Ѓубрето на депонија е безвредно, но неговата селекција и третман може да донесе пари на општините [инфографик]

Фото: Мета.мк

Комуналниот отпад фрлен на депонија е безвреден, но селекцијата на ѓубрето и нејзиниот натамошен третман на собирните центри или трансфер станици на јавните комунални претпријатија би можело да ја зголеми вредноста на селектираниот отпад и да се постигне финансиски одржлив систем. Оваа порака ја испраќаат експертите во врска со загрижувачката состојба со нискиот процент на селекција на комуналниот отпад во Македонија, особено во главниот град.

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје минатата година се потрудило да го зголеми процентот на селектиран отпад во нивните рециклажни дворови. Во првите шест месеци од 2022 година од ова јавно претпријатие биле селектирани 5.390 килограми на ПЕТ амбалажа и најлон, 85.020 килограми на хартија и картонски кутии и 253.100 килограми стакло. Во овој период се селектирани и 260 килограми лименки од вработените на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, а селектираниот отпад од рециклажните дворови на ова јавно претпријатие им се предавал на „Пакомак“ и „Нутривет“, се наведува во Извештајот за работењето на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје за периодот јануари-јуни 2022 година.

Податоците за минатата година покажуваат тренд на пораст на селекцијата на отпадот од страна на најголемото јавно комунално претпријатие во земјава. Во првото полугодие од 2022 година, тие успеале да селектираат 343.510 килограми (343,5 тони) комунален отпад, наспроти 262.665 килограми (262,7 тони) колку што биле селектирани во истиот период од 2021 година.

И покрај зголемената активност на вработените за селекција на отпадот, сепак статистичките податоци покажуваат дека овој процент на ниво на главниот град е незначителен. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје само во првите шест месеци од 2022 година собрало и транспортирало на скопската депонија 76.856 тони комунален отпад. Следствено на ова, селекцијата на отпадот учествувала само со околу 0,45 отсто од вкупното количество на отпад што го собрало ЈП „Комунална хигиена“-Скопје во периодот јануари-јуни 2022 година. Притоа, треба да се напомене дека главниот град е убедливо најголем создавач на ѓубре во нашата земја, а со тоа и количествата на измешан комунален отпад што завршуваат на депонија се најголеми во Скопје.

Мета.мк во три наврати на 30 јануари, 6 и 13 февруари годинава се обрати преку електронска пошта до ЈП „Комунална хигиена“-Скопје за најнови податоци во однос на селекцијата на отпадот во текот на целата 2022 година, како и за тоа кога ќе се зголеми бројот на рециклажни пунктови низ општините во Скопје и кои новини и активности ќе ги преземат како јавно претпријатие за зголемување на процентот на селекција на отпадот. Одговори на нашите прашања не добивме до објавувањето на текстот.

Борче Кузмановски, експерт за отпад од Здружението „Гоу Грин“ за Мета.мк вели дека сите официјални бројки за селектираните количини за било кој тек на отпад се навистина мали и далеку се од целите кои сакаме да ги постигнеме. Иако постојат количини собрани преку различни иницијативи или акции (н.з. социјалното претпријатие „РЕДИ Рециклажа“, ЈП „Паркинзи на општина Центар“, „Пакомак“ во Скопје), и со нивниот ангажман, процентот на селектиран отпад е далеку зад посакуваната цел.

Во однос на скопското комунално претпријатие, Кузмановски вели дека „Комунална хигиена“ се соочува со слабите капацитети, застарените и дотрајани возила, кои не дозволуваат да се премине на поинаков систем на собирање, нудење на примарна селекција на отпадот, секундарна селекција, преработка на отпадот или пак кампањи за подигање на јавната свест во функција на намалување на создавањето отпад и неговата реупотреба.

„Самото претпријатие треба да направи анализа на досегашното работење, што е постигнато и што ќе се постигне доколку се продолжи со овој начин на работа. Доколку тоа сценарио не е посакуваното, тогаш е повеке од очигледно дека треба промени и реорганизација“, вели Борче Кузмановски од „Гоу Грин“.

Тој го наведува успешниот пример на комуналното претпријатие на Општина Прилеп, каде што на отпадот гледаат како на можност за дополнителна заработка. Директорите на комуналните претпријатија, додава Кузмановски, треба да формираат тимови кои заеднички би работеле под менторство на тимот од Прилеп кој успешно го имплементираше системот за селекција на отпад кој функционира во овој град.

„Нема ништо лошо во меѓуопштинска соработка, менторство и споделување на искуства и знаења ако крајната цел е подобро работење, подобра услуга, креирање на нови зелени работни места и поздрава и почиста животна средина“, посочува Борче Кузмановски.

Јавните комунални претпријатија треба да изнајдат модел како дел од неформалните собирачи на отпадот да се инкорпорираат во нивната структура, да ги искористат нивните вештини и искуство при селекцијата на отпадот, но и да инвестираат во опрема за третман на селектираниот отпад, бидејќи на тој начин се зголемува и неговата вредност.

„Со мала инвестиција за третирање на отпадот, постои можност за значително зголемување на неговата вредност, која понатаму овозможува дополнителни вложувања и сè подобар и подобар сервис кон граѓаните кои се крајни корисници“, порачува Борче Кузмановски.

За да се воведе ваквиот иновативен пристап, потребно е комуналните претпријатија да ја имаат поддршката од општините, но и да соработуваат со компании и иницијативи кои веќе работат на селекција на отпадот. Најблизок пример за Македонија е словенечкиот главен град Љубљана, кој е европски лидер со селекција на преку 70 проценти од целокупниот собран отпад. Има една важна разлика меѓу Скопје и Љубљана, која ги мотивира жителите на словенечката метропола да селектираат отпад.

„Кај нас надоместокот се пресметува по метар квадратен во станбената единица во која живееме. Ваквиот начин е демотивирачки за граѓаните од кои очекуваме да намалат создавање на отпад или пак да го селектираат, а секако ќе платат фиксен надоместок. Додека во Словенија, граѓаните имаат можност бесплатно да ги отстранат вредните состојки од отпадот како стакло, амбалажен отпад и органски отпад. За останатиот мешан комунален отпад ќе треба да платат надоместок пресметан по волумен или килограми. Така секој е мотивиран што повеќе од отпадот да го селектира, како би платил помалку“, објаснува Борче Кузмановски.

Успешни модели за справување со отпадот се создаваат, а за тоа се неопходни четири столба: развиена инфраструктура и добра услуга, легислатива во земјата, политичка намера и поддршка, но и добра комуникација со граѓаните. Во случајот со Македонија, ние имаме релативно нова легислатива за која отсуствува имплементацијата, слаба инфраструктура за селекција на отпадот, а досега не е преземено ништо за да се промени моделот за пресметување на надоместокот за ѓубрарина што го плаќаат граѓаните, смета Кузмановски.

Инаку, на ниво на главниот град, состојбата со минорниот процент на селекција на отпадот се провлекува како проблем со години наназад. Мета.мк веќе подолг период пишува дека Скопскиот регион создава најголемо количество на комунален отпад во национални рамки, но забележливо е дека ЈП „Комунална хигиена“-Скопје успева само минорен процент од него да селектира.

Комунална хигиена лани селектирала само 0,32 отсто од вкупниот отпад собран во Скопје

Само 0,3 отсто од собраниот отпад лани во Скопје бил селектиран, „Комунална хигиена“ вели не е исплатливо