Кредитот од ЕБОР за регионалните депонии пред финално одобрување, општините да не ги кочат проектите

Фото: Мета.мк

Пред финално одобрување е кредитот во висина од 55,3 милиони евра за изградба на современите депонии за секој одделен регион во земјава. Следната недела кај нас доаѓаат експерти за животна средина и отпад од Лондон, така што владините очекувања се дека Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во брзо време ќе го одобри кредитот со којшто Северна Македонија конечно ќе може да ги воспостави регионалните системи за управување со отпад.

Сепак, досегашното искуство за одложување на изградбата на регионалните депонии не доаѓаше од непостоењето финансиски средства, туку првенствено од блокадата на општините и месното население каде што требаше да се градат ваквите проекти, коишто би овозможиле наместо на десетици места, отпадот да се одлага само на едно место за секој одделен регион од земјава.

Општина Свети Николе е последниот пример за блокада на изградбата на регионалната депонија за Источен и Североисточен плански регион. Во 2019 година идентичниот потег се случи со Општина Дебарца за регионалната депонија за Југозападниот плански регион, а Општина Гостивар во неколку наврати периодов навестуваше дека не сака „Русино“ да биде регионална депонија за Полошкиот регион.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека изградбата на регионалните депонии е еден од најважните проекти на национално ниво, поаѓајќи од фактот дека досега немаме ниту една инвестиција во регионален систем за отпад.

„Важно и задолжително е локалните самоуправи самите да соработуваат и да изнајдат решенија да направат регионални јавни претпријатија кои ќе ги менаџираат депониите, а ние како централна власт ќе им дадеме секаква поддршка. Важно е и да соработуваат и со нас и да немаме опструкции. Отпадот е голем проблем во земјава и решението е можно само ако сите соработуваме“, нагласува министерот Нуредини.

Тој додава дека веќе се определени локациите за изградба на регионалните депонии, и тоа за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион во Општина Новаци, за Вардарскиот и Југоисточниот плански регион во Општина Василево и за Полошкиот плански регион „Русино“ во Општина Гостивар. Средства се веќе обезбедени за реализацијата на капиталниот проект за Североисточниот и Источниот плански регион што треба да се лоцира во Општина Свети Николе, додека за Скопскиот регион останува во функција депонијата „Дрисла“.

„Не ни треба секоја година да добиваме барања од општините да правиме нови планови за депонии и да бараме нови локации за депонии. Времето го трошиме само на изработка на документации, имаме не знам колку проекти и анализи, но ниту една инвестиција и изградена инфраструктура за третман на отпадот во земјава“, вели министерот Нуредини.

Тој додава дека земјава конечно е во позиција да добие средства од ЕБОР за регионалните депонии, за Полошкиот регион дел од финансиите ќе се обезбедат и од Швајцарија, додека со финансии од ЕУ ќе се изведува современата фабрика за отпад во Општина Свети Николе.

Владата на РСМ лани одлучи да побара средства од ЕБОР за депониите по стандарди на ЕУ, кои ќе овозможат на една локација во секој одделен регион да се одлага собраниот отпад, без притоа да се загадуваат водите, почвата и воздухот.

Европската Комисија (ЕК) во Извештајот за реформскиот напредок со години наназад ја критикува Македонија дека нема воспоставено регионални системи за управување со отпад, забелешка што е присутна и во последниот Извештај за 2021 година. Од ЕК побараа годинава да се преземат значајни чекори за да се промени ваквата негативна состојба. Нашата земја веќе 18-та година ветува дека ќе ги изгради регионалните депонии, но договарањето на локациите за нивна изведба постојано се проблематизира. Во идентичниот период, соседна Србија за само неколку години успеа да изгради 10 од вкупно 26 регионални депонии што се потребни на нејзината територија.

Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека ако Македонија сака да стане членка на ЕУ, тогаш ќе мора да го реши прашањето за управување со отпадот. Прв приоритет е изградбата на регионалните депонии, чија изведба по нови стандарди треба да ја спречи актуелната состојба со палење на депониите и истекување на исцедокот од депониите што ја загадува почвата и водите. Втор приоритет е третманот на отпадот, и тоа рециклирање на дел од отпадните материјали, компостирање на биолошкиот отпад и согорување на дел од отпадот по пат на инсинерација, со цел да се минимизира количеството на ѓубре што ќе заврши на депонија.