Виница, Штип и Пехчево први ќе почнат со чистењето на депониите, за Североистокот ќе се бара нова компанија

Кумановската депонија „Краста“ е една од локациите која што треба да се рекултивира, да се претвори во претоварна станица и да се изгради постројка за компостирање на биолошки отпад; Фото: Мета.мк

Во дел од општините од Источниот плански регион при крај е подготовката на планско-урбанистичката документација за чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубриштата, додека некои од локалните самоуправи и понатаму работат на изработката на документацијата која е предуслов за да се отпочне процесот. Општините Виница, Штип и Пехчево први ќе започнат со чистењето на натрупаниот отпад на локациите, бидејќи таму најбрзо оди изготвувањето на документацијата, информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Наспроти реализацијата во Источниот плански регион, ќе се почека на чистењето и рекултивацијата на ѓубриштата и депониите во Североисточниот плански регион.

За Североисточниот регион избраната компанија за изведба на работите се откажа и во тек е избор на друга компанија која ќе го врши чистењето. Постапката ја води Mинистерство за финансии и ЕУД, во овој момент“, велат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ова практично значи дека целата тендерска постапка ќе треба да се повтори за општините лоцирани на Североистокот од земјата. Инаку, за затворањето на постојните нестандардни депонии и ѓубриштата во двата плански региони беа избрани германска и турска компанија, коишто требаше да работат одделно на активностите за рекултивација на мапираните локации во двата региона.

Чистењето и рекултивацијата на загадените локации во Источниот и Североисточниот плански регион се одвива преку обезбедените средства од околу 10 милиони евра и со нив треба да се затворат нестандардните депонии во 18 општини од двата региона, но и да се исчисти отпадот расфрлан во 30-тина ѓубришта.

Во понатамошната фаза од реализацијата на проектот, во сите локални самоуправи од двата плански региона треба да се отстранат постојните диви депонии. Според податоците на надлежните власти, во Источниот регион се регистрирани вкупно 12 нестандардни општински депонии и 72 диви ѓубришта, додека во Североисточниот регион има вкупно шест општински депонии за чистење и 32 диви ѓубришта.

Целокупната постапка за чистење и рекултивација на локациите опфаќа неколку активности. Најпрво на постојните депонии и ѓубришта ќе биде забрането да се фрла дополнителен отпад, а покрај чистењето на акумулираното ѓубре, ќе се изврши и оградување на целокупниот простор.

Како наредни активности, јавните комунални претпријатија во секоја општина ќе бидат обврзани да водат грижа за рекултивираните локации, при што тие еднаш годишно ќе мора да вршат мониторинг на квалитетот на подземните води и визуелна проверка на теренот. Воедно, тие ќе бидат задолжени да ги чистат каналите за атмосферските води, два пати годишно да ја сечат тревата и да вршат топографско набљудување во однос на слегнување на телото на депонијата и стабилноста на прекривката што ќе биде поставена.

Инаку, во 2021 година во неколку наврати се одложи постапката за почеток на чистењето и рекултивацијата на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион. Првичното ветување од почетокот на лани беше дека планираните активности ќе започнат во текот на март 2021 година.

Цела година се одлага чистењето на депониите и ѓубриштата во општините од источна Македонија

Зададените рокови во неколку наврати беа пробиени, најпрво поради изборот на компании што ќе го вршат надзорот над работите, а подоцна поради обврската на секоја општина да изготви соодветна планско-урбанистичка документација.

Поради серијата на активности што треба да се спроведат на секоја одделна локација натрупана со ѓубре, за чистењето и рекултивацијата на депониите и ѓубриштата е неопходен временски период од една година.

Несоодветното управување со отпадот во моментов предизвикува бројни проблеми со загадувањето на воздухот, водите и почвите во двата плански региона. Најголемо незадоволство кај граѓаните предизвикува палењето на отпадот на постојните депонии, што предизвикуваше особени проблеми изминатава година во општините Штип, Виница и Кочани. На други локации, како што е случајот со кумановската депонија „Краста“, во непосредна близина на натрупаниот отпад се наоѓаат огромни површини засадени со разновидни земјоделски култури, што претставува опасност по безбедноста на храната што се произведува.