Не знаеме колкави количества на електричен и електронски отпад завршува на депониите [инфографик]

Проекциите покажуваат рапиден раст на количините на електронска и електрична опрема што ќе биде пуштена на македонскиот пазар во наредните години

Фото: Мета.мк

Никој во Македонија не знае колкави количества на отпад од електрична и електронска опрема завршува на општинските депонии. Во реалноста, на секој чекор покрај реките и во доловите крај патиштата може да се пронајдат остатоци од фрижидери, шпорети, телевизори или компјутерски делови кои се составен дел на дивите депонии создадени од граѓаните. Свеста кај граѓаните и дел од компаниите дека овој отпад не треба да заврши во природата е ниска, но обврските од новиот Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, којшто беше донесен во јули 2021 година, се високи.

„Отпадот од електрична и електронска опрема е еден од најбргу растечките текови на отпад во ЕУ, со стапка од 3-5% годишно“, е првата реченица од Програмата за управување со посебни текови на отпад за периодот 2022-2031 година што ја има донесено македонското Министерство за животна средина и просторно планирање.

Во самата Програма се наведува дека пазарот на електрична и електронска опрема се развива многу брзо, со потенцијал во иднина да се генерираат значајни количества на отпад од електрична и електронска опрема во земјава, поради што Македонија мора да развие структура за нејзиниот третман.

Во Извештајот за проширена одговорност на производителите на Управата за животна средина од јуни минатата година се наведува дека во првите шест месеци од 2022 година во земјава биле пуштени на пазарот 4.233.304,9 килограми на електрична и електронска опрема, односно нешто над 4.233 тони. Во документот се наведува дека ваквата количина е само од регистрираните производители заклучно со 30 јуни 2022 година. Сепак, во Македонија и понатаму има нерегистрирани договорни производители. Со еден збор, количеството на електрична и електронска опрема пуштена на пазарот е многу поголема од овие официјални бројки.

Проекциите пак објавени во Програмата за управување со посебни текови на отпад за периодот 2022-2031 година покажуваат континуиран раст на количините на електронска и електрична опрема што ќе биде пуштена на македонскиот пазар во наредните години. Ако во 2023 година, проценките се дека на пазарот ќе се најдат нови 36.916 тони на електронска и електрична опрема, веќе четири години подоцна оваа бројка би се зголемила на дури 41.547 тони годишно.

 

Што потпаѓа под терминот електрична и електронска опрема?

Во новиот Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, којшто беше донесен во јули 2021 година се внесени шест категории на ваквата опрема, и тоа:

(1) опрема за температурна размена;

(2) екрани, монитори и опрема која има екрани од над 100 сантиметри квадратни;

(3) светилки;

(4) голема опрема (апарати за домаќинство, ИКТ, телекомуникациска опрема, опрема за потрошувачи, за осветлување, за репродукција на звук или слики, играчки, музичка опрема, електрични и електронски алати, опрема за спорт и рекреација, медицински уреди, инструменти за следење и контрола, автоматски диспанзери, опрема за производство на електрични струи и друга опрема поголема од 50 сантиметри;

5) мала опрема која е помала од 50 сантиметри и

(6) мала информатичко-комуникациска и телекомуникациска опрема чии димензии не се поголеми од 50 сантиметри.

 

Целта на земјава е до 2027 година да се собира 50% од Е-отпадот

Во Македонија има три лиценцирани колективни постапувачи со отпад од електрична и електронска опрема – ЕКОН ЕЛЕКТРОН, НУЛА ОТПАД и ЕЛКОЛЕКТ. Мета.мк упати прашања до сите нив, при што одговори доби од ЕКОН ЕЛЕКТРОН.

Од ЕКОН ЕЛЕКТРОН објаснуваат дека вкупниот годишен увоз и производство на електрична и електронска опрема која се пушта на пазарот изнесува 34.000 тони. Производителите и увозниците кои се во системот за колективно постапување на ЕКОН ЕЛЕКТРОН ДОО увезуват или произведуваат околу 9.000 тони, а соодветно на законот нивната компанија треба да собере, транспортира, третира, рециклира или на друг начин да преработи 25% од оваа бројка.

„Во нашиот систем за колективно постапување процесирани се 2.526 тони. Оваа опрема не е завршена на депонии туку понатаму употребена е како секундарна суровина во циркуларната економија“, велат од ЕКОН ЕЛЕКТРОН за работењето лани.

Од овој колективен постапувач објаснуваат дека собраната опрема од граѓаните и компаниите од нивна страна се предава на компании кои поседуваат соодветни лиценци за преработка и рециклирање, а тие понатаму постапуваат со истата.

„Во нашата држава најголем дел од процесот е само примарна селекција и третман и скоро цела опрема се извезува“, информираат од ЕКОН ЕЛЕКТРОН.

Во делот на проблемите, тие објаснуваат дека еден од нив е вклучувањето на сите производители и увозници во некој од системите на колективните постапувачи кој се одвива бавно во делот на продолжената одговорност на производителите.

„Друг проблем кој би го истакнале е во собирањето, транспортот, третманот и рециклирањето каде постојат условно кажано “free-riders” кои овие операции не ги изведуваат онака како што треба“, додаваат од ЕКОН ЕЛЕКТРОН.

Во однос на тоа колкави количества, односно колкав процент од Е-отпадот завршува на македонските депонии, од колективниот постапувач ЕКОН ЕЛЕКТРОН одговараат дека е малку специфично да се одговори на ова прашање.

„Постои отпадна електрична и електронска опрема која е многу ситна како на пример телефон, миксер, тостер, но и габаритна опрема како на пример, шпорети, машини за перење, фрижидери и од тој аспект во дадениов момент немаме анализа или податоци за колкав процент од овој тип на отпад завршува на депонии“, објаснуваат од ЕКОН ЕЛЕКТРОН.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека колективните постапувачи имаат обврска да ги достават Годишните извештаи за претходната година најдоцна до 31 март годинава, по што ќе се знае колкави количества на електричен и електронски отпад биле собрани во 2022 година.

Од ова министерство велат дека како надлежен орган за надзор над примената на законот и прописите за овој вид на отпад ја следат состојбата и дека следни чекори се доследно имплементирање на законските обврски од страна на производителите, колективните постапувачи и рециклаторите.

Во Програмата за управување со посебни текови на отпад за периодот 2022-2031 година се наведува дека процентот на собрана електрична и електронска опрема која би била подложна на натамошно рециклирање и преработка во Македонија треба да расте, од 25% во 2022, на 50% во 2027 година. Овие национални цели зададени за собирање на Е-отпадот се различни од целите за рециклирање и преработка на отпадот од електрична и електронска опрема во ЕУ, каде веќе во 2019 година во земјите-членки требало 65% од просечната тежина на овој вид опрема пуштена на пазарот, во трите претходни години, да се рециклира и преработува.

Фото: Мета.мк

Од ЕКОН ЕЛЕКТРОН велат дека примарен чекор за зголемување на процентот на селекција и рециклирање во Македонија е подигнувањето на јавната свест на граѓаните и компаниите, при што ова не важи единствено за Е-отпадот, туку и за сите други видови на отпад. Бројот на барања за бесплатно преземање на отпадна електрична и електронска опрема кај нив расте, што пак значи дека се зголемува свеста кај македонските граѓани и компании.

Покрај натамошното подигнување на јавната свест за Е-отпадот, во земјава треба да се поработи и на поставувањето инфраструктура за неговото собирање, заедно со единиците на локалната самоуправа, јавните комунални претпријатија и останатите компании. Притоа, поставувањето на ваквата инфраструктура не треба да се концентрира само околу урбаните средини, туку на цела територија на земјава, објаснуваат од ЕКОН ЕЛЕКТРОН.