Цела година се одлага чистењето на депониите и ѓубриштата во општините од источна Македонија

Кумановската депонија „Краста“ е една од локациите која што треба да се рекултивира, да се претвори во претоварна станица и да се изгради постројка за компостирање на биолошки отпад; Фото: Мета.мк

Од март минатата година, преку април и септември, до ново ветување за претстојнава пролет. Ова е серијалот на ветувања од цела една година за почетокот на чистењето на нестандардните општински депонии и ѓубриштата што ги загадуваат водите, почвата и воздухот во 18 општини од Источниот и Североисточниот регион од земјава.

Почетокот на пролетта пристигна, но засега нема најава од државните и општинските власти за старт на проектот вреден околу 10 милиони евра. Депониите натрупани со ѓубре ќе треба да се исчистат, додека локациите да се рекултивираат, да се постави ограда околу нив и да се врши редовна контрола од општинските јавни претпријатија за квалитетот на подземните води, да се проверува стабилноста на прекривката што ќе биде поставена на депониите и да се чистат каналите за атмосферски води.

Мета.мк во два наврати на 7 и 15 март испрати прашања до Министерството за животна средина и просторно планирање, со барање за информации во однос на тоа кога ќе започне чистењето на дивите депонии низ истокот на земјава, како и рекултивацијата на постојните нестандардни општински депонии. Одговор до денешен ден не добивме на нашите прашања.

Последните информации што ги добивме од ова министерство на почетокот од годинава, беа дека се работи на комплетирање на неопходната документација, бидејќи дел од локациите што треба да се чистат и рекултивираат воопшто не биле вметнати во урбанистичките планови. Инаку, германска и турска компанија уште лани беа избрани за да почнат со процесот, којшто ќе значи затворање на постојните општински депонии и чистење на 30-тина диви депонии во Источниот и Североисточниот плански регион.

Реализацијата на целокупниот процес е дел од воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во двата региона.

Со обезбедените средства, во наредните месеци ќе се исчистат сите 104 идентификувани ѓубришта во двата региона. Паралелно со расчистувањето на ѓубриштата и рекултивацијата на нестандардните општински депонии, предвидено беше да отпочне и тендерската постапка за избор на изведувач што ќе ја гради регионалната депонија во селото Мечкуевци, општина Свети Николе.

Но, во меѓувреме, новиот градоначалник на општина Свети Николе, Дејан Владев на почетокот на годинава јавно изјави дека се спротивставува на изградбата на регионалната депонија на планираната локација, за која што е изработена комплетна проектна документација и треба да се распише тендер за пронаоѓање компанија што ќе ја гради.

По ваквата најава, Советот на општина Свети Николе на 25 февруари каде што мнозинството го има опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ одржа седница, на која што донесе одлука за дислокација на регионалната депонија од селото Мечкуевци. На оваа седница и советниците од СДСМ побараа да се слушнат аргумените против изградбата на регионалната депонија на предвидената локација, додека Левица побара задолжителен референдум.

Градоначалникот Дејан Владев на седницата рече дека референдумот е крајното решение, доколку владата се одлучи да ѝ ги одземе ингеренциите на општината во однос на депонијата. На општинската седница присуствуваше и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Благица Ласовска.

Покрај тоа што со ваквиот потег на општина Свети Николе се кочи изградбата на првата современа депонија по стандардите на ЕУ во земјава, општинската одлука најверојатно ќе има реперкусии не само по чистењето на ѓубриштата и затворањето на општинските депонии во двата плански региона, туку ќе ги доведе во опасност и обезбедените 40 милиони евра како неповратни средства од ЕУ за изградба на регионалната депонија.

Воедно, големото прашање што се поставува е кој ќе ги враќа средствата во вредност од неколку милиони евра за изработка на проектната документација за локацијата кај Мечкуевци, но и парите со кои веќе се купија камиони за собирање отпад и контејнери за селекција на отпадот за сите општини од Источен и Североисточен плански регион.

Инаку, чистењето на ѓубриштата и рекултивацијата на постојните општински депонии, кои всушност немаат никаква еколошка дозвола за работа и ја загадуваат околината, треба да се одвива во две фази. Претстојните активности што треба да започнат пролетва се прва фаза од целокупната постапка за затворањето на депониите и ѓубриштата во Источниот и Североисточниот плански регион. Со втората фаза што ќе следи во иднина, треба да се затворат сите преостанати локации, кои во моментов со натрупаниот отпад претставуваат опасност за почвите, водите и воздухот во овие региони.

Во Источниот регион се регистрирани вкупно 12 нестандардни општински депонии и 72 ѓубришта, додека во Североистиочниот регион има 6 општински депонии и 32 диви ѓубришта. Меѓу нив, најголема е кумановската депонија „Краста“, а голем дел од општините изминативе години се жалеа на палење на ѓубрето и загадување на воздухот поради депониите, како и на загадување на почвите и надземните и подземните води што се користат за разни потреби од населението.