Фото: Архива на Мета.мк

Диви депонии на секое ќоше, преполни контејнери со отпад по населбите, рекордни количества на создаден отпад на национално ниво. И покрај ваквата состојба со отпадот во Македонија, инсталациите за рециклирање на пластичен отпад во земјава мораат да увезуваат отпадна пластика од странство за да обезбедат ефикасно работење во третманот и преработката на пластичниот отпад.

„Од страна на надлежните институции на национално и локално ниво не се донесени значајни плански, програмски документи и други акти, Комисија за управување со отпад од пакување не функционира и не е воспоставено регионално управување со отпад, поради што основните услови за превенција од создавање на пластичен отпад и преработка на истиот не се обезбедени. Постојниот начин на постапување со пластичниот отпад го маргинализира селектирањето“, заклучува Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност за „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“.

Тие додаваат дека само околу 1,4 отсто од вкупно собраниот отпад во земјава претставува селектиран пластичен отпад, а индивидуалните собирачи на пластични шишиња низ градовите (неформален сектор) и колективните постапувачи имаат најголем удел во селекцијата на пластичниот отпад, наместо тоа да го прават јавните комунални претпријатија (ЈКП). Во Ревизорскиот извештај се цитираат и податоците на надлежните институции, кои покажуваат дека помалку од 1 отсто од собраниот отпад во земјава се рециклира.

„Воспоставениот систем за евиденција и информирање не обезбедуваат целосни, точни и ажурни информации поврзани со издадените дозволи, собраниот, преработен и депониран пластичен отпад. Недостасуваат активности за мониторинг над управувањето со отпадот на национално и локално ниво, а надзорните активности од страна на надлежните институции се недоволно застапени“, се вели во Извештајот.

Ревизорите заклучуваат дека политиките, мерките и активностите преземени од страна на надлежните институции за воспоставување на интегриран систем за управување со пластичен отпад не се ефективни и не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден пластичен отпад, ефикасно искористување на употребливите состојки за отпадот и почитување на начелата за управување со отпад.

„Бројот на поставени садови за селекција на отпад е незначителен во однос на бројот на жители и индексот на создаден отпад. Средствата инвестирани во набавка на опрема за селектирање, собирање/транспортирање и третман на отпадот од страна на ЈКП се недоволни, поради што се собира и транспортира мешан отпад, од кој тешко може да се одвои пластиката, и како таков се депонира на општинските депонии“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Ревизорите предупредуваат дека продажната цена на новата пластика е намалена на светско ниво, што пак ја намалува побарувачката на рециклирана пластика. Откупната цена на пластичниот отпад во земјава е висока, што пак ја прави непрофитабилна рециклажата, предупредуваат тие. Покрај стимулирање на преработката на пластичниот отпад, потребни се иницијативи и активности за повторна употреба на пластичниот отпад од граѓаните и правните субјекти.

Со ревизијата на успешност биле опфатени Министерството за животна средина и просторно планирање, осумте плански региони во земјава, Градот Скопје и 12 општини низ земјава, 13 јавни комунални претпријатија, четири колективни постапувачи со отпад, четири преработувачи на отпад, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот завод за статистика, Царинската управа, Централниот регистар и ЈП Дрисла-Скопје.

Поради лошата состојба, Државниот завод за ревизија изготвил дури 49 препораки по кои тие треба да постапат. Под „итно“ и „задолжително“, ревизорите бараат од градоначалниците на општините и Градот Скопје да се воспостави и да профункционира регионалниот систем за управување со отпад. Кај неформалните собирачи на отпад кои се најактивни низ градовите, ДЗР предлага нивно организирање и законско решавање, а до тогаш тие да добијат субвенции или парична помош од социјална заштита.

Меѓу препораките е и обезбедувањето инфраструктура од општините, Град Скопје, ЈКП и колективните постапувачи за обезбедување на можност и инфраструктура за примарна селекција на отпадот за граѓаните, како и отпочнување на секундарна селекција на отпадот од страна на ЈКП.