Петиција: Улицата Пиринска, на која се наоѓа Руската амбасада во Скопје да се преименува во „улица Украинска“

Фото: www.uastreet.world

Граѓаните на Северна Македонија од вчера имаат можност да се приклучат на петицијата „улица Украинска“ со што би ги поттикнале градските власти да ја преименуваат улицата Пиринска, на која се наоѓа  Амбасадата на Руската Федерација  во Скопје, во улица Украина, соопшти Амбасадата на Украина.

„Ова би бил симболичен чин на поддршка за украинскиот народ, кој ја брани својата независност во војната што ја започна Русија“, нагласија од Амбасадата на Украина.

Кампањата „улица Украинска“ го повикува целиот свет да ја направи Украина дел од нејзините главни градови и ја смета оваа иницијатива како многу моќен начин за одговор на обидите на Русија и Владимир Путин ефикасно да ја поништат Украина и украинската култура.

„Живеејќи далеку од Украина понекогаш е тешко да се открие начинот на кој може да се пружи поддршка на народот врз кој е извршена инвазија. Сепак, има едно нешто кое може да се направи, а тоа е да се поддржи кампањата за преименување на улицата Пиринска во улица Украинска“, наведено е во петицијата.

Фото: Принскрин од веб-страницата на https://www.uastreet.world/

Неколку земји од нашето соседство и во светот веќе се приклучија на глобалната коалиција. Албанија го преименува делот од улицата на која се наоѓа Руската амбасада во улица „Слободна Украина“, Литванија ја преименува соодветната улица во улица „Украински херои“, Латвија ја смени улицата во улица „Независна Украина“, а Норвешка го смени името на плоштадот пред Руската амбасада во Украински Плоштад.

Минатата недела, Торонто, Канада им се придружи на европските партнери со откривање на знаците „Слободна Украина“ долж предниот дел на рускиот конзулат на авенијата Сент Клер. Оваа област сега ќе се нарекува „Плоштад Слободна Украина“ на почесна основа. Во меѓувреме, жителите на Атина, Вашингтон и Лисабон, исто така, се обратија до локалните совети со идеја за преименување.

„Луѓето ширум светот гледаат како се одвива ужасот во Украина и понекогаш разбирливо се чувствуваат немоќни да помогнат. Меѓутоа, со петиција да се случи оваа промена на името на улицата, сите ние можеме да дадеме многу симболична изјава за руската бирократија ширум светот. Со тоа, луѓето ќе ја покажат својата поддршка за Украина и нејзините 40 милиони луѓе кои сега се борат за својата слобода против руската агресија, вклучувајќи ги и оние 10 милиони кои веќе мораа да ги напуштат своите домови поради војната. Замислете само каков сигнал ќе испрати ова до дипломатите и агентите на ФСБ кои ќе мора да одат по улицата Украина до нивното работно место – одличен дневен потсетник за суверенитетот на Украина“, изјави Дмитро Кулеба, Министер за надворешни работи на Украина.

Веб-страницата на кампањата https://www.uastreet.world/ содржи линкови до петиции за преименување на улиците со руските амбасади и конзулати во 57 градови во 38 земји во светот меѓу кои е и Северна Македонија.

Кампањата „Улица Украинска“ е создадена од консултантската група One Philosophy во рамки на платформата We Are Ukraine platform.