Еден од тројцата вооружени српски напаѓачи, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кaj Звечанe, бил телохранител на шефот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), Александар Вулин, информираше министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља на Фејсбук.
„Вчера преку видео снимки го докажавме присуството на веле-криминалецот и водач на терористичката акција, Милан Радојичиќ. Во меѓувреме, денеска е потврдено дека еден од убиените, кој исто така бил учесник во тој чин, е Бојан Мијаиловиќ, телохранителот на шефот на српската БИА, Александар Вулин, при неговата посета на Република Косово во 2013 година“, напиша Свечља.
Тој посочи дека овие факти се уште еден доказ дека намерите на Србија кон Република Косово воопшто не се сменети од времето на режимот на Милошевиќ и на тогашниот министер за пропаганда на тој режим, односно сегашниот претседател на Србија.
„И најголемите оптимисти кои до сега се лажеа себеси за промените во оваа држава, верувам дека деновиве се уверија во спротивното“, напиша Свечља.
Критики кон српскиот претседател упати и косовскиот премиер Албин Курти велејќи дека Александар Вучиќ сакал на 24 септември православниот манастир во Бањска да го претвори во „Кулата на Јашари“ за Србите во Косово, наведувајќи дека Вучиќ е опседнат со предводникот на ОВК убиен од српските власти, Адем Јашари, пренесува Н1.
Операцијата кај Бањска завршена – кој сакал од Милан Радојчиќ да направи српски Адем Јашари?
Инаку денес Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека вчера ослободило четворица осомничени за случајот во Бањска во Звечан бидејќи немало доволно докази за нивната вмешаност во случајот, објави приштинска „Коха“.
Како што соопштија од Обвинителството, осомничените се уапсени далеку од местото на настанот.
„Ве информираме дека четирите лица, кои беа уапсени за време на акцијата на косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан, далеку од местото на настанот, вчера беа ослободени од Специјалното обвинителство на Република Косово во отсуство на докази од косовската полиција“, соопшти во средата Обвинителството, пренесува „Коха“.
Косовската полиција уапси осум лица во врска со вооружениот напад што се случи во неделата во Бањска во Звечан, каде што беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку
КоССев.инфо утрово информира дека косовската полиција ја завршила акцијата кај селото Бањска, која три дена се спроведуваше за да се изврши темелен претрес на теренот за пронаоѓање на оружје и друга опрема.
Косово го покажа запленетиот арсенал кај Бањска, Србија прогласи Ден на жалост