ЈП Комунална хигиена расчистиле 1.600 метри кубни отпад од диви депонии во Скопје

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје додаваат оти викендов биле ангажирани да ги расчистат и последиците од невремето што го зафати градот Скопје

Новосоздадена дива депонија кај Железничкиот мост меѓу Трубарево и Лисиче, 27 март 2021 година; Фото: Мета.мк

Само во текот на месец јуни годинава, вработените во јавното претпријатие Комунална хигиена Скопје отстраниле 1.600 метри кубни отпад од дивите депонии во главниот град.

Како што соопштија оттаму, иако нивната основна дејност била собирање и транспорт на комуналниот отпад од домаќинствата и компаниите, тие дополнително расчистувале диви депонии „коишто настануваат како резултат на непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини“.

Извор: ЈП Комунална хигиена-Скопје

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје додаваат оти викендов биле ангажирани да ги расчистат и последиците од невремето што го зафати градот Скопје.

„Дополнително, беа извршени две интервенции за расчистување сообраќајни површини по сообраќајните незгоди што викендов се случија во општините Аеродром и Ѓорче Петров“, соопшти јавното претпријатие.

Оттаму апелираат граѓаните да го одлагаат својот отпад исклучиво во наменски поставените садови – контејнери, канти или корпи за отпадоци.

Посеопфатно решение за проблемот на прекумерен комунален отпад може да се најде во имплементацијата на современи регионални депонии. Инвестициите во воспоставување на регионалните системи за управување со отпад ќе започнат во втората половина на 2024 година, а се очекува современите регионални депонии по стандардите на ЕУ да бидат завршени до септември 2027 година.

Ќе се нагледаме ѓубре уште три-четири години, современи депонии дури во 2027 [инфографик]