Потребна е поблиска соработка помеѓу младинските службеници на општините и младите. Воедно треба да ја оставиме застарената пракса да ги „врзуваме“ младите исклучиво за младински проблеми. Младите се хетерогена група која подеднакво е засегната со проблемот со палење на депонии, кучиња скитници, колку што е засегната со колку општината инвестира во култура, спорт забава и слично, изјави Јоана Тренеска за време на презентацијата на „Документот за јавни политики за младинска вклученост во единиците на локалната самоуправа“.
Според овој документ, изработен врз база на искуствата на над 100 млади лица кои во рамки на проектот учествувале на 6 работилници во повеќе градови низ државата, идентификувани се бројни проблеми со кои се соочуваат младите.
За решавање на истите, докуметот содржи препораки насочени кон општините и останатите локални институции кои се обврзани да ги решат.
Младите, преку препораките бараат организирање на повеќе отворени денови/еднодневни, едукативни екскурзии и посети на општини и други институции што работат на локално ниво.
Исто така, потребно им е и организирање на редовни посети во училиштата од страна на младинскиот службеник и други службеници во општината; запознавање на средношколците со улогата на локалните младински совети и младинскиот службеник; споделување на искуства од веќе формираните локални младински совети; креирање на платформа за поплаки и идеи од страна на млади лица во секоја локална јавна установа како и интензивирање на соработката со локални граѓански организации.
На тркалезната маса зедоа учество претставници на локални младински организации, младински службеници на општини, медиуми и претставници на Агенцијата за млади и спорт.
Дел од учесниците потенцираа дека јавните установи, како општините се соочуваат со потешкотии целосно да го имплементираат новиот Закон за младинско учество и младински политки.
Советникот за млади на Владата, Ѓорѓи Тасев, истакна дека се вложуваат напори за младинските службеници на општините да се адаптираат на обврските кои ги имаат како претставници на младите, согласно новиот закон.–
Овој настан е дел од проектот Младински образовен форум, насловен „Младински политики за подобар животен стандард на млади од помали средини“, кој е овозможен со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија и во соработка со локалните организации Фондација за развој на локалната заедница – Штип, Регионален центар за одржлив развој – Гевгелија, НОВУС Струмица, Центар за едукација и развој – Теарце и НВО КХАМ – Делчево.