Обуки за сајбер безбедност за учениците, наставниците и на родителите

МОН во 40 основни училишта поставило нова информатичко-комуникациска опрема, а пребарувањето на содржините било ограничено само на образовните потреби

Фото: МОН

Обуките за сајбер безбедност за учениците, наставниот кадар и за родителите, се дел од редовните активности на МОН со меѓународни партнерски организации, а со Министерството за информатичко општество се организираат работилници за подобрување на дигиталните вештини не само на децата и младите луѓе, туку и на родителите и наставниците.

Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на презентацијата на Водичот за препознавање и спречување на сајбер-насилство и стекнување на вештини за примена на мерки за сајбер безбедност, во рамки на проектот подржан од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

Тој кажа дека образованието има клучна улога во градењето на младите како личности кои покрај знаењата и вештините имаат и вредносни норми за нивна примена.

„Затоа МОН делува во насока на градење ненасилни личности, истовремено овозможувајќи младите да стекнат знаења да ги препознаваат и да се справат со опасностите што се кријат зад секој клик“, рече тој.

Шаќири истакна дека со реформата на воспитно-образовниот систем, преку наставните програми се промовира ненасилното решавање на конфликтите но и превентивата и мерките за справување со насилство, вклучително и сајбер насилството.

„Во Програмата за обуки за стручно усовршување на наставниците, што е документ што на годишно ниво го носи министерот за образование и наука, посебен модул е: создавањето безбедна и стимулативна средина за учење – Справување со врсничкото насилство и сајбер-насилството. Зајакнување на професионалните компетенции преку обуки минуваат и стручните соработници, како важна алка во воспитно – образовниот процес каде учениците првично се обраќаат да ги надминат предизвиците“, рече Шаќири.

МОН во 40 основни училишта поставило нова информатичко-комуникациска опрема, а пребарувањето на содржините било ограничено само на образовните потреби.

Промовираниот Водич е базиран на истражување врз примерок од 500 ученици, со цел да се идентификуваат знаењата на студентите за сајбер нападите и сајбер криминалот, како и тоа колку младите знаат и ги применуваат методите за заштита во сајбер просторот што го користат.