Фото: Мета.мк

Исполнување на „Зелената агенда“ е многу важен чекор во патешествието на Северна Македонија кон Европската Унија. Во последниот извештај за напредокот објавен од Европската комисија нашата земја доби голем број критики во однос на животната средина и екологијата. Државните институции треба да ја подобрат меѓусекторската координација, да ги зголемат средствата за намалување на загадувањето на воздухот и да преземат сериозни чекори во управувањето со отпадот, пишува Порталб.мк.

Правилното управување со отпадот е дел од обврските што нашата земја мора да ги исполни преку Поглавјето 27 за животната средина, како предуслов за да стане полноправна членка на ЕУ. Но, во Северна Македонија овој чекор е далеку од реализација. Извештајот содржи предупредување за доцнењето на усвојувањето на два стратешки документи за заштита на природата.

„Северна Македонија има одредена степен на подготовка во оваа област. Постигнат е ограничен напредок во зачувувањето на природата и климатските промени. Сепак, имплементацијата во сите сектори останува загрижувачка. Земјата се охрабрува да ги зголеми значително своите амбиции во однос на зелената транзиција, особено во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан. За хоризонтални прашања, административниот капацитет на сите нивоа останува слаб, со недоволни финансиски ресурси за спроведување на постојното законодавство. Се очекува одобрувањето на Националниот план за управување со отпад (2021-2031) и Планот за превенција на отпад (2021-2027)“, се истакнува во Извештајот за напредокот објавен во октомври 2021 година.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), не сакаа да ги кажат причините за доцнењето на овие два стратешки документи, но за Порталб.мк соопштуваат дека едниот документ ја поминал фазата на одобрување додека другиот и понатаму чека на одобрување.

„Националниот план за управување со отпад (2021-2031) беше одобрен во септември 2021 година. Планот за спречување на отпадот (2021-2027) е изготвен и во моментот ќе биде покрената постапка за стратешка евалуација на планот, согласно Законот за Животна средина. По завршување на оваа процедура планот ќе биде одобрен. Во рамките на Стратешката евалуација на планот ќе се одржи јавна расправа“, изјави Ана Каранфилова, раководителка на секторот за управување со отпад, МЖСПП.

Во Извештајот понатаму се наведува дека повеќето од минатогодишните препораки не биле имплементирани, така што следната година земјата треба особено да се фокусира на:

  • подобрување на меѓусекторската координација и зголемување на финансиските ресурси за намалување на загадувањето на воздухот на локално и национално ниво;
  • преземање важни чекори за воспоставување регионален систем за управување со отпад;

Управувањето со отпадот е голем предизвик за РСМ која е полна со диви депонии

Иако се сметаат како „рак“ на природата, кај нас е пријавено дека има околу 1.000 диви депонии. Сепак, неофицијално се тврди дека бројот на диви депонии е многу поголем од 1.000. А, има и 57 комунални депонии, кои иако работат како легални депонии, не се во согласност со националното законодавство за безбедно управување со отпад. Северна Македонија има само 1 депонија на целата нејзина територија што е во согласност со националното законодавство кое се управува релативно добро. Станува збор за депонијата „Дрисла“, која го опслужува регионот на Скопје, со околу 590.000 жители и прима приближно 180.000 тони отпад годишно.

Според Националниот план (2021-2030) до 2030 година, во земјата ќе се изградат шест регионални депонии, а ќе бидат затворени и постоечките депонии (диви депонии). Сепак, изградбата на регионалните депонии со европски стандарди сè уште изгледа далеку од конечна реализација.

„Да, Владата има поднесено барање за заем до ЕБОР за изградба на регионални системи за 5 плански региони (Југозападен, Пелагониски, Југоисточен, Вардарски и Полошки), додека за источниот и североисточниот е обезбеден грант од ИПА програмата“, изјави Ана Каранфилова.

Овој сериозен еколошки проблем не беше изоставен ниту во Извештајот за напредокот на нашата земја. Во однос на управувањето со отпадот, ЕУ ја критикуваше Македонија за недостаток на административен капацитет, како и ниска имплементација и ограничена меѓусекторска соработка.

„Дивите депонии и понатаму претставуваат важен проблем за животната средина, додека воспоставувањето регионални системи за управување со отпад продолжува со одложувања“, се истакнува во Извештајот.

Според последните податоци објавени од Државниот завод за статистика, вкупната количина на комунален отпад собран во 2020 година изнесува 630.086 тони, додека вкупната количина на создаден комунален отпад е 913.033 тони. Споредено со 2019 година, вкупната количина на собран комунален отпад во 2020 година е намалена за 0,4 отсто. Годишното количество на комунален отпад создаден по жител во 2020 година е 452 килограми по лице, што е за 1 отсто помалку од истото количество во 2019 година.

Најголем дел од отпадот завршува во диви депонии, и само мал процент се рециклира

Според Извештајот објавен од Европската агенција за животна средина, Системот за управување со отпад во Северна Македонија денес се карактеризира со многу ниска стапка на рециклирање. Главниот систем за собирање отпад во Северна Македонија се состои од пунктови за собирање отпад со контејнери за ѓубре. Регулирањето на управувањето со отпадот е одговорност на општините, но во 2019 година само 78 отсто од населението беше покриено со услуги за собирање отпад.

Стапката на рециклирање е многу ниска и изнесува 0,3 отсто, а компостирањето / разредувањето падна од 0,4 отсто во 2015 година на 0 отсто во 2019 година. Во однос на успешноста на управувањето со отпадот, податоците на Државниот завод покажуваат многу ниско ниво на рециклирање во текот на 2020 година. Според видовите на отпад, најголема количина на собран отпад е мешаниот комунален отпад – 525 745 тони или 83,4 отсто. Во текот на 2020 година само 2-3 отсто од комуналниот отпад беше собран за рециклирање, главно од неформални собирачи на отпад, кои го собираат отпадот од депонии и канти и потоа го продаваат на индустријата за рециклирање. Затоа, потребна е интензивна акција од државата, локалните власти и бизнис секторот за подобрување во оваа област.

Ниската стапка на рециклирање кај нас во Извештајот за напредокот е оценето како сериозна состојба и бара од властите што поскоро да развијат стратегија за управување со отпад.

„Рециклирањето во Северна Македонија останува на исклучително ниско ниво. Според експертите и набљудувачите, земјата треба брзо да развие стратегија за управување со отпад. Статистиката ја потврдува лошата состојба: вкупната количина на собран отпад во земјава постојано се зголемува, рециклирањето оди во спротивна насока. Во 2017 година, Северна Македонија создаде 787.000 тони отпад, од кои само 0,6 отсто беа рециклирани. Во 2018 година, отпадот се зголеми на 855.000 тони, со стапка на рециклирање од 0,5 отсто. Во 2019 година отпадот достигна 916.000 тони, а капацитетот за рециклирање падна на само 0,3 отсто“, се алармира во Извештајот за напредок.

Ико Брадароски од „Пакомак“, непрофитна компанија за рециклирање амбалажа од користени производи, за Порталб.мк, вели дека придобивките од процесот на рециклирање се многу големи и за луѓето и за природата.

„Најголема придобивка е заштедата на природните ресурси, шумската вода, земјиштето и воздухот. Се заштедува енергија бидејќи за рециклирање е потребно 30 отсто помалку енергија отколку да се направи од природата, но го заштедува и маслото од што се произведува пластиката. Комуналните претпријатија од една страна би имале дополнителен извор на финансирање а од друга страна би транспортирале помалку отпад на депониите (главно не според стандардите)“, рече Ико Брадароски.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање товарот на лошото управување со отпадот го префрлаат на локалната власт.

„За жал, општините тешко ги прифаќаат овие реформи и многу малку се или воопшто не се посветени на воспоставување примарен систем за селекција на отпадот. Прва во ваква активност е општина Прилеп, па Скопје и Куманово, но за жал тоа не е доволно“, изјави Ана Каранфилова.

Од друга страна, компанијата за рециклирање „Пакомак“ оценува дека и покрај придонесот што го даваат приватните компании, без соработка меѓу локалната и централната власт, не може да има оддржливо решение кога е во прашање управувањето со отпадот.

„Од 2011 до 2021 година во Македонија има значителен напредок на полето на отпадот, но тоа се уште не е доволно! Се планира тоа систематски да се реши, сепак има постојани пречки меѓу централната и локалната власт. Без соработка меѓу нив, тешко е да се преземат и креираат систематски решенија. Пакомак соработува со над 40 општини и градот Скопје. Во нив живеат над 70 отсто од населението во државата, и во овие општини поставивме над 3.200 различни контејнери и над 12.000 корпи за индивидуални домаќинства. Ова е 1/3 од вкупниот број на контејнери за комунален отпад поставени од комуналните претпријатија во земјава, така што инфраструктурата за управување со отпад ја зголемивме за 30 отсто. Преку системот Пакомак се собира во просек по 25 илјади тони отпад од пакување, главно хартија, пластика и стакло. Пакомак е целосно финансиран од самите бизниси. Повеќе од 600 компании се членки на нашиот систем и плаќаат на Пакомак да го собира и рециклира нивниот отпад од пакување“, рече Ико Брадароски.

Во отсуство на регулирана правна рамка, има многу компании за „рециклирање“ кои остваруваат приходи без да работат конкретна работа на терен. Овој проблем мора што поскоро да го реши Министерството за животна средина.

„Во делот на отпадот од пакување, долго време се толерираат колективните оператори кои всушност не работат на терен, односно не поставуваат контејнери или канти, или не вршат никаква активност за подигање на јавната свест за потребата од рециклирање на отпадот! Можеби граѓаните и стопанствениците не ни знаат дека тие фирми постојат, но истите собираат многу пари и си ја продолжуваат работната дозвола без никаков резултат! Сметаме дека Министерството за животна средина годинава ќе стави крај на оваа практика и ќе се заложи да ги доведе во законски рамки сите компании кои досега избегнуваа да плаќаат надомест за својот отпад од пакување. Со ова ќе се зголеми реалниот фонд на средства за поголеми инвестиции во инфраструктурата за селекција на отпадот“, додаде Ико Брадароски од „Пакомак“.

ЕУ промовира силна климатска акција, одржлив развој и заштита на животната средина. Законодавството на ЕУ содржи одредби кои се однесуваат на климатските промени, квалитетот на водата и воздухот, управувањето со отпад, заштитата на природата, индустриското загадување, хемикалиите, бучавата и цивилната заштита. Земјите од ЕУ дури доминираат на листата на светски земји со највисока стапка на рециклирање отпад. Германија е на чело на земјите во светот со највисока стапка на рециклирање со 51,6 отсто, а потоа следи соседна земја Австрија со 53,8 отсто.