fbpx

Иако има Даунов синдром, Никола ќе матурира без образовен асистент

Од КСЗД за Мета.мк изјавија дека е донесено Мислење со кое е утврдено дека од страна на Министерството за образование и наука и министерот за образование е извршена директна продолжена интерсекциска дискриминација во областа на образование

-

Средношколецот Никола Стојановски кој боледува од Даунов синдром оваа година треба да матурира, но државата сè уште не му го обезбеди образовниот асистент иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека врз него се врши директна продолжена интерсекциска дискриминација. Неговата мајка Сузана за Мета.мк потврди дека и оваа година Никола учи без образовен асистент, а на барањата добива образложение дека уште се чека новиот Закон за средно образование да биде усвоен. Но, никој не знае кога ќе се случи тоа.

„Никој не ни кажува кога ќе биде усвоен новиот закон. Јас веќе губам надеж дека министерството ќе обезбеди асистент за Никола. Не сакам да верувам дека ќе матурира без да му се оствари правото, но очекувам дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и другите надлежни институции ќе покренат тужба. Тоа е нивна должност. Во секој случај се надевам дека идните генерации нема да се соочуваат со овој проблем“, рече Сузана потестувајќи дека лани таа мораше да седи на часовите со Никола, а тоа не се одразува позитивно врз развојот комуникацијата меѓу ученицте.

Министерот за образование Јетон Шаќири од минатиот септември кога Мета.мк прв пат ја објави приказната за Никола па до сега, неколку пати на јавни настани истакнуваше дека се работи на новиот Закон за средно образование. Тој, исто така најавуваше формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост и вработување образовни асистенти во училиштата. Воедно, министерот кажа и дека во буџетот на МОН за оваа година се предвидeни повеќе пари за ангажирање образовни асистенти кои им помагаат на учениците со попреченост во совладување на наставната материја и училишните обврски затоа што сите деца мора да имаат подеднаков пристап до квалитетно образование.

На темата квалитетно образование за децата со посебни потреби, министерот зборуваше и на неодамнешната Меѓународна научна конференција во Охрид посветена на специјалната едукација и рехабилитација.

Како општество определено кон еднаквост и недискриминација, превенирање и сузбивање на стереотипите и елиминирање на предрасудите, и во образованието имаме стратешка цел да обезбедиме воспитно-образовен процес по мерка на ученикот, земајќи ги предвид индивидуалните потреби за развој“, рече Шаќири.

Но, од Министерството за образование и наука до објавувањето на овој напис не одговорија на прашањата на Мета.мк дали оваа учебна година ќе обезбеди образовни асистенти за секое дете кое има потреба како што е Никола и кога ќе се донесе новиот Закон.

Од КСЗД велат дека е донесено Мислење со кое е утврдено дека од страна на Министерството за образование и наука и министерот за образование е извршена директна продолжена интерсекциска дискриминација во областа на образование.

Појаснуваат дека тоа е од причина што на ученикот не му бил обезбеден образовен асистент ниту преку Програмата „Општинско – корисна работа“ и покрај тоа што од наводите на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) произлезе дека конкретната програма ги опфаќа и државните средни училишта кои се основани од Владата.

„Дискриминацијата е извршена со пропуштање на Министерството за образование и наука да му обезбеди образовен асистент на ученикот кој е подносител на претставката“, велат од Комисијата. Додаваат дека станува збор за продолжена дискриминација како потежок облик, од причина што истата е вршена во континуитет, непрекинато, во долг временски период врз дискриминаторска основа кон конкретното лице.

„Беше препорачано Министерството за образование и наука да го отстрани нееднаквиот третман спрема подносителот, со тоа што ќе му обезбеди образовен асистент и еднаков квалитет на средното образование како на останатите средношколци кои немаат потреба од образовна поддршка“, истакнаа од КСЗД.

Од Комисијата појаснуваат дека на овој начин од дискриминацијата која ја продуцира Законот се јавува штетна последица кон засегнатите ученици, а тоа е онезвозможување за стекнување на квалитетно образование на еднаква основа со средношколците кои немаат потреба од дополнителна асистенција или поддршка во образовниот процес.

Фото: Фото исечок од Мислењето на Комисија за спречување и заштита од фискриминација

„Се работи за продолжена дискриминација како потежок облик, од причина што Законот за средното образование ја создава во континуитет, непрекинато, во долг временски период врз дискриминаторски основи кон конкретната група на лица. Врз основа на тоа, со Мислењето беше препорачано Министерството за образование и наука да создаде законски услови за обезбедување на образовна/лична асистенција на секој ученик од средно образование со посебни образовни потреби/попреченост, без оглед дали средното образование го следи во средно општинско училиште, средно училиште на Градот Скопје или државно средно училиште, односно во било кое училиште од редовното средно образование“, велат од КСЗД.

Чекајќи го новиот Закон и со цел за побрзо надминување на дискриминацијата КСЗД препорача МОН да започне со измени и дополнувања на важечкиот Закон за средно образование во кои ќе биде интегриран принципот на инклузија и ќе се овозможи еднаков квалитет на средно образование за учениците со посебни образовни потреби или попреченост.

Средношколците со посебни потреби чекаат на Законот за средно образование за да добијат образовни асистенти

Итноста на новиот Закон за средно образованије ја потенцираа и учесниците на јавната дискусија која се одржа во рамките на Фестивалот за Инклузија на која панелистите говореа за секојдневната борба за подобрување и овозможување на еднакви услови за сите.

Фестивал на инклузија: Да ја искористиме културата да биде мост за надминување на различностите

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...