Косово го покажа запленетиот арсенал кај Бањска, Србија прогласи Ден на жалост

Радио-телевизија Косово ги пренесе информациите на косовските власти дека меѓу пронајдените документи во возилата на вооружената група кај бањска биле пронајдени и лични документи на Милан Радојчиќ, контроверзен бизнисмен осомничен и потпретседател на Српската листа и ставен на црната листа на САД. Косовскиот радиодифузен сервис пренесува и дека е можно Радојчиќ да бил ранет во престрелките со косовската полиција

-

Косовската полиција јавно го прикажа арсеналот на вооружената група која ги нападна полициските службеници кај селото Бањска во северниот дел на Косово. Косовските власти ги оквалификуваа активностите на оваа група како терористички напад, а двајца од уапсените кај Бањска веќе се изведени пред основниот суд во Приштина.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свлечла ги презентираше доказите по неделните настани кај Бањска. Тој рече дека терористичката група поседувала возила од различен тип, вклучувајќи оклопни возила, стотици парчиња оружја од различен тип и калибар, униформи и логистичка опрема. Косовската полиција кај Бањска пронашла и воено оружје од тежок калибар (гранати, зоља, митралези, калашникови, рачни гранати, беспилотни летала и муниција од различен калибар), потоа радио-врски, телефони и картички, мапи и воени униформи, таблички, разна документација.

Свлечла додаде дека терористичката група ги нападнала полициските службеници откако претходно поставила блокада со камиони на патот кај селото Бањска, при што загинал полицаецот Африм Буњаку. Косовските полициски службеници во самоодбрана биле принудени да употребат огнено оружје, a во размената на оган загинале тројца напаѓачи, а биле уапсени уште двајца. Уапсени биле и четворица осомничени, кои биле затекнати под незаконско поседување радио-врски за кои постои сомневање дека се поврзани со терористичката група.

Радио-телевизија Косово ги пренесе информациите на косовските власти дека меѓу пронајдените документи во возилата на вооружената група кај Бањска биле пронајдени и лични документи на Милан Радојчиќ, контроверзен бизнисмен и потпретседател на Српската листа, кој е ставен на црната листа на САД. Косовскиот радиодифузен сервис пренесува и дека е можно Радојчиќ да бил ранет во престрелките со косовската полиција, а во моментов да е на медицинско лекување во Србија.

Ветон Ељшани, заменик-командир на косовската полиција за регионот Север за КоССев.инфо утрово изјави дека операцијата на косовската полиција продолжува, а дека на населението од селото Бањска сега му е дозволено да излезе или влезе во ова населено место доколку му е потребна медицинска помош, примање инјекции, купување на лекови, а за да им биде дозволен влез или излез од селото треба да се обратат на косовските полицајци.

Според неговото кажување, претресот на косовската полиција продолжува, во куќи во селото биле пронајдени минофрлачи, а арсеналот што го пронашле таму тој го опишува како селото да било касарна.

Српската влада одлучи утрешниот ден (27 септември) да го прогласи за Ден на жалост на територијата на целата земја, за на тој начин да им се оддаде почит на настраданите во Косово, се наведува во соопштението на Владата на Србија.

Српската листа во Косово, која е блиска до властите во Белград, соопшти дека во средините каде живее српско население во Косово е прогласена тридневна жалост од 26 до 28 септември, пренесува Радио-телевизија Србија. Српскиот радиодифузен сервис јавува дека напнатоста во северно Косово не е намалена, а дека веќе 48 часа се блокирани граничните премини Јариње и Брњак на косовско-српската граница.

Инаку, соговорници за белградскиот весник „Данас“ ја анализираа состојбата во северно Косово. Немања Милошевиќ, претседател на политичката организација Глас вели дека српската јавност нема релевантни информации од надлежните служби кои треба да имаат извештај од теренот, но и дека изостанале реакции и од Кфор и од Еулекс.

„Значи, имавме ситуација во која целиот тој настан се заврши така што немаме јасна слика кои се тие луѓе, каде отидоа, како отидоа, на кој начин… тоа се некои прашања кои остануваат отворени“, вели Милошевиќ.

Тој за „Данас“ додава дека веќе подолго време по медиумите се пишува дека Русија има интерес да предизвика судир во Западен Балкан, како би го свртела вниманието на меѓународната заедница од војната во Украина.

Милошевиќ додава дека на Русија и тоа како би ѝ одговарало ново жариште на европско тло. Сепак, додава дека не може лесно да се создаде судир во Косово, а она што го видовме кај Бањска е максимумот на нешто што може да се случи. Членството на Србија во НАТО би можело да биде решение за сите безбедносни проблеми, смета тој.

Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќта на вештерките“, кој традиционално во западните земји се одбележува на 31 октомври, Новинската агенција „Мета.мк“, во соработка со Книжевниот центар „Антолог“, објавува...