Учениците од средните стручни училишта ќе полагаат академски испит ако сакаат своето образование да го продолжат на факултет. Оваа новина помина на Влада синоќа заедно со останатите измени од Законот за средно образование. Со новините чија примена ќе започне од 2025 година, покрај академски испит се воведува и стручна матура. Денеска на прес-конференција министерот за образование Јетон Шаќири кажа дека процесот на полагање ќе го реализира Државниот испитен центар (ДИЦ) и дека тие ќе ги подготвуваат прашањата за тестот.
„Нема да има некоја голема разлика во споредба со досегашното полагање државна матура. Во делот на интерните и екстерните испити, тоа останува исто. Но плус само се воведува дополнителен испит кој ќе биде академски испит, кој ќе го полагаат оние ученици кои имаат план да одат на факултет“, рече Шаќири.
Мета.мк уште во 2021 година пишуваше за оваа нова Концепција за полагање државна матура кога министерка за образование беше Мила Царовска. Уште тогаш беше во план да се направат промени во заокружувањето на средното образование. Начинот на кој досега се полага е идентичен за сите ученици, односно сите добиваат ист тест за државна матура иако фондот на часови во гимназиско и стручно образование не е ист. Во гимназија учениците имаат четири наставни часа македонски јазик, а во стручно – три, а сепак, државната матура беше унифицирана за сите, со истата тежина на прашања и задачи.
По завршувањето на последната година на гимназиското образование, учениците ќе полагаат државна матура, или училишна матура, како досега. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма), пак, учениците ќе полагаат меѓународна матура и/или државна матура. Откако ќе ја завршат последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците ќе полагаат стручна матура. А по завршувањето, пак, на последната година на стручното образование со двогодишно, односно со тригодишно траење, учениците ќе полагаат завршен испит. Учениците од средното уметничко образование, ќе полагаат уметничка матура.