Изградбата на регионалните депонии со години наназад е „жежок костен“ во рацете на македонските власти, кои проблемот со реализација на проектите постојано си го префрлаат од локалната на централната власт и обратно. Како резултат на ова, по повеќе од една деценија наназад, во земјава не е формиран ниту еден современ систем за третман на отпадот со негова селекција и рециклирање во регионите, но затоа пак дивите депонии се мултициплираат на секое ќоше во земјава. Досегашните неуспешни примери за трансформација на скопската депонија „Дрисла“ преку влез на приватен капитал само го усложнија сфаќањето на граѓаните како треба да работат идните регионални депонии. Наместо реализација на терен, во секој одделен регион се појави незадоволство во општините каде треба да бидат лоцирани регионалните депонии, со што пак де-факто се одложува реализацијата на овие проекти.

Североисточниот и Источниот плански регион најдалеку во реализацијата

Според Законот за управување со отпад, во земјава е предвидено да се формираат осум регионални депонии, со кој треба да се реши проблемот со ѓубриштата, сметилишта и постојните општински депонии кои не ги исполнуваат стандардите за заштита на животната средина. Низ годините, и експертите и надлежните власти сметаат дека ваквата бројка на регионални депонии треба да се намали на 5 до 7 вакви локации, земајќи го во предвид нискиот капацитет на општините за да работат меѓусебно во реализацијата на овие проекти.

На ниво на целата земја, најдалеку во постапката за формирање на регионална депонија се навлезени Североисточниот и Источниот плански регион, за кои таа ќе се гради на заедничка локација во близина на селото Мечкуевци, Општина Свети Николе. Финансирањето на изградбата на регионалната депонија и целосниот систем за управување со отпад во двата региона ќе биде покриено со неповратни средства од Европската унија во висина од 40 милиони евра, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Досега е набавена и ставена во функција современа опрема за собирање и транспорт на отпадот за јавните комунални претпријатија во двата региони, вклучувајќи камиони, опрема за претоварните станици и зелени и жолти контејнери за селекција на отпадот. Паралелно со ова, до крајот на годинава ќе заврши постапката за формирање на Јавно Меѓу-регионално претпријатие за управување со отпадот, до кога се очекува ова претпријатие да биде регистрирано.

По примерот во Скопје, нова современа опрема за собирање на отпадот добија и општините од Североисточен и Источен плански регион

„Постапката за распишување на тендерот за изборот на изведувач што ќе ја гради регионалната депонија во Мечкуевци е во тек, доставена е апликацијата до ЕУД и се очекува одговор од нивна страна“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање. Заедно со регионалната депонија во Мечкуевци, паралелно треба да стартува изведбата на двете претоварни станици во Куманово на локацијата на постојната општинска депонија „Краста“ и во Штип. Очекувањата на ова министерство се дека процесот на изведба ќе започне наредната година, а рокот за реализација би бил една година.

Што всушност претставува регионален систем за управување со отпад?

Севкупно земено, регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот плански регион би требало да прерасне во успешна приказна за современ третман на отпадот. Во идната регионална депонија во овчеполското село Мечкуевци, би постоеле одделни погони (постројки) за третман на отпадот, што подразбира механички пред-третман со сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг, компостирање на мократа фракција, рафинација и зреење. Посебна постројка ќе има за сортирање на хартија, пластика, стакло и метален отпад, во која би се вршело рециклирање на материјалот. На оваа локација би се наоѓала и мала постројка за компостирање на градинарски отпад, и најважното – нова интеррегионална санитарна депонија на која ќе се одлага преостанатиот отпад што нема да се рециклира од 17 општини од Источниот и Североисточниот плански регион.

Мапа на локации на претоварните станици и идната регионална депонија за Североисточниот и Источниот плански регион; Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Покрај локацијата во близина на Мечкуевци, системот би се состоел од шест претоварни станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. Во овие шест општини би имало и мали постројки за компостирање на градинарскиот отпад, а на овие локации би се собирал мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).

Главната цел на ваквиот систем е селекцијата на отпадот да почнува од самите домаќинства и компании, да продолжува во рамките на претоварните станици, додека во идните современи погони во овчеполското село Мечкуевци да се врши секундарна селекција и рециклирање на отпадот. Единствено оној отпад што не би можел да се рециклира се очекува да заврши во идната регионална депонија што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет од 900.000 метри кубни отпад.

Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ (Go Green) од Скопје за „Мета.мк“ велат дека воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во Североисточниот и Источниот плански регион е позитивна работа.

„Прва позитивна работа е што ќе се затворат и санираат сите нестандардни депонии и ѓубришта во Источниот и Североисточниот регион. Моментално, Источниот регион има 11 нестандардни депонии и 71 ѓубриште, а Североисточниот 5 нестандардни депонии и 36 ѓубришта. Со пристапување кон изградба на регионалната санитарна депонија овие нестандардни т.н. диви депонии и ѓубришта ќе се затворат и санираат. Регионалната санитарна депонија би била првата модерна санитарна депонија во нашата земја по европски стандарди“, велат од „Гоу Грин“.

Проблемот со дивите депонии треба да се реши со оформувањето на регионален систем за управување со отпад

Тие нагласуваат дека современата технологија на идната регионална депонија во Мечкуевци, Општина Свети Николе е пракса која гарантира заштита и безбедно третирање на отпадот (покривни слоеви, собирање и третман на исцедокот, собирање на гасот, и заштита од поплави), но сепак граѓаните се сомневаат во изведбата и успешната имплементација на овој проект.

„Овие регионални санитарни депонии се повеќе Центри за управување со отпад или некои може да ги нарече Фабрики за рециклирање, но перцепцијата кај граѓаните останува дека ѓубрето од сите општини ќе се носи кај нив и ќе станат само една поголема депонија од сега. Секако ова е неточна перцепција“, сметаат од „Гоу Грин“.

И Даме Димитровски, универзитетски професор на Машинскиот факултет при УКИМ вели дека отпадот што се создава во земјава во еден дел завршува во нашите реки и долови, додека она што се собира од јавните комунални претпријатија завршува во таканаречени општински депонии, кои всушност претставуваат обични сметишта и ѓубришта.

„На најголем дел од тие места нема ништо што би укажало на тоа дека некој се погрижил таму да воспостави организирана депонија. Голем дел не се ни оградени, па редовно тука се истура секаков отпад без никаква контрола“, вели професорот Димитровски за постојните општински нестандардни депонии во земјава.

Тој дополнува дека измешан комунален отпад кој во најголема мерка го создаваме како земја нема вредност, туку за него треба да се плати за да се депонира. Наспроти ова, претходно селектиран отпад има вредност колку материјалите и колку намалувањето на количините кои би се депонирале.

Инаку, „Мета.мк“ испрати прашања за изградбата на регионалната депонија во близина на овчеполско Мечкуевци и до Центaрот за развој на Источниот плански регион, од каде добивме детален историјат за развој на проектот од неговите почетоци во 2009 година до денес. Од Центарот за развој на Североисточниот плански регион пак ни изјавија дека Министерството за животна средина и просторно планирање е адекватната институција која треба да одговори на оваа тема. Не добивме одговори на прашањата ниту од општинските власти во Свети Николе, која е избрана како локална самоуправа каде ќе треба да се гради идната депонија за овие два региона во земјава.

Локалното население се буни, но како го третираме отпадот во земјава?

Главното прашање што се поставува пред секој проект за воспоставување на регионален систем за управување со отпад е реакцијата на локалното население, кое заедно со градоначалниците и општинските совети, штом слушнат за изградба на регионална депонија во нивната општина, веднаш организираат блокади на патишта, петиции и други форми на отпор. Вакви слики на отпор веќе можеа да се видат во Југозападниот регион со Општина Дебарца, во Вардарскиот регион со Општина Росоман, во Полошкиот регион со Општина Гостивар, и од време на време се појавуваат и во другите региони на земјава.

Според професорот Даме Димитровски, постојат објективни и субјективни причини за ваквото однесување на населението. Прво, во работата со управување на отпадот, познат е терминот „not in my backyard“, односно добро е да се решава прашањето на отпадот, но не мора баш во нашето маало. Второ, во јавноста се создава впечаток дека некој сака да им наметне решение кое не е поволно за околните жители, туку е бизнис интерес на поединци.

Отвореноста, јавноста во работата, транспарентноста на носење решенија, планови и слично не е силна страна на државните и општинските органи, и со еден збор, Македонците не веруваат во зборот на властите и оваа недоверба во понудените решенија дополнително ја усложнува состојбата.

„Никој не им објаснил на жителите на наведените места што ќе се гради, како ќе се работи, кои се тековите на отпад, дали имаат бенефити од лоцирањето на преработувачките центри за отпад во нивната општина. Медиумите се преокупирани со изјави на политичари, наместо со согледувања на стручњаци“, вели професорот Димитровски.

А во суровата реалност, ваквиот отпор на локалното население не само што не допринесува за современ третман на отпадот, туку и лошо влијае на зголемување на создавањето на дивите депонии на секое можно место и на неговото палење, што пак покрај до загадување на почвата и водите, доведува и до загадување на воздухот.

Податоците на Државниот завод за статистика за третманот на отпадот во земјава се, најблаго речено, катастрофални. Лани во земјава биле создадени 915.943 тони комунален отпад, односно рекордни 456 килограми по глава на жител, што е најмногу од почетокот на објавувањето на овие податоци во 2008 година. Од нив, општинските комунални претпријатија собрале 632.484 тони комунален отпад. Веројатно одговорот на прашањето каде завршиле преостанатите 283.459 тони комунален отпад лани може да се најде во дивите депонии, чија точна бројка никој не ја знае, но се смета дека изнесува над 1.000 низ целата земја.

Од она што се собрало како комунален отпад во 2019 година, поразителни 85,8% од него претставувало измешан комунален отпад, којшто како неселектиран завршил на општинските депонии. Само 1,4 отсто од собраниот комунален отпад бил селектиран како хартија, дополнителни 1,4 отсто биле селектирани како пластика, а 0,4 отсто од сето она што било собрано од контејнерите било селектирано како стакло.

Од „Гоу Грин“ велат дека примарната селекција на отпадот недостасува во земјава. Тие како здружение во 2018 година отпочнале проект, со кој се врши примарна селекција на отпад во 50 згради со 2.000 домаќинства во Скопје. Формирале и ново занимање „собирач и постапувач со отпад“, за да има начин и образовна програма за формализација на собирачите на отпад и нивно вработување во социјално претпријатие.

„Седум собирачи поминуваат низ тримесечна образовна програма и штом ќе завршат (декември 2020) ќе бидат вработени во социјално претпријатие (РЕДИ Рециклажа). Ние во меѓувреме имаме цел мрежата на примарна селекција на пластика и хартија да ја прошириме уште во 510 згради за да претпријатието биде рентабилно и ги вработи овие 7 собирачи“ велат од „Гоу Грин“, кои се надеваат на суштинска поддршка од Град Скопје и од ЈП „Комунална хигиена“.

Професорот Даме Димитровски пак информира дека секоја година, поголема група студенти на Машинскиот факултет работи на анализа и можни решенија за управување и третман на отпадот. Студентите истражуваат за примена на иновативни технологии, искуства кои работат во „паметните градови“ и можна примена тука. Минатата година четворица студенти се пријавиле со своите истражувања да учествуваат на настанот „Не игнорирај! Реагирај!“. Тие работеле на технологии кои треба да се применат во современа депонија, проектирани на депонијата „Дрисла“ во Скопскиот плански регион.

Во депонијата „Дрисла“ се одлага отпадот, но нема систем за секундарна селекција и рециклирање

„Своите презентации ги прикажуваат пред заинтересирани студенти и колеги. За жал студентите не наоѓаат поле за презентација на своите идеи пред надлежните чинители, иако своето време, работа и можност за истражување ги вложуваат заради подобрување на условите за живеење во Македонија и без никаков надомест“, посочува професорот Димитровски.

А токму депонијата „Дрисла“ е единствената во земјава која поседува А-интегрирана еколошка дозвола, која собраниот комунален отпад го депонира согласно европски стандарди. Кон крајот на јануари годинава, Градот Скопје успеа да ја врати назад во повторно владение оваа депонија, која претходно беше дадена под концесија на италијанска фирма која не успеа за девет години да ја претвори во локација за современ третман на отпадот. И експертите и еколозите се согласни дека ваквиот неуспех во минатото кај депонијата „Дрисла“ имал големо влијание во создавањето негативни примери кај месното население од другите општини во земјава, каде треба да се градат регионалните депонии.

Навраќајќи се назад кон идната регионална депонија во овчеполското село Мечкуевци, од Министерството за животна средина и просторно планирање потенцираат дека проектот нема ниту да го загрози органското производство на храна, а додека нејзината местоположба би придонела чувствителноста кон непријатности да биде многу мала.

„Министерството укажува дека во секој случај, нерегулираните депонии кои во моментов ги има во сите општини се далеку поопасни за птиците, за флората и за земјоделието од регионалната депонија која се планира да се гради. Овие депонии/ѓубришта, особено оние каде што се фрла кланичен отпад (иако е забрането) се места на најголемите труења на царскиот орел и египетските мршојадци во последните децении“, велат тие.

Непријатностите од идната регионална депонија и претоварните станици во Источниот и Североисточниот регион ќе бидат контролирани со примена на повеќе мерки на добри пракси за да се спречат мирисите и расфрланоста на отпадоци. Тие тврдат дека стравот на граѓаните е неоснован. Покрај тоа што ќе се изгради регионална депонија според европски стандарди, со проектот треба постепено да се исчистат постојните диви депонии низ двата региони, додека системот за селекција и рециклирање на отпадот би довел до отворање на нови работни места за локалното население.

Во секој случај, откако земјава изминативе години ја пропушти шансата за создавање позитивен пример од депонијата „Дрисла“, проектот што треба да се развие во Североисточниот и Источниот регион засега е единствената надеж за конечно отпочнување на воспоставувањето на современ систем за управување со отпадот.

Автор: Бојан Блажевски