Ниту прогласувањето на Шар Планина за национален парк не го реши проблемот со отпадот – институциите молчат

Отпад и диви депонии има насекаде низ Шара. Овој проблем долги години никако да се реши, а граѓанското општество алармира: Ако сакаме Шар Планина да ја претвориме во туристичка атракција, туристите нема да дојдат да го видат ѓубрето расфрлано насекаде

Фото: Порталб.мк

Ниту прогласувањето на дел од Шар Планина за национален парк не ги спречи несовесните граѓани да ја зaгадуваат природата, а ниту пак институциите посериозно да пристапат кон решавање на овој проблем. Отпад и диви депонии има насекаде низ Шара. Овој проблем долги години никако да се реши, а граѓанското општество алармира: Ако сакаме Шар Планина да ја претвориме во туристичка атракција, туристите нема да дојдат да го видат ѓубрето расфрлано насекаде. Тие бараат систематски решенија и соработка меѓу институциите, пишува Порталб.мк.

Несоодветното управување со отпадот, како со комунален така и со градежен, во 27-те села на 7 општини лоцирани во близина и во границите на Националниот парк „Шар Планина“, е една од причините зошто граѓаните го фрлаат својот отпад на секој агол, и со тоа ја загадуваат планината и создаваат диви депонии.

Но, ова не е единствениот начин за загадување. Граѓаните кои одат на Шар Планина на излети, планински прошетки или разни планински активности, често го фрлаат ѓубрето на земја, а тоа само одвреме навреме се чисти со доброволни иницијативи од љубителите на природата.

Непријатели на Шара

Поради ваквото загадување Шар Планина ќе ја изгуби смислата и основната намена како заштитено подрачје. Ова за Порталб.мк го изјави Метин Муареми од иницијативата „Пријателите на Шара“, кој вели дека доколку ваквото загадување на Шар Планина продолжи, таа нема да ја има улогата на заштитено подрачје за која тие како иницијатива се борат уште од 2015 година.

„Сметаме дека главниот проблем е свеста на населението, значи од тука почнува сè, ако некој фрли отпад, ако некоја фирма фрли отпад или ако некоја институција исто така не си ја врши работата, обичниот граѓанин е тој што треба да реагира“, вели Муареми.

Тој оценува дека институциите прават многу малку за да се реши овој проблем.

„Знаејќи ги капацитетите на институциите треба да направат многу повеќе, бидејќи во секоја општина бројот на инспектори кои се одговорни за управување и следење на овие случаи е многу мал. Ова е резултат на несоработката на општините кои се наоѓаат во полошкиот регион“, рече Муареми, кој меѓудругото објаснува дека ваквото загадување на Шар Планина има негативни последици и по здравјето на граѓаните.

„Надлежни се општините”

Фото: Порталб.мк

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за Порталб.мк истакнуваат дека прашањето за отпадот во Шар Планина е во надлежност на општините.

„Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) преку разни активности им помага на локалните власти да создадат регионален систем за управување со отпадот како трајно и одржливо решение. Дополнително се преземаат поединечни дејствија за собирање на отпадот на локации на Шар Планина од страна на различни субјекти, меѓу кои и Националниот парк „Шар Планина“. Но, ваквите дејствија не даваат долгорочни резултати, бидејќи на истите места преку ноќ повторно никнуваат диви депонии“, нагласуваат од Министерството.

Тие ги охрабруваат општините да ги опремат и зајакнат капацитетите на јавните претпријатија за да овозможат собирање на отпадот дури и на најоддалечените места.

Што се однесува на отпадот незаконски депониран во јавни површини на Шар Планина, и според Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), одговорни се општинските сектори за општински и еколошки дејности, како и општинските инспектори и чуварите.

„Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) е надлежен за управувањето со НП „Шар Планина“, додека пак делот за надзор на отпадот е во надлежност на локалните власти, како во случајот со Општина Тетово. ДИЖС врши надзор на подрачјето на нестандардните општински санитарни депонии со кои управуваат јавни општински претпријатија“, велат од Државниот инспекторат за животна средина за Порталб.мк.

Случајот на кој се повикува Инспекторатот се однесува на фрлање градежен отпад од страна на градежна компанија, а во однос на реконструкцијата на патот во населбата каде што се наоѓаат викендичките на Попова Шапка. Овој случај предизвика судир меѓу Општина Тетово и Националниот Парк „Шар Планина“.

„Жителите немаат можност да управуваат со отпадот“

Фото: Порталб.мк

Свесни дека со фрлениот отпад во Националниот парк нема да можат да ја остварат визијата за 2033 година – да бидат една од десетте најпосетувани дестинации во Европа, од Националната установа Национален парк „Шар Планина“ за Порталб.мк нагласуваат дека и покрај тоа што во нивната дејност не спаѓа чистењето отпад, во соработка со планинарските друштва и некои институции, се спровеле акции за чистење.

„За жал, излетничките места не се нашиот најголем проблем. Во рамките на Националниот парк има многу населени села и диви депонии. Во многу села отпадот не се собира редовно, но има и села во кои општините немаат систем за собирање на отпадот. Станува збор за селата Вејце, Бродец, Бозовце, Ѓермо, Вешала во Општина Тетово и селата Урвич, Јеловјане, Ново Село, Селце Кеч и Горно Палчиште од Општина Боговиње. Ова е причината поради која се обидуваме преку склучување на договори за соработка да ги активираме повеќе за целосно да ги спроведуваат нивните законски обврски“, велат од НУНП „Шар Планина“.

Од таму потенцираат дека сè додека општините не нудат ваква општинска услуга за граѓаните, „Шар Планина“ како институција не може да казнува бидејќи луѓето навистина немаат како да управуваат со отпадот.

Тие, меѓу другото, истакнуваат дека немаат конкретна соработка со општинските и државните инспекторати за животна средина за ова прашање.

Иницијативата „Пријателите на Шара“ заедно со НУ „Национален парк“ сакаат да го стават овој регион меѓу најатрактивните дестинации за младите или туристите од странство.

„Еден странец нема да дојде за да го види отпадот на секој агол. Мислам дека за ова е потребно едно систематско решение“, вели Муареми.

За пет години ниту еден пријавен случај во полиција

Од Министерството за внатрешни работи, поточно од Секторот за внатрешни работи Тетово изјавија дека од 2019 година до 2023 година не е пријавен ниту еден случај на загадување на Шар Планина.

Фото: Порталб.мк

Некои општини молчат, некои се правдаат, некои немаат инспектори…

За проблемот со загадувањето на Шар Планина и за тоа дали општинските инспекторати имаат изречено казни за загадувањето на планината контактиравме со седумте општини во чии граници се протега НП „Шар Планина“.

Само од Општина Теарце ни одговорија дека имаат изречено казни.

„Изречени се четири казни за физички лица, глобите се изречени со платен налог во износ од 50 евра до 150 евра за фрлање на отпад. Континуирано се спроведуваат активности како: информирање на граѓаните, едукација, опомени и казнени мерки“, соопштија од Општина Теарце.

Општина Маврово и Ростуше нема инспектор за животна средина.

„Општина Маврово и Ростуше нема инспектор за животна средина и затоа не можеме да одговориме на вашите прашања. Во општината е вработен само еден градежен инспектор, а други инспектори нема. За информациите што ги барате обратете се во Државниот инспекторат за животна средина, бидејќи тие го покриваат регионот каде што нема општински инспектори“, соопштија од Општина Маврово и Ростуше за Порталб.мк.

Од Инспекторатот за животна средина при Општина Гостивар информираа дека немаат изречено никаква казна бидејќи „немало пријави од жителите“.

Зуди Џелили од Општина Гостивар рече дека станува збор за покомплексен проблем, бидејќи несовесните граѓани скришно го фрлаат отпадот.

„Посебно ноќе кога е тешко да се откријат, за нивното идентификување и казнување треба да се вклучат повеќе фактори (особено полицијата)“, вели Џелили.

Инспекторот за животна средина во Општина Врапчишти, Ќатип Даути за Порталб.мк изјави дека во последните пет години нема прекршување на законот во однос на загадувањето на Шар Планина.

„Има некои области каде што порано се фрлаше инертен отпад, но сега тие се изолирани и немаме пријави или слично. Во однос на плановите и активностите ние работиме согласно законите на РСМ“, вели Даути.

Од Општина Тетово иако првично ни рекоа дека ќе одговорат на нашите новинарски прашања, сепак не дадоа одговори.

Одговори не дадоа ниту Општина Боговиње и Општина Јегуновци.

Инаку, решението за овој проблем, според Метин Муареми од иницијативата „Пријателите на Шара“, е институциите да соработуваат и плановите да не останат само на хартија, туку да се спроведуваат во пракса, главно од општините во полошкиот регион.

Инаку, по неколку децении чекање, на 30 јуни 2021 година Собранието на РСМ дел од Шар Планина го прогласи  за национален парк.

Новинар: Фисник Џелили