Во острите критики што ги упатија државните ревизори кон државните и општинските власти во однос на третманот и справувањето со пластичниот отпад се најде и скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“. Тие тврдат дека јавното комунално претпријатие (ЈКП) од Скопје врши третман на пластичен отпад, иако не ги исполнува минималните технички критериуми за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка и не поседува дозвола за ова од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“, државните ревизори тврдат дека трговија со пластичен отпад може да се врши само доколку се поседува дозвола, а поради законска недореченост, ЈКП преку јавен оглас избираат преработувач на третираниот пластичен отпад, кој ќе понуди најдобра цена.
За упатените критики, од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје за „Мета.мк“ велат дека не вршат третман на пластичниот отпад, ниту пак располагаат со опрема за изведување на таков тип преработка.
„ЈП Комунална хигиена-Скопје ја врши дејноста собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Во рамките на овие активности, претпријатието во своите центри за селекција врши третирање на пет-амбалажата, хартијата и стаклото. Овие сировини понатаму се балираат и се предаваат во соодветните фирми коишто се занимаваат со нивна преработка – рециклирање“, велат од ова јавно претпријатие.
На територијата на Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ во 2020 година подигнала и транспортирала 158.476 тони комунален отпад, односно за 3,07 отсто повеќе во однос на претходната година. Од нив, во центрите за селекција лани е извршена селекција и балирање на 4 тони пластика, 14,04 тони хартија и 465,35 тони стакло. Севкупно, во 2020 година тие извршиле селекција на 483,39 тони комунален отпад, односно само 0,3 отсто од вкупниот собран комунален отпад во главниот град.
„Селектирањето и балирањето на сувата фракција на отпадот не се финансиски исплатливи за ЈП Комунална хигиена-Скопје. Овие активности се реализираат исклучиво во насока на заштита на животната средина преку намалување на количеството отпад што завршува на депониите“, ја објаснуваат за „Мета.мк“ причината поради која бил минорен процентот на селектиран отпад од ЈП „Комунална хигиена“.
Од ова јавно претпријатие се запознаени со новиот сет од шест закони за управување на отпадот, кои во моментов се наоѓаат на усвојување во Собранието на РСМ, а со кои се врши префрлање на регулативата на ЕУ во нашето законодавство. Со нив, општините имаат обврска да им овозможат на граѓаните да вршат селектирање на отпадот, обезбедувајќи им ја неопходната инфраструктура.
Од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје велат дека во декември 2019 година започнале со пилот-проект за примарна селекција на отпадот во населбата Влае, со кој се опфатени 500 индивидуални домаќинства кои го селектираат отпадот во две канти: сува фракција (пластика, хартија, метал, стакло) и влажна фракција (цвеќе, лисја, остатоци од месо, овошје, зеленчук и слично).
Во иднина, ваквиот пилот-проект тие планираат да го прошират на целата територија на Скопје, но засега ова е само заложба без прецизни рокови за реализација. Како и кај примарната селекција, и секундарната селекција на отпадот што ја врши ЈП „Комунална хигиена“ зависи од достапноста на средства. За да се воведе селекцијата на отпадот потребно е вложување на финансии, а притоа ваквата активност не е исплатлива.
„Центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште ќе продолжат со своите активности за селекција и балирање на сувата фракција на отпадот, а претпријатието во иднина планира покрај сувиот дел од комуналниот отпад, во целост да ја искористи и преработува и влажната фракција, преку поставување погон за компостирање на биоразградлив отпад во Центарот за селекција на отпадот во Вардариште, за што веќе е изготвен нацрт-проект што ќе биде реализиран во моментот кога ќе бидат обезбедени потребните финансиски средства“, велат од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.
Од Државниот завод за ревизија во објавениот Конечен извештај излегуваат со конкретна препорака до ЈП „Комунална хигиена“ да не ја вршат дејноста третман на пластичен отпад сè додека не ги исполнат минималните технички услови за истото и не добијат дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во објавените препораки до општините и до ЈКП, државните ревизори бараат да се воспостави ефикасен систем преку поставување на садови за селекција на отпад, специјални возила за собирање и транспортирање на селектиран отпад, набавка на преси за балирање и друга опрема за преработка на отпадот, со што би се вршела и примарна селекција на отпадот од граѓаните, но и секундарна селекција од страна на ЈКП.
„Мета.мк“ веќе неколку месеци наназад пишува за проблемите со управувањето на отпадот во земјава, при што веќе потенциравме дека токму Скопскиот регион создава најголемо количество на комунален отпад на ниво на целата земја.