fbpx

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за публиката да се збуни околу тоа „кој прв почнал“

-

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за публиката да се збуни околу тоа „кој прв почнал“. Филмот го нагласува палежот врз проруските активисти во Одеса на 02.05.2014 година, што го опишува како геноцид, но премолчува дека во февруари-март 2014 година. Путин изврши анексија на Крим и поттикна бунт низ остатокот од Украина, за што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков. Така, на 07.04.2014 година беше создадена т.н. ДНР, а Украина не само што не вршеше геноцид, туку најпрво не пружи никаков отпор, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Русија го забрани Facebook и другите производи на компанијата Meтa уште во март 2022 година, но Руската амбасада кај нас и натаму ја користи оваа социјална мрежа, особено за ширење на манипулации во однос на Украина, а пример за тоа се следниве три објави.

Првата е од 01.04.2024 г., по повод 215 г. од раѓањето на Николај Василевич Гогољ, „класикот на руската литература“ – како што го опишува амбасадата, но таа премолчува дека тој бил родум од Украина и дека доста дела му биле инспирирани токму од нејзината историја и култура.

Таква е славната новела „Тарас Буљба“, којашто амбасадата не ја ни споменува, како ни тоа дека ова дело имало две верзии – од 1835 и 1842 година. Украина тогаш била под Руската Империја, а првата верзија била преукраинска, дури и националистичка, па Гогољ напишал втора, русифицирана. Дали причината биле цензорите или тој го сменил ставот – тоа е широка тема, но битно, неговата биографија е посложена од она што го навела амбасадата.

Слична е објавата на амбасадата од 6.04.2024 година, поврзана со 370-годишнината од Перејаславскиот договор, кој се користи како аргумент дека Украина тогаш „доброволно се обединила со Русија“, но според многу Украинци тоа била фатална историска грешка.

Украинците имале држава, Хетманат, на чело со козачкиот хетман Хмељницки, а тој склучил сојуз со Русија, кого таа го злоупотребила за да ги подјарми. Во 1775 г., Русите го разурнале центарот на козаците, Запорошката Сеча, а го гонеле и украинскиот јазик со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), како и украинските преродбеници ко Тарас Шевченко, кој заради тоа го колнел Хмељницки во своите поеми.

Украинците побегнале од тој сојуз при првата прилика – при распадот на империјата во 1917 година. Тие тогаш ја создале Украинската Народна Република, но неа ја нападнала Советска Русија на Ленин, кој насилно ги вклучил Украинците во СССР. Тие таму умирале во сталинските чисткиГладоморот и Чернобилската катастрофа, па и оттаму (од СССР) побегнале.

Но, наративот дека руско-украинските односи биле идилични, но дека ги расипал „трулиот Запад“, сепак опстојува. Така е и во документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре.“ (2021), кого амбасадата го сподели на 8.4.2024 г., а тој сега се реактуелизира и со проекции во Италија, што укажува на медиумска кампања на Кремљ по повод 10 г. од почетокот на Донбаската војна. Филмот тврди дека говори за сиот Донбас, а, всушност, говори само за т.н. ДНР (Донечка Народна Република) и ЛНР (Луганска Народна Република), кои најпрвин опфаќаа само околу 30 проценти од Донецката, односно Луганската Област на Украина, затоа што немаа широка поддршка. ДНР  и ЛНР се раширија дури по сеопфатната руска инвазија во 2022 г., но дури ни сега не го опфаќаат сиот Донбас.

Во филмот има една често користена манипулација, а тоа е збрка во редоследот на настаните, за публиката да се збуни околу тоа „кој прв почнал“. Така, филмот го нагласува палежот врз проруските активисти во Одеса на 02.05.2014 г., што го опишува како геноцид, но премолчува дека во февруари-март 2014 г. Путин изврши анексија на Крим и поттикна бунт низ остатокот од Украина, за што испрати агенти како Игор Гиркин-Стрелков. Така, на 07.04.2014 година беше создадена т.н. ДНР, а Украина не само што не вршеше геноцид, туку најпрвин не пружи никаков отпор.

Тоа се промени со нејзината Антитерористичка операција (АТО), започната на 14.04.2014 г. Тоа ги разгоре страстите, па на кобниот 2 мај дојде до улични судири во Одеса, во кои проруската „Одеска дружина“ дури пукаше врз проукраинските активисти, а тоа кулминираше со фамозниот палеж. Тоа е грд настан, но мора да се каже зошто тој се случил. А Одеса и не е во Донбас, па не е јасно зошто филмот става акцент на неа.

Освен лидерите на т.н. ДНР и ЛНР, во филмот нема звучни имиња. Стрелков, кој самиот признава дека бил „чкрапалото“ на таа војна, во филмот го нема, а низ него дефилираат полуанонимуси како Роман Омељченко-Пластун, кој, иронично, исто така, дошол од Русија.

Тука се и странските доброволци: Расел Бентли (САД), Алексис Кастиљо (Колумбија) и Виктор Ланта (Франција), кои се претставени како антифашисти и интернационалисти (како оние од Шпанската војна), а во филмот говорат и советски ветерани-Евреи. Украинците се обвинувани за нацизам, но филмот го премолчува тоа што Украина ја забрани нацистичката идеологија со закон донесен на 09.04.2015 година и дека против Украина војуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј и Алексеј Миљчаков со одредот „Русич“.

Во филмот говорат и странски новинари: Џорџ Илајсон (САД), Јанус Путконен (Финска) и Роналд Ван Амеронген (Холандија), но тоа се полуанонимуси, конспиромани и ширачи на лажни вести. Путконен дури го повторува митот дека на украинските борци „им биле ветувани робови и земја во Донбас“. Заради баланс, тука говори и проф. Чарлс Купчан, бивш асистент на Барак Обама, но притоа не изјавува нешто особено и тоа е мошне кусо.

Филмот ги споредува Украинците со ИД (Исламска држава), обвинувајќи ги за обезглавувања и убиства на бремени жени, а прикажува и масовни гробници, најчесто без доволно податоци. Русите еднаш тврдеа дека Украинците распнале дете, а потоа признаа дека за тоа нема докази, па сево ова буди сомнеж. Екцеси од украинска страна сигурно дека имало, па така беше со баталјонот „Торнадо“ (кој се споменува во филмот), но него го судеа самите Украинци.

Без никакви докази, во филмот се говори и за некакви канадски и британски специјалци во Донбас, а НАТО се обвинува за обид да воспостави бази во Украина, од кои би ја напаѓал Русија. Но НАТО е на границите на Русија уште од своето основање во 1949 г., преку Норвешка. Подоцна, во НАТО влегоа и други соседи на Русија: Полска (1999) и Балтичките земји (2004), па за напад врз Русија имало начини, а Украина и не е во НАТО.

Насловот на филмот ни ветува дека тој ќе ни раскаже и за минатото на Донбас, но тоа не го исполнува.

Инаку, тоа била слабонаселена степа, Диво Поле, чие цивилизирање започнало во XVIII-XIX век кога таа потпаднала под Руската Империја. Таму немало долговековна руска култура и незалудно тоа било наречено Новорусија.

Покрај Руси, во Донбас биле доселени и Срби, Грци и др., а Луганск и Донецк биле подигнати од британски претприемачи заради експлоатација на тамошниот јаглен. Но, мнозинство таму биле Украинците, за што сведочи пописот од 1897 г. Тие се мнозинство во Донбас и според последниот попис во Украина, оној од 2001 г., а Русија не го спорела.

Русите не биле, ниту сега се мнозинство во Донбас, па заради добивање поголема бројка, Путин ги брои како свои и етничките Украинци, кои говорат руски, што е последица од асимилацијата под Руската Империја и СССР. Таков пристап има и документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре.“, но рускојазичен Украинец не мора да значи и проруски настроен.

Според филмот, 40-те милиони Украинци се некаква аморфна маса, која нема став и која се продала за сендвичите кои Нуланд ги делеше на протестите на киевскиот Мајдан против претседателот Јанукович. Тоа што тој беше корумпиран и практично руски вазал, филмот го премолчува, а и тоа што Јанукович ги тепаше и застрелуваше демонстрантите.

Филмот создава впечаток дека Јанукович го соборила некаква толпа, а тој беше разрешен со процедура (не идеална, но сепак процедура), за што на 22.2.2014 г. гласаа легитимно избраните пратеници од изборите во 2012 г., вклучително и 36 негови сопартијци.

Филмот вели дека собранието тогаш донело одлуки на штета на рускиот јазик, но да нема забуни, забрана на рускиот јазик во Украина нема, а тој е заштитен со чл. 10 од уставот. Проблем тука беше еден закон од времето на Јанукович, со кој рускиот јазик стана официјален во регионите со мин. 10 отсто говорители. Иако Украина се осамостоила во 1991 г., руското влијание и натаму продолжило, било преку големото присуство на рускиот јазик, било преку медиуми и про-руски политичари, па овој закон ја прели чашата.

На 23.2.2014 г. собранието изгласа укинување на законот, но тоа не беше потпишано од в.д. претседателот Турчинов, кој сметаше дека тоа би било дискриминаторски и дека прво треба да се осмисли подобар закон. Значи, законот не беше укинат, но настаните на Крим и Донбас сеедно се случија. Тој беше укинат дури во 2018 г. со одлука на Уставниот суд.

Филмот тврди и дека Украина не ги почитува Минските договори (2014 – 2015), премолчувајќи притоа дека Русија го прекрши оној од Будимпешта од 5.12.1994 г., согласно кој Украина ѝ го предаде своето советско нуклеарно оружје на Русија, а таа се обврза дека ќе го почитува суверенитетот на Украина, што го прекрши во кобната 2014 г.

Пишува: Вангел Башевски-Барми

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...