Калифорнија тужи пет нафтени гиганти како главни виновници за климатските промени

Според тужбата на 135 страници, државата тврди дека сите пет големи нафтени компании знаеле, барем од 1960-тите, дека согорувањето на фосилните горива би ја загреале планетата и би ја промениле климата, а тие само го минимизирале ризикот од согорување фосилни горива

Фото: Kanenori from Pixabay

Американската сојузна држава Калифорнија подигна обемна тужба против нафтените гиганти „ЕксонМобајл“, „Шелл“, „Би-пи“, „КонокоФилипс„ и „Шеврон“, како и против Американскиот нафтен институт (АПИ), а поради повеќедецениско потценување на сознанието дека употребата на нафтени горива предизвикува климатски промени, пренесува Си-ен-ен.

Тужбата, која ја поднел државниот јавен обвинител Роб Бонта во Врховниот суд на округот Сан Франциско, тврди дека обвинетите создале непријатности за граѓаните, ги оштетиле природните ресурси и државниот имот и го прекршиле законот со тоа што ги довеле жителите на државата во заблуда со лажно рекламирање и заблуда преку маркетинг за животната средина.

Според тужбата на 135 страници, државата тврди дека сите пет големи нафтени компании знаеле, барем од 1960-тите, дека согорувањето на фосилните горива би ја загреале планетата и би ја промениле климата, а тие само го минимизирале ризикот од согорување фосилни горива, што резултирало со штетни шумски пожари, нечист воздух, смртоносни топлотни бранови и рекордни суши, што ја чинело државата милијарди долари.

Граѓанската тужба поднесена во државниот Врховен суд во Сан Франциско, исто така, бара создавање на фонд кој би бил финансиран од компаниите, за плаќање за напорите за обновување на штетите предизвикани од разорните бури и пожари. Демократскиот гувернер, Гевин Њусом изјави дека компаниите именувани во тужбата треба да сносат одговорност, пренесува Асошиејтед Прес.

„Повеќе од 50 години, Биг Оил нè лаже, прикривајќи го фактот дека тие долго време знаат колку се опасни фосилните горива што ги произведуваат за нашата планета“, рече Њусом.

Тој додаде дека даночните обврзници на Калифорнија не треба да ја платат сметката за штети од милијарди долари – шумски пожари што збришуваат цели заедници, токсичен чад што го загадува воздух, смртоносни топлотни бранови, рекордни сушни периоди.

Од Американскиот институт за нафта, индустриска групација исто така именувана во тужбата, изјавиле дека климатската политика треба да се дебатира во Конгресот, а не во судница.

Во тужбата меѓу другото се тврди дека Американскиот институт за нафта уште во 1968 година бил предупреден за тешките климатски промени што ги предизвикуваат, откако добил извештај од Истражувачкиот институт Стенфорд во однос на истражувањето на загадувачите на животната средина, како што е јаглерод диоксидот.

Тужбата следи по неколкугодишни временски непогоди штетни по економијата на сојузната држава, при што загинаа многу жители. Само годинава Калифорнија беше подложна на екстремно високи температури, опасни шумски пожари, невообичаени периоди на силен дожд и снег и зголемено ниво на морето, што е закана по крајбрежните делови. Според научните истражувања, овие катастрофални метереолошки услови се најверојатно предизвикани од климатските промени.