Средношколците со посебни потреби чекаат на Законот за средно образование за да добијат образовни асистенти

Фото: Мета.мк

Никола Стојановски е само еден од многуте средношколци кои имаат потреба од образовен асистент затоа што боледува од Даунов синдром. Впрочем, Конвенцијата за правата на детето јасно насочува дека треба да се овозможи образование кое ќе биде насочено кон развојот на личноста на детето, неговите надарености и менталните и физичките способности до крајни граници.

Но, наставата во државната гимназија за физичка култура „Методи Митевски Брицо“ во Скопје, Никола веќе еден месец ја следи заедно со својата мајка затоа што државата не обезбеди асистенти за децата како него.

Тој е амбициозно момче и, како што изјави за Мета.мк, планира да се запише на факултет. Неговата попреченост не го спречи и да биде дел од групата деца која неодамна се закити со десетици златни медали на инклузивната меѓународна Научна олимпијада за млади иноватори, а редовно посетува и часови по знаковен јазик.

Неговата мајка Сузана, во надеж дека ќе се најде решение, навремено испратила писмо до надлежните институции во кое посочува со каква голгота се соочува нејзиниот син. Но, до сега, одговор со конкретно решение не добила, со образложение дека се чека усвојувањето на новиот Закон за средно образование.

Таа, покрај тоа што е загрижена како да обезбеди образовен асистент, смета и дека нејзиното присуство на часотивте не се одразува позитивно врз комуникацијата на останатите ученици со Никола.

„Повеќе од децата таму што гледаат дека и родител присуствува на часовите некако се повозрдржани отколку во втора година кога одеше со асистент и кога знаеа и да се дружат и да си биде со нив. Сега е малку поинаква ситуацијата, самите деца некако поинаку го доживуваат тоа дека родител е присутен на часовите за целото време на наставата“, вели Сузана.

Во моментов, образовни асистенти за дел од средношколците се обезбедуваат преку програмата за Општинско – корисна работа на УНДП во партнерство со локалните самоуправи, Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Од УНДП за Мета.мк велат дека за оваа година поддржале 50 општини кои аплицирале во оваа програма. За период од 9 месеци ангажирале 584 невработени лица.

Но, меѓу нив има и такви кои обезбедуваат помош за стари и изнемоштени лица, лица со оштетен вид или слух, лица со попреченост и други ранливи категории.

„Вкупно 83 позиции се за образовни и лични асистенти за деца со попреченост во средно образование во 17 општини“, велат од УНДП.

Ставот на Народниот правобранител е дека секое дете треба да има право на непречено и квалитетно образование, како основно човеково и уставно загарантирано право.

Од таму за Мета.мк велат дека по сопствена иницијатива отвориле предмет со цел да го мониторираат остварувањето на правото на образование на децата во основните и средните училишта, а во меѓувреме покрај јавувања од родители, доставени се и претставки во кои укажуваат на потешкотии или неможност за обезбедување на образовна асистенција за децата, како во основно така и во средно образование.

„Загрижува тоа што и оваа учебна година образовната асистенција за учениците во средно образование ќе се обезбедува со поддршка на УНДП преку вклучување на евидентираните невработени лица од Агенцијата за вработување на РСМ во програмата за Општинско-корисна работа. Меѓу другото и поради сознанијата дека само неколку општини во август објавија јавни повици за ангажирање на образовни асистенти, при што ангажманот е во времетраење од девет месеци, за што ќе добиваат паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари. Поради тоа постои голема незаинтересираност од страна на потенцијалните кандидати“, изјавија од канцеларијата на Народниот правобранител.

Додаваат дека сериозно загрижуваат сознанијата оти потенцијалните кандидати кои ќе ја испорачуваат оваа услуга воопшто и не се проценуваат врз основ на нивните професионални квалификации и компетенции, а ќе даваат поддршка во учењето на деца со попреченост што секако претставува одговорна задача која треба максимално посветено и професионално да се работи.

„Неспорно образованието има клучна улога во развојот на децата/младите, што нè обврзува како држава да создадеме услови за остварување на ова право без дискриминација и врз основа на еднакви можности, преку инклузивен систем на образование, образование кое ќе биде во најдобар интерес на детето. Оттука, недостигот од образовни асистенти за учениците со попреченост вклучени во редовните училишта, претставуваат сериозна бариера за непречено остварување на ова право, проблем кој час поскоро треба системски да се реши“, истакнаа од канцеларијата на Народниот правобранител.

Сметаат и дека е потребно интензивирање на активностите од страна на Министерството за образование и наука со цел донесување на нов Закон за средно образование, кој ќе биде усогласен со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, и во таа насока поддршката за учениците со попреченост во средното образование (образовна асистенција) да биде утврдена како системско решение.

Мета.мк побара одговор од Министерството за образование и наука до каде е процедурата за новиот Закон за средно образование и кога ќе биде усвоен, но не доби конктерен одговор.

Од МОН, исто како и на почетокот на учебната година, одговорија дека Законот за средно образование е во фаза на изработка и истиот ќе обезбеди образовна асистенција за учениците со попречености во државните и општинските средни училишта.

Во меѓувреме, од МОН посочуваат дека образовни асистенти за средношколци во општински средни училишта се ангажираат преку програма за општинско корисна работа.

Конкретен одговор на поставените прашања не добивме ниту од Министерството за туд и социјална политика кои се дел од програмата за Општинско корисна работа.