Дебармаалци со петиција бараат полициски патроли кај ОУ „Коле Неделковски“ за да си ги заштитат децата

Одевме со градоначалникот, правевме вечерна обиколка, доаѓаа и родители, раговаравме со младите кои таму ги затекнувавме. Дебармаалци се загрижени за безбедоста на нивните деца бидејќи таму имаше тепачки, има млади кои пијат алкохол и вреват, вели директората Масларевска

Фото: Колаж од фотографии од општина Центар

На петицијата која ја покренаа родители чии деца учат во училиштето „Коле Неделковски“ во Центар, а кои алармираат за сериозни инциденти во паркот близу училиштето, се потпиша и градоначалникот Горан Герасимовски, како родител на дете во истото училиште.

Во петицијата се бара редовно полициско патролирање во паркот „Дрвен“, но и на други локации во општината каде што се собираат младите, се бара тие да се едуцираат и да препознаваат деликвентни појави и разни облици на насилство и педофилија, понатаму видео надзор и контрола во и надвор од училиштата, како и измени на законите, за да може да се формира комунална полиција.

„Петицијата доставена до МВР, МОН, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за локална самоуправа и општина Центар е резултат на загриженоста на родителите за безбедноста на децата во реонот на Дебар Маало откако пред два месеца тие алармираа за насилство и девијантни однесувања од малолетници“, наведено е во соопштението.

Директорката на училиштето „Коле Неделковски“, Светлана Масларевска, за Мета.мк вели дека посебно навечер има млади кои се собираат во паркот „Дрвeн“, што се наоѓа близу училиштето.

„Одевме со градоначалникот, правевме вечерна обиколка, доаѓаа и родители, раговаравме со младите кои таму ги затекнувавме. Дебармаалци се загрижени за безбедоста на нивните деца бидејќи таму имаше тепачки, има млади кои пијат алкохол и вреват“, вели Масларевска.

Безбедноста во овој дел од градот е на ниско ниво, а дека е тоа така изјавуви и градоначалникот Герасимовски пред еден месец.

„Присутна е дрога која се носи од други места, алкохол циркулира меѓу малолетниците, а се случуваат и тепачки па затоа бараме да има повеќе претреси и контроли од полицијата, но и инспекторите да излезат на терен и да се контролираат и угостителските објекти како и возилата кои се вртат во Дебар Маало, се закачаат со другите деца како и да се постават лежечки полицајци заради поголема безбедност на децата во сообраќајот низ тесните улички“, изјави тој за Слободен печат.

Тогаш, 39 годишен скопјанец во алкохолизирана состојба допирал малолетно дете, а по пријавениот случај, МВР го лиши педофилот од слобода.