сабота, 11 април, 2026
Meta.mk

Иновативни еко-плочки од рециклирана пластика за почиста околина и социјално вклучување

Во мисија за подобра и почиста животна средина граѓанската организација од Гевгелија „Еко лајф“ во партнерство со „Еко тим исток“ од Кочани изработува иновативни еко плочки од отпадна пластика и песок за надворешна употреба кои се погодни за поплочување дворови, игралишта, тротоари и други надворешни површини.

„Оваа идеја произлезе како пресликување на проект кој е веќе направен и завршен во Ерменија. Таму е направен истиот процес, набавени се истите машини и направен е ваков иновативен еко-производ – плочки од отпадна пластика и песок. Ние заедно како две здуженија ‘Еко лајф’ и ‘Еко тим исток’  видовме дека нашите региони и цела држава имаат потреба од ваков производ и со цел за намалување на отпадната пластика креиравме проект кој произлезе од два паралелни проекти. Едниот проект е во Гевгелија, а другиот во Кочани“, вели за Мета.мк Драгица Чобанова од „Еко лајф“.

Таа додава дека не располагаат со точна статистика колку пластика завршува во депониите во овие региони, затоа што податоците се застарени, но генерално се собираат огромни количини пластика, па затоа изработката на овие плочки значи и намалување на загадувањето на животната средина.

„Користиме повеќе видови на отпадна пластика. ПЕТ, полипропилен, полиетилен, ХДП. Значи сите овие се кратенки од пластиките, народски да кажам, за да биде поразбиливо – тврда пластика. Претежно станува збор за пластика која е дефицит и која не се реупотребува. Тоа е всушност нашата цел. Да можеме пластиката која реално не се рециклира да ја реупотребиме токму во нашиот производ, бидејќи е возможно на тој начин да се намали присуството оваа пластика во депоните“, објаснува Чобанова.

Таа потенцира дека процесот на изработка на овие плочки воопшто не е едноставен и бара секојдневно истражување, бидејќи станува збор за полуавтоматски процес.

„Самиот процес започнува со селекција и дробење на отпадната пластика, а потоа отпадната пластика се меша во сооднос 50-50 со сепариран ситен песок. Потоа, таа смеса се става во електричен диструдер, истата се топи и потоа излегува како стопена смеса, како мастика и се мери на вага, значи околу 750 до 800 грама тежи една плочка кога се пресува на електрична преса. Плочките така пресувани се ставаат во ладилник или калибратот со цел да не ја изгубат нивната форма и така добиваме конечен производ“, објаснува таа.

Во моментов, плочките ги прават тројца вработени кои можат да направат од пет до осум метри квадратни во еден ден. Затоа, таа смета дека имаат потреба од зголемување на бројот на вработени.

„Имаме потреба од повеќе луѓе. Самиот процес бара двосменско работење, да не речам и тросменско работење, поради тоа што екструдерот е печка која треба да биде вклучена цело време и да не се гаси. Поради тоа што сме социјално претпријатие ги опфаќаме лицата кои се од ранливи категории. Во моментов имаме вработени лица кои долго време не биле вработени, а се повозрасни од 29 години. Исто така планираме во иднина да вработиме и лица како што се самохрани родители и лица со лесна попреченост. Не можеме да ги опфатиме луѓето со потешка попреченост затоа што станува збор за управување со машина. Ромите исто така ни се таргет група на вработени, со тоа што би сакале да им дадеме можност да имаат трајна егзистенција. Како што тие ни се потребни на нас, сметам дека и ние сме им потребни ним со цел да се оствари кружна економија“, нагласи Драгица.

Во однос на тоа колку се издржливи овие плочки во сподерба со, на пример, бекатон плочките кои се изработуваат од бетон, испитувањата покажале дека се многу поиздржливи на временски услови и надворешни влијанија.

„Поради тоа што самиот процес е иновативен, не постои одреден стандард според кој треба да се тестираат овие плочки. Затоа овие плочки се тестирани по стандардот на бекатон плочките во СИМ, во Заводот за испитување во Скопје. И согласно податоците што ги добивме од самиот институт и според податоците што се направени за бекатон плочките, драстична е разликата колку се поиздржливи и колку не впиваат влага. Не реагираат на надворешни влијанија, не се кршливи. Значи многу, многу е мал на процентот на кршливост. Многу се поиздржливи од бекатон плочките“, објаснува Драгица за Мета.мк.

Еко плочките се изработуваат во рамки на проектот „Вработување на ранливи групи граѓани во производство на еко плочки за надворешна употреба и воспоставување на систем за правилно управување со отпадна пластика и негово одржување“, финансиран од страна на „Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој” (ЦеПроСАРД), а е регрантиран од Европската Унија преку проектот „Поддршка на социјалните претпријатија следејќи го принципот – Не оставај никој зад себе”.

 

Полицијата го уапси убиецот од Хром чија мајка запали стан за да го прикрие

Денеска во 14.20 часот на пидрачјето на населба Влае, во брза заедничка акција на Оперативен тим Потраги во содејство со Единицата за интервентна полиција лишен е од слобода А.Д.(39) од Скопје, за кого пред два дена беше распишан Централен распис за потрага, а во текот на вчерашниот ден беше поднесена и кривична пријава по брза постапка за извршени две кривични дела, “убиство” и “тешки дела против општата сигурност”.

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека по преземени сеопфатни оперативно-тактички мерки и активности во претходните неколку денови, лицето во 14.10 часот е забележано во близина на мостот “Обединети Нации” и при обид за бегство е фатено и приведено во полициска станица, по што ќе биде изведено пред надлежен судија.

Денес Основното јавно обвинителство Скопје покрена обвинение и против Мајката на 39 годишникот, осомничен за убиството во скопската населба Хром затоа што му помогнала да го подметне пожарот со намера да ги прикријат трагите.

Пред две недели ожарникарите интервенираа на запален стан при што го пронајдоа телото на 36 годишникот кој живеел таму. Но, причината за неговата смрт не била пожарот, туку, како што покажа и обдукцијата, 45 убодни рани во вратот и телото. А, пожарот како што утврди истрагата на обвинителството, го подметнале осомничениот и мајката заедно.

Мајка осомничена за предизвикување пожар со цел да се прикрие свирепо убиство сторено од синот

Повеќе од 11.000 учесници на скопските улици: Заврши 19то издание на Виз Ер Скопски маратон

Над 11.000 тркачи од повеќе од 45 земји од светот, утрово ги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, натпреварувачки дух и многу задоволни лица. Ваква беше сликата на стартот на 19то издание на Виз Ер Скопски маратон.

Трките започнаа точно во 8 часот и тркачите на маратон, полумаратон, штафетниот маратон „ЕУ за спортот“, од кај старата Градска општа болница „Св. Климент Охридски“, поминаа низ плоштадот „Македонија“ и од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов се упатија кон Хром. Учесниците на 5км својата трка ја започнаа од „Рекорд“ кон Аеродром. Финишот на сите трки беше плоштадот „Македонија“, како традиционалното место за завршување на Виз Ер Скопскиот маратон.

На овогодинешното издание на Виз Ер Скопски маратон, победник во машка конкуренција беше Виктор Киплагат Серем од Кенија со време од 02:15:09, второто место го освои Лабан Черуијот од Кенија со време од 02:16:03, а пиедесталот го дополни нашиот натпреварувач Дарио Ивановски со време од 02:19:08.

Во женска категорија прва до целта стигна Рут Чемисто Матебо од Кенија со време од 02:44:17, второпласирана заврши Мерси Јебичи Кипкемои од Кенија со време од 02:44:52 и третото место го освои Марија Врајиќ од Хрватска со време од 03:12:51.

Мајка осомничена за предизвикување пожар со цел да се прикрие свирепо убиство сторено од синот

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје постапува по кривична пријава во врска со настанот од 22 септември, кога по предизвикан пожар во стан на улицата „Исаија Маџовски“, беше пронајдено безживотно тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

Доказите кои се обезбедени до овој момент, според ОЈО, даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.

По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.

Против осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството за него ќе предложи притвор како мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

За неговата 59-годишна мајка, како соизвршител, поведена е истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен и е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скорие или уништи трагите од делото или дека ќе влијае врз сведоците.

Categories

Конгресот со пресвртно гласање доцна синоќа спречи блокада на американската Влада

Во Конгресот синоќа се случи изненадувачки пресврт и се изгласа закон за финансирање на американската Влада, со што во последен момент се спречи очекуваната блокада, пренесе Би-би-си.

Украина беше една од главните причини за можната блокада на американската Влада, за што низа агенции почнаа да вршат подготовки.

Другата е огромниот буџетски дефицит од два трилиона долари, што се удвои во споредба со лани и е поголем од оние пред пандемијата од Ковид-19. Поради ова републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, се незадоволни и го развлекуваа одобрувањето на финансиите за работата на владата до последен момент.

Претставничкиот дом гласаше „за“ со две третини мнозинство (335-91) откако спикерот Кевин Мекарти, републиканец, вчера претстави програма по неколкучасовна координација со законодавците републиканци кои се мнозинство во Долниот дом.

Веднаш потоа, Сенатот гласаше со 88 гласа „за“ и 9 „против“ за привремен „стопгеп“ (stopgap) буџет со што федералната влада на САД добива финансии до 17 ноември.

Законот вклучува 16 милијарди долари помош од природни катастрофи побарана од Белата куќа и ја продолжува авторизацијата за Федералната воздухопловна администрација до крајот на годината. Не вклучува доплнителна помош за Украина, иако имаше опширна двопартиска подршка за ова во Сенатот.

Google слави 25-ти роденден – креиран во студентска соба, сега го користат милијарди луѓе

Најпопуларниот интернет пребарувач на светот, Google овој месец одбележува 25 години постоење. Тој беше креиран од докторандите Сергеј Брин и Лери Пејџ, кои се запознале на програмата за компјутерска наука на Универзитетот во Стенфорд. Двајцата ја делеле визијата интернетот да се направи подостапно место и работеле заедно во нивните студентски соби за да развијат брз и прецизен пребарувач, чие прво име било Backrub, пренесе Ројтерс.

Првично наречен BackRub, стартапот прерасна во една од највредните и највлијателните компании во светот, Google.

Производите на Google, вклучувајќи ги Gmail и пребарувачот на интернет содржини, сега ги користат милијарди луѓе, а неговите соосновачи, Лери Пејџ и Сергеј Брин, се рангирани меѓу најбогатите луѓе во светот

Во март оваа година Гугл го лансираше Бард, чет-ботот базиран на генеративна вештачка интелигенција

Вработените во jавните обвинителства во штрајк, бараат зголемување на платите за 78 проценти

Околку 390 вработени во службите на јавните обвинителства од денес штрајкуваат со барање платите да им се зголемат за 78 проценти, по примерот на функционерите, и да им се исплаќаат додатоците на плата до 35 проценти.

Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејаноски, рече дека штрајкот ќе се одвива во сите 28 јавни обвинителства низ државата и ќе трае сè додека не им се исполнат барањата, дека бараат средба со претставници од Владата, а во спротивно ќе се радикализираат.

„Штрајкот е најавен навремено и согласно законските прописи нема да дозволиме никакви притисоци врз вработените, тие да извршуваат задачи освен оние кои се итни и неодложни. За штрајкот е информиран министерот за правда кој не најде време да нè прими и да ги чуе барањата. До сите политички партии во Собранието е испратен амандман со кој се бара во ребалансот да се предвидат средства за исплата на повисоки плати за вработените во обвинителството и редно време е барем еден пратеник да го чуе нашиот глас и да се бори за вработените. Ние сме специфична служба, платите се во просек 22 илјади денари“, изјави Дејаноски.

Од УПОЗ велат дека за време на штрајкот тие ќе ги извршуваат само итните и неодложни работи, како тие во кој има само притвор, претрес или неодложни жалби, како и случаите од јавен интерес.

Премиерот Ковачевски во изјава за медиумите рече дека вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, и делот на управување не е во надлежност на Владата. Но, во рамки на она што е можно со Буџетот, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети.

„За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15“, рече Ковачевски.

Тој најави дека овој месец ќе следи ново покачување на пензиите од шест проценти, со што, како што рече, заедно со минатогодишното зголемување, тие ќе бидат вкупно покачени за 25 отсто. Премиерот најави и 9-ти пакет антикризни мерки, кој исклучиво ќе биде насочен за најранливите категории.

Еден од убиените во северно Косово бил близок до шефот на српските разузнавачи Вулин

Еден од тројцата вооружени српски напаѓачи, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кaj Звечанe, бил телохранител на шефот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), Александар Вулин, информираше министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Фејсбук.

„Вчера преку видео снимки го докажавме присуството на веле-криминалецот и водач на терористичката акција, Милан Радојичиќ. Во меѓувреме, денеска е потврдено дека еден од убиените, кој исто така бил учесник во тој чин, е Бојан Мијаиловиќ, телохранителот на шефот на српската БИА, Александар Вулин, при неговата посета на Република Косово во 2013 година“, напиша Свечља.

Тој посочи дека овие факти се уште еден доказ дека намерите на Србија кон Република Косово воопшто не се сменети од времето на режимот на Милошевиќ и на тогашниот министер за пропаганда на тој режим, односно сегашниот претседател на Србија.

„И најголемите оптимисти кои до сега се лажеа себеси за промените во оваа држава, верувам дека деновиве се уверија во спротивното“, напиша Свечља.

Критики кон српскиот претседател упати и косовскиот премиер Албин Курти велејќи дека Александар Вучиќ сакал на 24 септември православниот манастир во Бањска да го претвори во „Кулата на Јашари“ за Србите во Косово, наведувајќи дека Вучиќ е опседнат со предводникот на ОВК убиен од српските власти, Адем Јашари, пренесува Н1.

Операцијата кај Бањска завршена – кој сакал од Милан Радојчиќ да направи српски Адем Јашари?

Инаку денес Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека вчера ослободило четворица осомничени за случајот во Бањска во Звечан бидејќи немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот, објави приштинска „Коха“.

Како што соопштија од Обвинителството, осомничените се уапсени далеку од местото на настанот.

„Ве информираме дека четирите лица, кои беа уапсени за време на акцијата на косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, далеку од местото на настанот, вчера беа ослободени од Специјалното обвинителство на Република Косово во отсуство на докази од косовската полиција“, соопшти во средата Обвинителството, пренесува „Коха“.

Косовската полиција уапси осум лица во врска со вооружениот напад што се случи во неделата во Бањска во Звечан, каде што беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку

КоССев.инфо утрово информира дека косовската полиција ја завршила акцијата кај селото Бањска, која три дена се спроведуваше за да се изврши темелен претрес на теренот за пронаоѓање на оружје и друга опрема.

Косово го покажа запленетиот арсенал кај Бањска, Србија прогласи Ден на жалост

 

Грковска-Кежмах: Не смее да има солидарност за судиите кои го рушат имиџот на професијата или се корумпирани

Судиите мора да ја чуваат својата независност и во таа насока не смее да има солидарност за оние кои што го рушат угледот на професијата или се корумпирани,  порачаа денес заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и потпретседателката на словенечкиот Судски совет, Уршка Кежмах кои имаа работен состанок во Љубљана.

Тие на средбата разменија мислење за механизмите за унапредување на независноста и интегритетот на Судскиот совет.

Грковска ги сподели предизвиците со кои се соочува македонскиот Судски совет, кои придонесоа за губење на кредибилитетот на оваа институција. Таа информираше дека минатата недела во Северна Македонија заврши оценската мисија од страна на Европската комисија, која ја предводеше хрватскиот експерт и судија Бранко Хрватин. Во наредниот период, додаде таа, се очекува да пристигне Извештајот од оценската мисија, по што, нашата држава ќе мора да пристапи кон сериозни реформи.

„Во таа насока, за нас ќе биде многу важно искуството на земјите членки на Европската Унија во примената на европската регулатива, особено во правосудниот систем и унапредувањето на независноста и јакнењето на интегритетот“, додаде Грковска.

Вицепремиерката информираше дека на експертскиот тим делегиран од Европската комисија му доставила конкретни предлози преку кои може да се надминат слабостите во Судскиот Совет, а кои се однесуваат на унапредување на мерит системот и на критериумите за избор на судии, унапредување на транспарентноста при изборот, како и низа други решенија во насока на зајакнување на професионалноста, независноста и ефикасноста на оваа институција.

Потпретседателката Кежмах истакна дека Судскиот совет на Словенија силно се бори да ја зачува независноста, но и кредибилитетот на институцијата и професијата. За таа цел во рамките на Судскиот совет функционира Дисциплински суд, кој е независен и во кој членуваат судии со висок интегритет и големо искуство.

Таа нагласи дека во Судскиот совет на Словенија, во насока на унапредување на интегритетот и независноста на судиите функционираат независна Комисија за етика и интегритет, како независно тело кое проценува дали се прекршени етичките норми, но и лице за советување во случаи кога судиите имаат дилеми дали некоја постапка е спротивна на Етичкиот кодекс. Кежмах додаде дека во правосудниот систем на Словенија и од страна на адвокатите и од страна на судиите особено се внимава на опасноста од судир на интереси.

Три фемициди за еден месец, се бара одговорност за службените лица и најстроги казни за сторителите

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство објави остра осуда упатена до институциите затоа што не ги презеле сите соодветни дејства и со нивното нереагирање придонеле да се случат три свирепи фемициди – убиства на жени, во период од само еден месец во Куманово и во Кочани.

„Непреземањето соодветни мерки од надлежните институции и неправилната, или отсуството на имплементација на законите, доведува до убиство, односно фемицид како најекстремна форма на насилство врз жените кој најчесто се извршува од страна на маж, а жртвата е секогаш жена“, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Според нивната анализа, во периодот од 2017 до 2020 година во Македонија се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80% од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.

„Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само 2% од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот. Овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита. Со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство“, реагира Националната мрежа.

Убиство во Кочани: Жена десетици пати била избодена со нож пред семејната куќа

Тие бараат од правосудните инстанци при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство.

„Согласно ова, бараме одредување највисока казна за сторителот и бараме да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на три жени. По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани“, соопштија од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Тие истакнаа дека само преку воспоставување функционален систем на заштита од насилство врз жени и семејно насилство, почитување на основниот принцип на Истанбулската конвенција – Должно внимание во неговата вистинска смисла, и соодветно казнување на сторителите може да превенираме идни случаи на родово базирано насилство и фемицид како негова најекстремна форма. Според Националната мрежа, неопходно е правосудните органи да покажат поголема сензибилизираност и разбирање на проблемот и ваквиот вид на кривични дела, а со крајна цел: правилна квалификација на делата, соодветен третман на жртвите во самите постапки, како и построга казнена политика за насилниците.

Платформа за родова еднаквост: Уште еден фемицид поради непостапување на институциите

 

Првата емисија на зелената обврзница е 10 милиони евра, аукцијата ќе биде на 3 октомври

Министерството за финансии денеска го објави Проспeктот за првата емисија зелени обврзници. Ова е втор инструмент кој годинава го лансира Министерството за финансии на домашниот пазар на капитал, збогатувајќи ја понудата на финансиски производи и поттикнувајќи конкуренција.

Првата емисија на оваа зелена обврзница е во износ од 10 милиони евра, а аукцијата ќе се одржи на 3 октомври 2023 година. Граѓаните и правните лица кои се заинтересирани да учествуваат на аукцијата може да поднесат барање за учество преку банките. Зелената обврзница нуди каматна стапка од 4,75 проценти годишно. Зелените обврзници од оваа емисија се со рок на доспевање од две години, односно ќе доспее на 5 октомври 2025 година. Каматата ќе биде исплатена на 5 октомври 2024 година за првата година и на 5 октомври 2025 година за втората година, заедно со главницата.

„Целта на воведување на овој инструмент е развивање на пазарот на капитал во земјата, како и инвестициската активност која ќе придонесе за забрзување на економскиот раст. Целта на зелената обврзница, како и на другите инструменти предвидени со Планот за забрзан економски раст, а кој се базира на принципот на Јункеровиот план, е покрај јавниот да се мобилизира и приватниот капитал, и тој да се стави во функција на економскиот раст. Тие се еден од предвидените нови механизми, инструменти, фонодви и извори на финансирање, а со цел да се создаде  мултипликативен ефект и да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, покрај јавниот сектор“, рече министерот Бесими.

Според министерот, инвестицијата во овој нов инструмент е инвестиција во развојот и поддршка на зелените инвестиции планирани со буџетот. „Со инвестирање, односно купување зелена обврзница, се поддржува директно развојната компонента во Буџетот, односно зелени инвестиции, насочени кон заштита на животната средина. Во Буџетот оваа година е планиран историски највисок износ на капитални расходи и е согласно златното правило во јавните финансии, односно нивниот износ е повисок од буџетскиот дефицит. Тоа значи дека сите средства обезбедени меѓу другото и преку овој инструмент ќе бидат насочени за капитални проекти со карактеристика на зелена инвестиција“, посочува министерот Бесими.

Средствата од оваа аукција ќе бидат насочени кон воспоставениот Фонд за енергетска ефикасност во рамки на Развојната банка, од каде на компаниите ќе им се нудат поволни средства за реализација на проекти кои значат заштита на животната средина.

Зелените обврзници се хартии од вредност кои ќе се користат за инвестициски проекти за зелен развој. Односно тие се наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина и финансирање еколошки проекти. Тој, како и претходно воведената граѓанска обврзница, е нов производ на домашниот пазар и е согласно Стратегијата за развој на пазарот на хартии од вредност, Стратегијата за управување со јавниот долг и Планот за забрзан економски раст.

Оваа обврзница на пазарот на хартии од вредност доаѓа по воведувањето на граѓанската обврзница, за која беше објавена првата емисија во текот на јули 2023 година и на која беше пројавен интерес два и пол пати поголем од објавениот износ на проспектот на обврзницата.

Согласно Стратегијата за развој на пазарот на капитал и Планот за забрзан економски раст покрај овие два инструмента, на пазарот во наредниот период ќе бидат понудени и проекти обврзници и развојни обврзници, кои се насочени кон разојни проекти и проекти поврзани со инфраструктурата. Дополнително, по издавање на зелената обврзница ќе се издаде и втората граѓанска обврзница.

Граѓаните и правните лица заинтересирани за учество на аукцијата и запишување на зелени обврзници може да поднесат барање заклучно до понеделник, 2 октомври 2023 година.

На Европа ѝ се заканува синтетичка дрога 50 пати посилна од хероинот

Европската Унија мора да се подготви за нагло зголемување на појавата на синтетичката дрога фентанил, изјави европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон за Политико.

„Кога разговарав со државниот секретарот Ентони Блинкен, тој за синтетичките дроги го рече следново – или е проблем што го имате, што не знаете дека го имате, или пак е проблем што ќе го имате. Мора да бидеме многу внимателни и многу подготвени“, рече Јохансон.

ЕУ веќе го зајакнува мандатот на својата Агенција за дроги, која се занимава и со здравствените и со безбедносните аспекти на недозволените дроги, и им дава „многу поголема моќ и двојно повеќе ресурси“, додава Јохансон.

Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е причина за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.

Според сознанијата на Мета.мк фентанилот во форма фластер се препишува на пациенти болни од канцер во терминална фаза кои имаат многу болки. Тој во земјава тешко се наоѓа, но го има во аптеки во соседни држави за релативно ниска цена. 

Акциониот план на ЕУ за борба против трговијата со дрога, објавен од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќање за состојбата на Европската Унија, ќе биде започнат до крајот на оваа година, потврди Јохансон.

Според Европскиот извештај за дроги за 2023 година во ЕУ во 2021 година биле затворени вкупно 434 лаборатории за производство на недозволени синтетички дроги.

Свадба во Ирак се претвори во кошмар, најмалку 110 луѓе загинаа

Најмалку 110 луѓе загинаа додека присуствувале на свадба во ирачкиот град Каракош, источно од Мосул. Извештаите сугерираат дека огнометот во внатрешноста на салата го предизвикал пожарот. Властите за цивилна одбрана рекоа дека салата имала префабрикувани панели кои биле многу запаливи, што веројатно помогнало во ширењето на пожарот и падот на дел од таванот, пренесе Би-би-си.

Црвената полумесечина соопшти дека изброиле 450 жртви, но не може да го потврди бројот на загинати. Официјални лица велат дека бројот на загинати досега достигнал 110, а судбината на невестата и младоженецот не е јасна.

Екипи на брза помош пристигнале на локацијата, а пожарникарите се обиделе да го спречат ширењето на пламенот. Преживеаните кои биле однесени во болница се лекуваат поради изгореници и недостаток на кислород.

Во Ирак, каде што има корупција, лошо управување и недостаток на одговорност, овие инциденти не се толку ретки. Претходно имаше извештаи за прекршување на градежните и безбедносните стандарди во Ирак, кои предизвикуваат загуби на животи.

Собранието ги изгласа законските измени: Ќе поевтинат производите за менструална хигиена

По 10 месеци Собранието конечно ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со производи за менструална хигиена, со што ќе се намали продажната цена.

Овие даночни измени лани, на 1 декември ги најави Димитар Ковачевски, а Владата на предлог на Министерството за финансии, во јули оваа година донесе одлука со која се утврдуваат највисоки цени на трговија на мало на дел од хигенските производи.

ДДВ за менструалните производи се намалува од 18% на 5%

По тогашната одлука, независната истражувачка организација Реактор – истражување во акција, чии главни области на работа се родова еднаквост, млади и урбан развој, изрази задоволство за усвоените законски измени и го повика Собранието што побрзо да го усвои законот, затоа што тоа е првиот чекор кон прекинување на циклусот на сиромаштија и зајакнување на жените и девојките преку овозможување развој и достигнување на целосниот потенцијал без оглед на нивниот менструален статус и можностите за справување со истиот.

„Ја поздравуваме одлуката на Владата за утврдување на текстот на Предлогот на закон за измена и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност со кои се врши намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена. Измените на Законот за ДДВ се во согласност со препораките за унапредување на политиките на Реактор – истражување во акција и Тииииит! Инк. кои произлегуваат од сеопфатната студија од 2021 за пристапот до менструална хигиена во РСМ“, изјавија тогаш од Реактор за Мета.мк.

Треба интерсекторска соработка за да се надмине менструалната сиромаштија

Покрај Законот за данок на добивка и Законот за данок на додадена вредност, Владата денес соопшти дека се усвоени измени и Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки.

„Даночната реформа е дел од сеопфатната реформа во јавните финансии кон која пристапивме уште пред повеќе од две години, а во текот на минатата година имавме интензивен инклузивен процес со сите засегнати страни, за да ги дефинираме предлозите, кои ќе придонесат за поголема праведност и правичност во оданочувањето. Таа се темели на Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, која Владата ја усвои на крајот од 2020 година, како дел од Програмата на Владата. Целта беше да се обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето и ќе биде во функција на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, додавајќи дека поддршка за реформата има од ЕУ и меѓународните финансиски институции.

Мета факт: Град Скопје не обезбеди бесплатни менструални производи за средните училишта

 

Иако има Даунов синдром, Никола ќе матурира без образовен асистент

Средношколецот Никола Стојановски кој боледува од Даунов синдром оваа година треба да матурира, но државата сè уште не му го обезбеди образовниот асистент иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека врз него се врши директна продолжена интерсекциска дискриминација. Неговата мајка Сузана за Мета.мк потврди дека и оваа година Никола учи без образовен асистент, а на барањата добива образложение дека уште се чека новиот Закон за средно образование да биде усвоен. Но, никој не знае кога ќе се случи тоа.

„Никој не ни кажува кога ќе биде усвоен новиот закон. Јас веќе губам надеж дека министерството ќе обезбеди асистент за Никола. Не сакам да верувам дека ќе матурира без да му се оствари правото, но очекувам дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и другите надлежни институции ќе покренат тужба. Тоа е нивна должност. Во секој случај се надевам дека идните генерации нема да се соочуваат со овој проблем“, рече Сузана потестувајќи дека лани таа мораше да седи на часовите со Никола, а тоа не се одразува позитивно врз развојот комуникацијата меѓу ученицте.

Министерот за образование Јетон Шаќири од минатиот септември кога Мета.мк прв пат ја објави приказната за Никола па до сега, неколку пати на јавни настани истакнуваше дека се работи на новиот Закон за средно образование. Тој, исто така најавуваше формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост и вработување образовни асистенти во училиштата. Воедно, министерот кажа и дека во буџетот на МОН за оваа година се предвидeни повеќе пари за ангажирање образовни асистенти кои им помагаат на учениците со попреченост во совладување на наставната материја и училишните обврски затоа што сите деца мора да имаат подеднаков пристап до квалитетно образование.

На темата квалитетно образование за децата со посебни потреби, министерот зборуваше и на неодамнешната Меѓународна научна конференција во Охрид посветена на специјалната едукација и рехабилитација.

Како општество определено кон еднаквост и недискриминација, превенирање и сузбивање на стереотипите и елиминирање на предрасудите, и во образованието имаме стратешка цел да обезбедиме воспитно-образовен процес по мерка на ученикот, земајќи ги предвид индивидуалните потреби за развој“, рече Шаќири.

Но, од Министерството за образование и наука до објавувањето на овој напис не одговорија на прашањата на Мета.мк дали оваа учебна година ќе обезбеди образовни асистенти за секое дете кое има потреба како што е Никола и кога ќе се донесе новиот Закон.

Од КСЗД велат дека е донесено Мислење со кое е утврдено дека од страна на Министерството за образование и наука и министерот за образование е извршена директна продолжена интерсекциска дискриминација во областа на образование.

Појаснуваат дека тоа е од причина што на ученикот не му бил обезбеден образовен асистент ниту преку Програмата „Општинско – корисна работа“ и покрај тоа што од наводите на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) произлезе дека конкретната програма ги опфаќа и државните средни училишта кои се основани од Владата.

„Дискриминацијата е извршена со пропуштање на Министерството за образование и наука да му обезбеди образовен асистент на ученикот кој е подносител на претставката“, велат од Комисијата. Додаваат дека станува збор за продолжена дискриминација како потежок облик, од причина што истата е вршена во континуитет, непрекинато, во долг временски период врз дискриминаторска основа кон конкретното лице.

„Беше препорачано Министерството за образование и наука да го отстрани нееднаквиот третман спрема подносителот, со тоа што ќе му обезбеди образовен асистент и еднаков квалитет на средното образование како на останатите средношколци кои немаат потреба од образовна поддршка“, истакнаа од КСЗД.

Од Комисијата појаснуваат дека на овој начин од дискриминацијата која ја продуцира Законот се јавува штетна последица кон засегнатите ученици, а тоа е онезвозможување за стекнување на квалитетно образование на еднаква основа со средношколците кои немаат потреба од дополнителна асистенција или поддршка во образовниот процес.

Фото: Фото исечок од Мислењето на Комисија за спречување и заштита од фискриминација

„Се работи за продолжена дискриминација како потежок облик, од причина што Законот за средното образование ја создава во континуитет, непрекинато, во долг временски период врз дискриминаторски основи кон конкретната група на лица. Врз основа на тоа, со Мислењето беше препорачано Министерството за образование и наука да создаде законски услови за обезбедување на образовна/лична асистенција на секој ученик од средно образование со посебни образовни потреби/попреченост, без оглед дали средното образование го следи во средно општинско училиште, средно училиште на Градот Скопје или државно средно училиште, односно во било кое училиште од редовното средно образование“, велат од КСЗД.

Чекајќи го новиот Закон и со цел за побрзо надминување на дискриминацијата КСЗД препорача МОН да започне со измени и дополнувања на важечкиот Закон за средно образование во кои ќе биде интегриран принципот на инклузија и ќе се овозможи еднаков квалитет на средно образование за учениците со посебни образовни потреби или попреченост.

Средношколците со посебни потреби чекаат на Законот за средно образование за да добијат образовни асистенти

Итноста на новиот Закон за средно образованије ја потенцираа и учесниците на јавната дискусија која се одржа во рамките на Фестивалот за Инклузија на која панелистите говореа за секојдневната борба за подобрување и овозможување на еднакви услови за сите.

Фестивал на инклузија: Да ја искористиме културата да биде мост за надминување на различностите

 

Уставен суд со 13 предмети ќе ги разгледува измените на Законот за извршување

Уставниот суд информираше дека се формирани 13 нови предмети по поднесени иницијативи во кој се оспорени законските измени на Законот за облигациони односи и иницијативи за измените на Законот за извршување од 20 јули 2023 година. Во дел од иницијативите се оспорени и двата закона. 

Според списокот со предметите кој го објави Уставниот суд меѓу подносители се адвокати, граѓани, Адвокатската комора, Комората на извршители и државни јавни претпријатија.

Адвокатот Владо Костовски го оспорува член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи со образложение дека исклучокот за ретроактивна важност нема поповолно дејство за сите граѓани, туку само за должниците како привилигирана категорија.

Според Адвокатот Вангел Баракоски спорни се член 2 и член 4 од истиот закон со образложение дека со примената на овие одредби има реална опасност да настанат огромни материјални и нематеријални штети кај одредени поединци или групи на граѓани кои дополнително можат да допринесат и за правна несигурност, а особено во извршните постапки. Тој исто така навел дека ретроактивното дејство е поволно само за граѓаните кои должат, а е на штета на доверителите.

И адвокатот Никола Источки смета дека Член 4 е оспорен затоа што со ваква одредба странките во извршната постапка се ставаат во нееднаква положба на начин што должниците се во привилигирана положба наспроти доверителите на кои паѓа сиот товар од трошоците при запирањето на постапките за извршување.

Граѓанинот Петар Баришиќ го оспорил член 1 од овој закон, како и член 1 од измените на законот за извбшување оспорените одредби задираат во стекнување на сопственоста и во досудената и стекнатата сопственост во извршната постапка.

Адвокатската комора исто така бара оспорување на измените на двата закона и наведува дека принципите на современата демократија и хиерархијата на правните акти во системот на државното уредување не е запазен со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи во целина. Според Комората, со оспорениот закон се нарушуваат темелните вредности кои ги штити Уставот, како резултат на ставање во нееднаква и нерамноправна положба едни лица, на сметка на други кои се привилигирани иако не ги почитувале своите законски обврски.

На списокот е наведена и Комората на извршители, која смета дека оспорените одредби се спротивни на темелните вредности на Уставот, бидејќи се промовира дискриминација како резулатат што една категорија граѓани (должници) ги става во повластена положба наспроти доверителите.

Како подносители во два предмети се јавуваат ЕВН Македонија, ЕВН ХОМЕ и Електродистрибуција. Во објаснувањето на нивната иницијатива наведено е дека смислата и значењето на казнената камата која се пресметува за парични обврски како санкција за неуредните должници, своевиден материјален надоместок за имотна штета која ја трпи доверителот подари доцнењето на должникот.

Во друга иницијатива истите јавни претпријатија тврдат дека казнената камата ја губи својата смисла и ќе предизвика негативни финансиски ефекти на економијата во целина.

Граѓанинот Ѓорѓи Андов, во иницијативата против законските измени наведува дека оспорените членови им овозможуваат на должниците, кои иако не ги извршувале своите обврски, да бидат наградени, а државата им ги простува долговите, ама не на товар на Буџетот, туку на товар на доверителите.

Во една од иницијативите како подносители на иницијтива се ЕВН Македонија, ЕВН ХОМЕ, Електродистрибуција, заедно со комуникациските компании А1 Македонија и Македонски телеком, како и Стопанската комора на Северна Македонија.

Според нив, како што е наведено во судското соопштене, спорно е што износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе престане да тече кога ќе го достигне износот на главниот долг бидејќи со така поставени одредби казнената камата ја губи својата основна функција и ќе предизвика негативни финансиски ефекти за економијата во целина. Тие сметаат дека казнената камата претставува своевиден материјален надоместок за имотната штета која ја трпи доверителот поради доцнење и неуредност на должникот и тврдат дека со овие законски измени во дискриминирана положба се ставени должниците кои навреме и уредно ги плаќале своите долгови.

Истите подносители поднеле и втора иницијатова, во која наведуваат дека оспорените одредби ќе ги охрабрат несовесните должници да не ги подмируваат навремено своите долгови, односно намерно да запаѓаат во задоцнување, знаејќи дека казнената камата е ограничена.

Адвокат Синиша Станковиќ во својата иницијатива наведува дека граѓанинот кој има својство на доверител е помалку еднаков во однос на граѓанинот кој има својство на должник.  Според него Законодавецот казнува една група на граѓани, а наградува друга група граѓани, во случајот должниците.

Македонската банкарска асоцијација во својата иницијатива наведува примери од праксата на Европскиот суд за човекови права, кога органите го повредиле принципот на правна сигурност во ситуација кога во нивниот правен поредок опстојувала норма слична како оспорената.

Со оспорената норма законодавецот ефективно на судската пресуда ѝ го одзема правното дејство и можноста на доверителот да го заштити побарувањето, односно правото на сопственост. Според подносителот ефектите од оспорената одредба не се само повреда на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, туку и повреда на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, наведено е во нивната иницијатива.

Уставениот суд информира дека сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. А судот допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.

АНАЛИЗА: Отпис на камати – извршителите почнаа со пресметки, застарувањето на долговите направи “хаос”

Шаќири: Ќе барам мислење од БРО за секое прашање за кое јавноста има забелешки

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска во изјава за медиумите рече дека ќе побара од Бирото за развој на образованието (БРО) детални информации за спорниот прирачник којшто вчера во јавноста предизвика бурни реакции и дезинформации.

Тој нагласи дека прашалникот е одобрен уште во 2009 година, потпишан од претходниот директор во 2011 година, но најави дека ќе побара мислење за секое прашање за кое јавноста има забелешки.

„Не само за тој прашалник, знаете дека еднаш имаше коментари во јавноста дека е учебник, па после се потврди дека е прашалник, се потврди дека не е од овој период, туку од претходниот. Јас не само за овој прашалник туку за сите материјали, за сите други прашалници и за учебниците, за забелешките на јавноста ќе побарам уште еднаш од сите советници во Бирото да ги разгледаат сите материјали што се од претходниот период и, ако има образложение за некои материјали да се повлечат, истите да се повлечат, да се разгледаат, да не бидат тие материјали. Но, ако има случај каде има оправдување од страна на Бирото, тие оправдувања треба да ги дадат на јавноста, кои се причините за тие материјали, изјави Шаќири.

Тој рече дека не го разгледал прирачникот лично и дека ќе побара мислење од тој период од Бирото, иако и тогаш образложението било дека не е обврска да се користи, и најави дека заедно со неговиот кабинет ќе го разгледаат и ќе достават соодветно мислење до Бирото како понатаму да се постапува.

Како средношколскиот прирачник за хетеросексуалност стана прирачник за дезинформации?

„Ќе побарам од Бирото дополнително сите материјали, сите прашалници, сите одобрувања што ги дава Бирото за каков било материјал кој влегува од невладини организации, од различни организации, внимателно да се разгледаат, за да не бидат достапни на децата“, изјави министерот.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на доставата на учебниците, Шаќири го повтори ставот дека економскиот оператор секојдневно доставува учебници. Тој нагласи дека завчера Националната комисија ги донела последните одлуки и се одобрени учебниците за албански јазик, математика, природни науки, додавајќи дека сега продолжуваат постапките за шесто одделение.

„Ако нема жалбени постапки, веднаш и тие учебници ќе продолжат со техничко-графичко регулирање и исто така на печатење“, кажа Шаќири.

Пожар во поранешната фабрика ОХИС, гори оџак и дрвна маса

Во поранешната фабрика ОХИС во Скопје во моментов има пожар. Огнот зафатил оџак и дрвна маса во еден од објектите на фабриката, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму велат дека пријавата за пожарот ја добиле преку телефонскиот број за итни случаи 112.

„Од Е-112 во ЦУК е добиена пријава за пожар во поранешената Фабрика ОХИС, каде што е опожарен оџак и дрвна маса во еден од објектите на истата. Известени се БППЗ на град Скопје“, соопшти ЦУК.

Гаснењето на пожарот во ОХИС е во завршна фаза, а засега нема информации за горење на било какви опасни материи. На терен се излезени екипи на скопската противпожарна бригада.

Охридскиот регион останува на листата на светски наследства на УНЕСКО

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и на 45-тата сесија што ја одржа во саудискиот главен град Ријад одлучи Охридскиот регион да остане на листата на светски наследства на УНЕСКО.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која присуствува во Ријад, изјави дека останува престижниот статус, но остануваат и препораките за негово зачувување.

„Препораките не се лесни и нивното реализирање бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и установите и граѓаните. Впрочем, обврските се точно адресирани. Многу работи од препораките ги имаме почнато, но останува нивната целосна реализација. Треба постојано да го имаме предвид фактот дека нашето непостапување по препораките ќе биде причина за впишување на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа присуствува на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија на која вчера беше соопштена Одлуката на Комитетот дека Охридскиот Регион, со својата исклучителна универзална вредност, останува на листата на светско наследство.

 

Костадиновска-Стојчевска, вчера во своето обраќање за време на сесијата на Комитетот, искажа благодарност што Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија, со која ги споделуваме природните убавини на овој уникатен регион, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство.

„УНЕСКО е драгоцен пријател и на Охридскиот Регион. А во времето што доаѓа, секое пријателство е како бисер. Таков каков што е нашиот Охридски Регион“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа нагласи дека експертските тимови на двете држави го изготвиле Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, а, како што рече, тоа е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите кои имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот, што е позитивно оценето и од страна на Комитетот за светско наследство и нотирано и во Одлуката од сесијата на Комитетот во Ријад.

Министерката за култура додаде дека од нашата натамошна засилена соработка со Република Албанија ќе зависи имплементацијата на посочените мерки за рехабилитација на Регионот. Но, нагласи дека останува добар дел од препораките на реактивните мониторинг мисии и на советодавните мисии што треба заеднички да ги сработат двете страни. Тоа ги потврдува, како што рече, нашите искрени намери и подготвеност за работа и за интензивна соработка.

Министерката за култура упати благодарност до земјите членки на Комитетот за светско наследство што ги препознаа, ги уважија и ги валоризираа нашите напори, како и до сите вклучени во процесот на зачувување на статусот на Охридскиот Регион –  членовите на работните групи, експертите, министерствата, општините, граѓанскиот сектор – за професионалната и искрена соработка во изминатата година и пол.

Покрај министерката за култура, македонската делегација во Ријад е составена и од министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, како и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов.

Павлов изрази благодарност што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и затоа ни го обезбеди потребното време да продолжиме да правиме значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот Регион.

Дијабетичарите не добија ленти и глукомери, спасот го бараат кај народниот правобранител

Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија, кој ги обединува локалните здруженија на лицата со дијагноза Дијабетес тип1 и тип2, поднесе Преставка и Барање за итно постапување на Народниот правобранител на Република Македонија. И по сите ветувања од Министерството за здравство од изминатиов период, дијабетичарите не добија ленти и глукомери кои мораат сами да си ги купуваат од аптеки.

Тие потсетуваат дека рокот за одговор од Министерството за здравство истече и остануваат нејаснотиите зошто сè уште нема ни ленти ниту глукомери, согласно новиот договор за набавка на истите за 44.000 лица со дијабетес, а досега единствено се вршело делење на минимален број и на дискриминаторски начин на ленти од веќе завршениот тендер под наслов Донација.

Од Сојузот на здруженија на дијабетичари велат дека преставката до народниот правобранител денеска ќе биде поднесена електронски, а од понеделник и по писмен пат.

Претходната тендерска набавка беше со важност до 31.12.2022 година, а следната требало да биде распишана два месеци однапред, но до тоа не дошло од кои причини за кои тие не се официјално запознаени. Од Сојузот велат дека се доцнело до месец април, а поради сите тие причини пациентите со дијабетес се оставени без неопходните глукомери и ленти од 1 јануари 2023 година до денес, односно вкупно девет месеци.

„Согласно Уставот на РСМ ние сме држава во која граѓаните ги уживаат сите основни човекови права и им се гарантира правото на здрав живот. Ние силно веруваме дека државата има полн капацитет да ги заштити правата на граѓаните за здрав живот, да им го врати мирот, достоинството, спокојот и нормалниот живот без ризик“, истакнаа од Сојузот.

Во однос на состојбата во која се наоѓаат граѓаните, од Сојузот на здруженија на дијабетичари потсетуваат дека во земјава има пациенти со дијагноза дијабетес во бројка од 116.000, од кои 4.000 пациенти се тип 1, меѓу кои се и 600 деца до 18 години, потоа 40.000 се пациенти со тип 2, при што сите 44.000 се зависни од инсулин, а останатите се на таблетарна терапија.

За повредените права на пациентите и предизвикување на материјална штета кај истите, Сојузот на 29 август годинава поднел претставка до Министерството за здравство, премиерот и претседателот, но одговор по претставката немаат добиено од Министерството за здравство во предвидениот законски рок од 15 дена.

Инаку, во јули годинава дијабетичарите излегоа на протест пред Министерството за здравство оти не ја добија потребната дијабетна терапија, иако министерот Фатмир Меџити им вети.

„Сите граници на толеранција се преминати. Да не зборуваме за семејните буџети колку ни се нарушени. Ние како Сојуз кога можевме да обезбедиме 400 апарати и кутии со ленти, кои беа донација за 400 најзагрозени лица со дијабетес, ова министерство може да обезбеди многу повеќе и може да направи навреме да се дистрибуираат“, рече тогаш Димче Велев, претседателот на Сојузот, во изјава за медиумите.

Мета.мк многу пати досега пишуваше за проблемите на лицата со дијабетес во земјава пишуваше многупати досега. Пред две години, за проблемите на децата и потребата од сензори за безболно мерење гликемија говореше ученичката Миа Чичкариќ. По објавата на сторијата, тогашниот министер Венко Филипче ја повика на средба и најави набавка на сензорите, но Министерството за здравство ја поништи постапката и лицата со дијабетес до денеска ги немаат добиено сензорите.