Се готви нов Закон за средно образование, во тек е јавна дебата

Од дебатата за новиот Закон за средно образование во средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Фото: МОН

Средно образование за деца со странско државјанство или деца без државјанство, формирање инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост, вработување образовни асистенти во училиштата. Ова се само дел од нештата кои ќе бидат дел од новиот Закон за средно образование, чија работна верзија денеска ја претстави министерот Јетон Шаќири во средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Причина за создавање нов закон е тоа што постојниот закон се спроведува повеќе од 27 години.

„Во меѓувреме, средното образование стана задолжително, беа донесени нови наставни планови и програми и истите постојано се ажурираат и дополнуваат. Имаме многу нови права и можности за сите чинители во образовниот процес во средните училишта и сето тоа мора да биде дел од една правна рамка. Денес сме тука за да ја направиме таа рамка. Имаме основа, која можеме добро да ја надградиме“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој ја отвори првата од неколку јавни дискусии кои ќе бидат организирани следните денови.

Според министерот, Стратегијата за образование 2018-2025 година поставува неколку приоритети – подобрување на содржината на средното образование, зголемување на опфатот на учениците и подобрување на инклузивноста и меѓуетничката интеграција во средното образование, подобрување на капацитетите на човечките ресурси во средните училишта и подобрување на условите за учење и на квалитетот на образованието.

Шаќири повика на активизам и давање идеи и предлози кои би биле дел од законот. Работна група составена од неколку претставници веќе изготвила работна верзија.