(ГАЛЕРИЈА) Тетово меѓу највалканите европски градови, а не меѓу најчистите, како што вети Касами

На Порталб.мк можете да видите фотографии направени во последните три дена (10, 11 и 12.01.2024) при обиколка на некои критични точки во Тетово каде состојбата со отпадот е алармантна

Отпадот кај автобуската станица во Тетово (12.01.2024). Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Конечно, од 1 јануари Тетово ќе биде еден од градовите во групата европските градови познати по чистотата и по управувањето со отпадот, изјави градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, на 29 декември 2023 година, повикувајќи се на договорот со словенечката компанија на групацијата Заубермахер“ за управување со отпадот во Тетово. Но, сликата на терен, речиси две недели по 1 јануари, го покажува спротивното. Тетово се дави во ѓубре и мини депонии, пишува Порталб.мк.

На Порталб.мк можете да видите фотографии направени во последните три дена (10, 11 и 12.01.2024) при обиколка на некои критични точки во Тетово каде состојбата со отпадот е алармантна. Фотографиите се направени во јануари, и покажуваат колку ѓубре има по улиците. Најкритичната точка е кај автобуската станица каде е создадена една мала депонија која со денови не е исчистена.

Тоа најдобро може да се види на следното видео:

Иако Касами рече дека од 1 јануари Тетово ќе биде почиста, повикувајќи се на договорот со „Заубермахер“, на веб-страната на компанијата Заубермахер стои дека рокот на договорот со општина Тетово е петнаесет години и дека ќе стапи на сила во февруари 2024 година.

Порталб.мк се обрати со новинарски прашања и до оваа компанија, но до објавувањето на сторијата не добивме одговор.

Даут Мемиши од јавното Комунално претпријатие на прашањето од Порталб.мк за тоа зошто било кажано дека од 1 јануари компанијата ќе почне со работа, а на терен има многу отпад, рече дека се работи за недоразбирање.

„Мислам дека е недоразбирање, од моментот кога е потпишан договорот со приватната компанија со општина Тетово, тие имаат рок од 90 дена за да ја комплетираат целата потребна документација за да почнат со управување со отпадот во градот. Не е прецизирано дека е од 1 јануари, можеше да биде порано, но поради некои дозволи кои мора да се добијат преку Министерството за животна средина и просторно планирање и друга документација, има мало задоцнување. Сега се подготвуваме да започнеме со управување на отпадот од 1 февруари, а можеби и порано, но првата наплата ќе биде за месец февруари на почетокот на март“, рече Мемиши.

Во меѓувреме, на седницата на Советот на Општина Тетово беше донесена одлука за давање согласност на ценовникот за собирање и транспортирање на отпадот на територијата на општина Тетово. Беше нагласено дека за шест месеци од компанијата ќе се бара да достави извештај до советот за да се види како се работело со оваа регулатива.

Овој ценовник за собирање на отпад е за метар квадратен според следните групи:

  • За домаќинствата цената на собирање на отпадот ќе изнесува 3,20 денари за метар квадратен.
  • За првата подгрупа правни лица цената на собирање на отпадот ќе изнесува 4,35 денари за метар квадратен.
  • За втората подгрупа правни лица (мали, средни и големи субјекти) цената на собирање на отпадот ќе изнесува 4,95 денари за метар квадратен.

Потсетуваме дека на 10.11.2023 година општина Тетово потпиша договор за јавно-приватно партнерство со словенечката компанија од групацијата „Заубермахер“ за управување со отпадот во Тетово.

Во меѓувреме од Општина Тетово на 26 декември соопштија дека е започната реализацијата на првата фаза од договорот меѓу општината и приватната компанија Заубермахер-Словенија.

„Во Тетово пристигнаа повеќе од 400 пластични контејнери со капацитет од 1,1 м3, а во наредните денови ќе пристигнат и неколку камиони, но и нова облека за работниците. Во текот на јануари се очекува да се обезбедат многу поквалитетни услуги за граѓаните и работниците за создавање на подобри услови, чиста и квалитетна животна средина“, информираа од Општина Тетово.

Според договорот, приватниот партнер е должен по склучувањето на договорот, од страна на ЈКП „Тетово“ – Тетово, да прими најмалку 100 лица (69 технички работници и 31 административен работник) за вршење на комуналните услуги и да склучи договори за вработување со нив на неопределено време согласно Законот за работни односи, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.

Потсетуваме и дека во jануари 2023 година Советот на Општина Тетово донесе одлука  Јавното комунално претпријатие „Тетово“ да се подели на два нови субјекти, Јавно комунално претпријатие „Шара“ кое ќе се занимава со водоснабдување и Друштвото за производство и комунални услуги „Оаенеум“, кое ќе се занимава со комуналната хигиена. Во меѓувреме, актуелното ЈКП ќе продолжи со останатите дејности, конкретно со пазарите, паркови и зеленило и градските гробишта, односно со три дејности.