Мензата во „Пелагонија“ сè уште не ги отворила вратите за студентите, се чека да заврши вселувањето

Од студентскиот дом „Пелагонија“ потврдија дека мензата не работи, а како причина за тоа го наведуваат податокот што вселувањето трае сè уште и домот не располагал со точна бројка на студенти кои реално се таму. Студентите се вселиле, но само мал број деновиве престојуваат во објектот

фото: Државен студентски дом „Пелагонија“ / dsdpelagonija.mk

Тринаесет дена откако започна вселувањето во студентските домови, мензата во домот „Пелагонија“ во Скопје сè уште не почнала со работа. Студентите реагираат што плаќаат станарина за септември, а и покрај тоа не можат да го искористат правото на два оброка во денот. Од студентскиот дом велат дека оброци нема затоа што бројката на студенти што живеат таму „осцилира“, па не знаат колку оброка дневно треба да спремаат за да не ја фрлаат непотребно преостанатата храна.

Сè уште тече рокот за вселување во државните и приватните студентски домови за студентите од втора и повисоките години. По објавата на резултатите на 5 септември, студентите добија рок од 10 работни денови за да се сместат во домот во кој се примени. Вселувањето во студентските домови во главниот град започна на 6 септември, по што со работа почнаа и мензите во државните студентски домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.

Но, тоа не е случај и со јавно-приватниот дом „Пелагонија“. Таму, речиси две седмици од стартот на вселувањето, студентската менза уште не ги отворила своите врати за студентите што се сместиле.

Повеќе студенти се обратија до новинската агенција Мета.мк со реакција дека и покрај тоа што ја платиле месечната рата за кирија и исхрана за септември, не можат да се хранат таму.

„Во студентскиот дом Пелагонија сè уште немаме менза. Веќе денес е 18-ти, а месецот ни е платен. Одговор од надлежните е цело време истиот – да се комплетираме, и не се знае кога ќе почне со работа мензата“, вели еден од студентите сместени во „Пелагонија“.

Друг студент исто така реагира што ја платиле целосната станарина од 3.695 денари, а не добиваат оброци во домот.

Од студентскиот дом „Пелагонија“ за Мета.мк потврдија дека мензата не работи, а како причина за тоа го наведуваат податокот што вселувањето трае сè уште и домот не располагал со точна бројка на студенти кои реално се таму. Студентите се вселиле, но само мал број деновиве престојуваат во објектот.

„Самите студенти, иако се вселени, не се тука. Ние немаме реална бројка колку студенти навистина се тука. Минатата година почнавме малку порано и многу храна ни отиде во ѓубре. Ние моментално имаме вселени 600 студенти, но ако ги гледаме колку се реално во соба, не се ни 100“, вели директорот на студентскиот дом „Пелагонија“, Агим Фејзулаху.

Фејзулаху очекува студентската менза да започне со работа од среда или четврток. Тој вели дека и претходните години мензата во „Пелагонија“ се отворала подоцна, но никогаш немало реакции за тоа како сега.

„Никогаш во текот на вселување на студентите мензата не се има отворено поради фактот што често пати се случува да има такви осцилации на бројки на самите студенти. Се доведуваме на трошок, се доведуваме во ситуација да сме принудени да ја фрламе храната што ја спремаме“, вели Фејзулаху.

Студентите сместени во „Пелагонија“ имаат право на два оброка во текот на денот, но можат да побараат и „репете“. Студентската менза ќе се отвора во 11 часот претпладне и ќе служи храна до 21 часот навечер.

Инаку, деновиве се очекуваат резултатите од конкурсот за сместување во студентски домови на студентите во прва година, односно бруцошите, како и од повторниот конкурс за студентите од втора и повисоките години. Во „Пелагонија“ се преостанати места само за бруцошите, додека капацитетите за „постарите“ студенти се пополнети. Речиси 80 отсто од примените студенти во овој студентски дом се ослободени од партиципација.