Матура ќе се полага во спортски сали за да нема препишување

Од Сојузот на средношколци се во преговори со надлежните во врска со тоа кој материјал и што ќе треба да се учи за испитот на зрелоста. Како што вели Берин Мухамед, претседателот на Средношколскиот сојуз, договорено е годинава да биде скратен материјалот за учење по сите задолжителни предмети

Фото: Мета.мк

Наместо во училници, оваа година, матурантите ќе ги полагаат испитите од државната матура во спортските сали на училиштата и во холовите, потврдија за Мета.мк од Државниот испитен центар (ДИЦ). Оваа новина се прави за да нема препишување. Минатата година, оценувачите во текот на процесот на оценување по предметот англиски јазик, утврдија дека дури 3.100 ученици препишувале на испитот.

Од Сојузот на средношколци се во преговори со надлежните во врска со тоа кој материјал и што ќе треба да се учи за испитот на зрелоста. Како што вели Берин Мухамед, претседателот на Средношколскиот сојуз, договорено е годинава да биде скратен материјалот за учење по сите задолжителни предмети.

„По предметот математика, ќе се учи материјалот само од прва и втора година. Темите се логика и множество, реални и комлексни броеви, алгебра, геометрија и тригонометрија. По мајчин јазик, ќе се падне еден од 10 автори. Кај есејот, кој досега требаше да биде напишан со употреба од 300 до 400 зборови, сега ќе може да се напише со употреба на 200 до 500 зборови. За странски јазик, генерално ќе остане исто како досега. Сепак, има уште работи кои треба да ги договориме. Ќе имаме состанок со претставници на матурантите, па идната недела ќе ги претставиме барањата на надлежните“, вели Мухамед.

И тој потврди дека годинава матура ќе се полага во спортски сали, за да нема препишување.

„Телефони нема да биде дозволено да се внесат“, додава Мухамед.

Во однос на базенот со прашања, матурантите бараат меѓу прашањата да бидат и оние кои ќе се паднат на полагањето.

„Но, во Државниот испитен центар ни рекоа дека законски, не може да се паднат истите прашања. И за тоа уште не сме договорени како ќе биде. Бараме во базенот да ги имаме точно тие што ќе се паднат, бидејќи минатата година на тестот по англиски јазик имаше проблем, на пример, за едно прашање беа понудени два точни одговори. Ако се погреши, се добиваат нула поени“, појаснува Мухамед.

Државната матура е услов за упис на факултет. Минатата година, по предметот англиски јазик, 3.100 ученици користеле плагијати од различни веб-страници. Имало преписи и на есеите и им беа бодувани со 0 поени.

Идејата за полагање во поголеми простории наместо во училници, е стара. Целта е целиот процес да биде потранспарентен и пообјективен.

Веќе долго време се заговара и идејата за набавка на блокатори за Интернет со кои ќе се оневозможи препишување. Мета.мк се обрати до министерот за образование и наука (МОН), за тоа, дали за годинава се планира набавка и поставување блокатори за да се оневозможи комуникација преку телефони, но не добивме одговор.

Во меѓувреме, се подготвува нов концепт за полагање државниот матурски испит. Испитот ќе биде различен во средното стручно образование и во гимназиите, нема да биде унифициран како што е сега. Целта на надлежните е да има поразлична матура за гимназиско образование, а таа да биде поинаква и за уметничките училишта, како и за стручните училишта.

Од 2025 година новина ќе биде тоа што учениците од средните стручни училишта ќе полагаат академски испит ако сакаат своето образование да го продолжат на факултет. Овој предлог помина на Влада во јануари годинава, заедно со останатите измени од Законот за средно образование.