Вработените во jавните обвинителства во штрајк, бараат зголемување на платите за 78 проценти

Од УПОЗ велат дека за време на штрајкот тие ќе ги извршуваат само итните и неодложни работи, како тие во кој има само притвор, претрес или неодложни жалби, како и случаите од јавен интерес

Фото: Синдикат на УПОЗ

Околку 390 вработени во службите на јавните обвинителства од денес штрајкуваат со барање платите да им се зголемат за 78 проценти, по примерот на функционерите, и да им се исплаќаат додатоците на плата до 35 проценти.

Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејаноски, рече дека штрајкот ќе се одвива во сите 28 јавни обвинителства низ државата и ќе трае сè додека не им се исполнат барањата, дека бараат средба со претставници од Владата, а во спротивно ќе се радикализираат.

„Штрајкот е најавен навремено и согласно законските прописи нема да дозволиме никакви притисоци врз вработените, тие да извршуваат задачи освен оние кои се итни и неодложни. За штрајкот е информиран министерот за правда кој не најде време да нè прими и да ги чуе барањата. До сите политички партии во Собранието е испратен амандман со кој се бара во ребалансот да се предвидат средства за исплата на повисоки плати за вработените во обвинителството и редно време е барем еден пратеник да го чуе нашиот глас и да се бори за вработените. Ние сме специфична служба, платите се во просек 22 илјади денари“, изјави Дејаноски.

Од УПОЗ велат дека за време на штрајкот тие ќе ги извршуваат само итните и неодложни работи, како тие во кој има само притвор, претрес или неодложни жалби, како и случаите од јавен интерес.

Премиерот Ковачевски во изјава за медиумите рече дека вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, и делот на управување не е во надлежност на Владата. Но, во рамки на она што е можно со Буџетот, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети.

„За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15“, рече Ковачевски.

Тој најави дека овој месец ќе следи ново покачување на пензиите од шест проценти, со што, како што рече, заедно со минатогодишното зголемување, тие ќе бидат вкупно покачени за 25 отсто. Премиерот најави и 9-ти пакет антикризни мерки, кој исклучиво ќе биде насочен за најранливите категории.