постапува со него, предупредуваат од Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, а по повод 22 Април – Денот на планетата Земја.

„Ситуацијата со управувањето со отпадот во Република Македонија се карактеризира пред сè како супстандардна и неефикасна, а системот е попречен од сериозни организациски и технички недостатоци. Тоа резултира со различни дисфункционални системи на национално и на општинско ниво и со негативни ефекти врз животната средина и здравјето на луѓето“, стои во соопштението на „Ајде Македонија“.

Оттаму велат дека околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, со што се пропушта можноста за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци.

„Затоа, ние бараме имплементирање на правилата кои веќе ги имаме утврдено во нашето законодавство, а тоа се стандардите наведени во Директивата за отпад. Тие се засновани на хиерархијата во управувањето со отпадот, односно да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија“, велат од Асоцијацијата.

Според „Ајде Македонија“, во земјава има 54 комунални депонии и стотици нелегални или „диви“ депонии, од кои 16 се со висок ризик по животната средина, потоа 16 со среден и 19 со низок ризик. Дополнително, во Македонија има 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето што живеат во нивна близина.

Од Асоцијацијата апелираат што побргу да се најде политичка волја за решавање на овој проблем.


Tркалезна маса: Еколошките политики се нереални


Тетово, 9 март, 2016 - 16:18 (META) 

Во Македонија државните политики од областа на екологијата се спроведуваат бавно, смета универзитетскиот професор Зоран Шапуруќ, учесник на тркалезната маса „Како се трошат народните пари и колку се инвестира во животната средина“ што се одржа во Тетово.

Тој смета дека еколошките политики се нерални и во практика многу малку се остварува од сето она што е планирано во поглед на заштита на животната средина.

– Потребен е повеќесекторски пристап во примената на мерките, односно подобра координација и на институциите од екологијата, здравството, економијата, индустријата, транспортот. Нашите стратегии и планови треба да бидат во согласност со европските стандарди, но прилагодени на постојните услови и капацитети, како, на пример, обврската дека до 2015 година ќе рециклираме 50 отсто од отпадот, а на терен тоа се реализира со 10-15 отсто – изјави Шапуриќ.

Учесниците на тркалезната маса сметаат дека институциите недоволно ги искористуваат и ги трошат средствата за заштита на животната срединна, а од друга страна, малку се знае за искористливоста на отпадот.

– Извозот на отпад последните години бележи трицифрен пораст, што значи дека во него има економски интерес што не го согледуваме доволно. Од друга страна, иако има средства од ИПА-фондовите на ЕУ за уредување на осум регионали депонии за отпад во земјава, единствено скопска Дрисла исполнува некакви минимални стандарди, па затоа имаме негативно влијание врз почвата, водата и воздухот – смета Јосифовски.

На Универзитетот на Југоисточна Европа попладнево во организација на Институтот за економско истражување и политики „Фајнанс тинк“ од Скопје, а со подршка од британската амбасада во Скопје, се одржа и тркалезна маса посветена на економско-социјална тема, како дел од проектот „Како се трошат народните пари“.