По објавата на „Мета.мк“, инспектори појдоа на депонијата со отпаден гипс кај Згрополци

Горниот, тешко пристапен дел од депонијата со отпаден гипс; Фото: Мета.мк

Нема табла со известување за опасност, не е поставена ограда околу депонијата, нема присуство на луѓе во околината, но има пристапен земјен пат до рамниот дел од депонијата и забележани се траги од измет на кози и овци на пристапниот пат до депонијата. Ова се само дел од податоците наведени во Записникот за извршениот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) реализиран на 4 август годинава, по пишувањата на Мета.мк за подзаборавената депонија со отпаден гипс кај велешкото село Згрополци, која е една од жешките еколошки точки во земјава.

„Депонијата на некогашната фабрика за вештачки ѓубрива ХИВ Велес претставува контаминирно подрачје т.н. „жешка точка” која се простира на површина од 70.000м2. Таа содржи фосфогипс во количина од 3.700.000 тони, кој е отпаден производ од индустријата за вештачки ѓубрива. Фосфогипсот е со карактеристична бела боја и истиот на локацијата е депониран во периодот од 1979-2003г., кога е престанато со работењето на фабриката и употребата на локацијата за депонирање на отпад“, се наведува во Записникот којшто беше доставен до Мета.мк од ДИЖС.

Отпадниот гипс е депониран и по косина и на рамен дел, додека пристапот до рамниот дел на депонијата е од стариот пат Велес-Градско, а околината на депонијата е ридеста, наведуваат од ДИЖС.

„Пристапот до косината на депонијата е тежок, невозможен за инспекција на лице место, односно ја прави локацијата ризична за инспекција и затоа непосреден увид е извршен на рамниот дел, а на косината инспекцијата е извршена од далечина. Тоа е разбирливо од причина што отпадот на локацијата се депонирал преку цевовод од фабриката ХИВ“, појаснуваат од ДИЖС за извршената инспекција.

Во делот од депонијата каде што е извршен инспекцискиот надзор, констатирано е дека локацијата е необележана, без предупредувачка табла со знаци за постоење на контаминирано подрачје со индустриски отпад. Исто така, локацијата не е оградена по нејзиниот периметар, но постои добар зелен појас од претежно зимзелени и во мал дел листопадни дрвја кои претставуваат тампон зона.

„Околината на депонијата е ненаселена, а најблиското живо населено место – с. Кочилари е на 1,5 км“, констатирале од ДИЖС.

Сепак, при инспекцијата е утврдено дека на пристапниот пат до рамниот дел на депонијата имало траги на измет од стока (овци или кози), што значи дека во близина на депонијата поминуваат сточари со стока.

Во Записникот од инспекцискиот надзор се наведува и дека на лице место биле видливи мали процепи на телото на депонијата, најверојатно од атмосферски влијанија, но нема подетални информации за правецот на движење на атмосферските води кои минуваат низ депонијата со отпаден гипс.

Рамниот дел од депонијата во близина на Згрополци, каде е извршен инспекцискиот надзор; Фото: Мета.мк

„Рамниот дел на депонијата има депониран фосфогипс кој е во прашкаста форма, покриен по површината со тенок слој на земјени наноси најверојатно од атмосферски влијанија (ветер и дожд). Материјалот од депонираниот фосфогипс на купови е во поцврста форма. Заради стабилните временски услови при инспекцијата, немаше видлива емисија на гипсна прашина која се шири во околината, но при ветер таа многу веројатно се содржи во амбиентниот воздух“, наведуваат од ДИЖС.

Покрај гипсот, во отпадот имало и останати придружни минерали (кварц, лискун и сл.). Од инспекцискиот надзор, ДИЖС констатирале дека депонираниот фосфогипс природно содржи радионуклиди во својот состав, но конкретно испитување не било направено на терен за да се утврдат количините и влијанието на радионуклидите врз животната средина.

Мета.мк пак за опасноста од радиактивност на отпадниот гипс кај Згрополци побара одговори од Министерството за животна средина и просторно планирање, кои изјавија дека за сите прашања во врска со депонијата со отпаден гипс е надлежна Дирекцијата за радиојациона сигурност. Од оваа институција нѝ изјавија дека последните мерења што ги направила Лабораторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје покажале дека вредностите на радионуклеидите на депонијата во Згрополци се во границите на дозволените вредности, така што Дирекцијата за радиојациона сигурност ја третира локацијата како хемиски отпад и со тоа надлежноста се префрла на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Инаку, пред повеќе од една и пол деценија имало иницијатива за извоз на отпадниот гипс во Словенија за негова преработка, но извозот на отпадниот гипс бил запрен од страна на Словенците. Од ДИЖС во Записникот од извршениот инспекциски надзор од 4 август годинава велат дека депонијата кај Згрополци е една од 16-те жешки еколошки точки кои се одговорност на државата, но за неа е утврден низок ризик на влијание врз животната средина и е рангирана како „низок приоритет” за решавање.

Засега останува непознато на кој начин ќе се решава проблемот со депонијата со отпаден гипс кај Згрополци, бидејќи државните институции си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да биде одговорен за оваа локација. Во документот од 2005 година, проценето е дека чистењето на депонијата кај Згрополци ќе чини вкупно 700.000 евра, што е многу поевтино од ремедијацијата на другите контаминирани подрачја во земјава. Сепак, од денешна перспектива не е познато колкави финансиски средства ќе бидат неопходни за отстранување на овој отпад.

Инаку, Мета.мк излезе на терен и ја сними депонијата кај Згрополци во текот на јуни годинава. Иако нема население во непосредна близина и на самото земјиште околу депонијата нема ниви, сепак и самиот ДИЖС увидел дека има сточари кои со својата стока минуваат на оваа локација, додека во околните села има висока земјоделска активност меѓу населението и се посадени ниви со земјоделски култури. Бидејќи теренот е ридест кај самата депонија, природниот тек на атмосферските води кои минуваат низ депонијата е кон стариот пат Велес-Градско и реката Вардар.

Напишете коментар