Фото: Арбнора Мемети

Северна Македонија е на прагот да добие нов Национален план за управување со отпад за периодот 2020-2030 година, со многу амбициозни проекти за реализација, но засега со премалку пронајдени финансиски средства за нив. Меѓу целите што се поставени во овој стратешки документ, би требало да се врши собирање на мешаниот цврст комунален отпад од сите домаќинства во земјава, а во 2030 година дури 65 проценти од домаќинствата да вршат одделно собирање на метал, пластика, стакло, хартија и картон. До 2030 година треба да профункционираат шест регионални депонии во земјава, а „сите остатоци од отпад што не се насочени за третман и преработка за енергија треба да се отстранат на назначени места“.

Ова е само мал дел од амбициозните проекти, мерки и акции што се наведени во нацрт-верзијата на Националниот план, а коишто денеска беа дискутирани во рамките на јавната расправа за Нацрт-извештајот за стратегиска оценка на животната средина за Националниот план за управување со отпад до 2030 година.

Ана Каранфилова-Мазневска од Министерството за животна средина и просторно планирање верува дека Собранието на РСМ до крајот на годинава или на почетокот на 2021 година ќе ја усвои законската рамка како пакет од шест нови закони, меѓу кои е и Законот за управување со отпад. Критика за доцнењето со усвојување на овие закони веќе добивме и во овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја.

Таа спомена дека до 2030 година би се изградиле шест регионални депонии во земјава, како и би се затвориле постојните сметилишта и ѓубришта (диви депонии). Каранфилова-Мазневска вели дека се обезбедени средства за Источниот и Североисточниот плански регион, веќе се избрани две компании за овие региони и во наредната година треба да се работи на затворање на 50-тина сметилишта и ѓубришта во овие два региони.

Сепак, во нацрт-Националниот план стои дека во моментов постојат 43 активни општински депонии кои се нестандардни, како и 534 сметилишта на кои на диво се фрла отпадот. Каранфилова-Мазневска појасни дека неопходен е пристап по фази за сите региони во земјава за нивното затворање, но имплементацијата зависи од обезбедувањето на финансии.

Во делот на комуналниот отпад, зададената цел во Планот е 25 отсто од целокупниот ваков отпад до 2025 година да се рециклира. Од Министерството за животна средина и просторно планирање рекоа дека во Планот е вклучена реална динамика за рециклирање на комуналниот отпад, иако ова би било значајно прашање и во процесот на преговори на нашата земја со ЕУ, бидејќи и со ваквиот План ќе заостануваме една деценија зад ЕУ во однос на процентот на рециклирање на отпадот во земјава.

Марјан Николов, експерт за стратегиска оцена на животната средина изјави дека треба да се ажурира листата на „жешки точки“, согласно моменталните прилики и состојби и нивна приоретизација. Тој рече дека треба да се подготви национална методологија за затворање на нестандардните комунални депонии и ѓубришта.

Покрај за комуналниот отпад и за неговото трупање на нестандардни локации низ целата земја, на денешната јавна расправа се постави прашањето што ќе се случува со другите видови отпад, како што се: индустрискиот опасен отпад, медицинскиот опасен отпад и отпадот од мил од прочистителните станици за отпадни води во земјава.

Марјан Николов се задржа на милот, односно тињата од пречистителните станици, која што би можело да биде нова главоболка за нашата земја, бидејќи со изградбата на ваквите инфраструктурни објекти во повеќе градови низ земјава, ќе се создава сериозно количество на тиња во тони коешто ќе треба да се третира.

Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ на јавната расправа го поставија прашањето за тоа што ќе се случува со неформалните собирачи на отпад во следната деценија во земјава и како тие би биле вклучени во циркуларната економија низ која треба да се рециклира отпадот и да се отворат „зелени“ работни места.

Михаил Матески пак го постави прашањето за воведувањето на депозит за ПЕТ шишиња, алуминиумски лименки и стакло, бидејќи во планскиот документ не е предвидена ваква можност. Со депозитниот систем, потрошувачите би плаќале повеќе доколку купат производи со ваква амбалажа, но исто така би можеле да си ги повратат парите дадени за амбалажата кога ќе го вратат шишето. По овој принцип, ЈП Паркинзи на општина Центар веќе го отпочна проектот за вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки.

Инаку, за наредната деценија, земјава се обврзува дека ќе основа Агенција за животна средина и ќе работи на зголемување на ефикасноста на инспекторите за животна средина. Би се донел и Национален план за спречување на отпад, со што би се работело и на намалување на количеството на создаден отпад. Во регионалните планови за секој регион одделно треба да се подготват одредби за управување со остатоците од отпад, меѓу кои можноста да се произведува гориво од преработен отпад (RDF) и цврсто гориво (SRF).

Северна Македонија по втор пат од својата независност подготвува Национален план за управување со отпад. Нацрт-верзијата на новиот План има 19 поглавја и 9 анекси, а Акцискиот план за негово спроведување предвидува 31 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за спроведување.