Нова предлог-концепција за државна матура сработила работната група изминатиов период, која сега е на потпис кај министерката за образование и наука Мила Царовска. Клучната промена е во тоа што од идната учебна година, учениците во завршна година ќе имаат различни матури, односно матурата во гимназија нема да иста со онаа во средното стручно образование.
– Кај министерката веќе е пратена новата предлог-концепција за матура. Во меѓувреме работната група сработи и даде предлог како да изгледа испитот на зрелоста. Различно ќе биде заокружувањето на средното образование, односно ќе има различни матури. Начинот на кој сега се полага е идентичен за сите ученици, а сепак, фондот на часови во гимназиско и стручно образование не е ист. На пример, во гимназија учениците учат четири наставни часа македонски јазик, а во стручно – три. Ова е причина да во пракса има случаи кога ученици од гимназија, доаѓаат до место на Факултет за медицински науки, а не и оние кои учеле во средно медицинско. Во гимназиското образование полагањето матура ќе остане речиси исто, а во стручното образование повеќе акцентот ќе биде ставен на практичните и стручни вештини што ги има ученикот – појаснува Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.
Таа информира и дека ако учениците од средното стручно образование сакаат да продолжат на студии, ќе мора да полагаат дополнителен академски тест на знаење, кој ќе содржи прашања од општа култура, а целта е да се види математичката и јазичната писменост.
– Посебна работна група ќе треба да утврди какви точно ќе бидат прашањата. Оваа учебна година, матура ќе се полага како и досега. Планот е новиот концепт да се воведе од следната учебна година, односно од 2023, а гимназииите од 2025 – вели директорката.