!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Уапсени двајца осомничени за поврзаност со убиството на рускиот амбасадор во Анкара


Анкара, 19 јануари, 2017 - 13:56 (META) 

Турските власти денеска уапсиле двајца осомничени, од кои еден полицаец, во врска со убиството на рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, кое се случи во декември минатата година, јавуваат турските медиуми.

Според информациите на медиумите, судот во Анкара наредил апсење на полицаецот Серкан Басер и на продавачот Енес Асим Силин, а за уште двајца осомничени издаден е налог да не ја напуштаат земјата додека не заврши истрагата за убиството.

Рускиот амбасадор во Анкара, Андреј Карлов, беше убиен на 19 декември од поранешниот турски полицаец, 22-годишниот Мевлут Мерт Алтинташ, кој за време на злосторството извикуваше „Алах е голем“ и „Не заборавајте го Алепо, не заборавајте ја Сирија“. Убиството се случи за време на изложба во Анкара.


Турските власти издадоа налог за апсење на 243 припадници на војската


Анкара, 18 јануари, 2017 - 12:46 (META) 

Турското обвинителство издало налог за апсење на 243 припадници на војската во 54 провинции во земјата, јавуваат турските медиуми.

Налозите се издадени во рамки на истрагата за неуспешниот воен удар извршен минатата година во јули. Осомничените наводно ја користеле апликацијата „бајлок“ за праќање пораки на паметни телефони.

Турската влада тврди дека апликацијата ја користела мрежата на имамот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за организирање пуч.

Ѓулен, кој живее во егзил во САД, ги отфрла обвиненијата на Анкара.

 


Во Германија уапсен државјанин на Србија кој планирал напад


Берлин, 15 јануари, 2017 - 18:09 (META) 

Германската полиција уапси 28-годишен државјанин на Србија кој е осомничен дека е исламист кој планирал напад во Германија, јавија германските медиуми. Тој моментално се наоѓа во притвор, каде што чека депортација која би можела да се случи наскоро.

Осомничениот пред неколку недели бил в затвор, но по излегувањето на слобода, кај надлежните органи веднаш се појавил сомнеж дека би можел да планира напади, поради што бил означен како „опасен“.

Србинот одржувал контакти со една мрежа на исламисти, а можно е по примерот на терористот Анис Амри да сакал со камион да влета во поголема група луѓе.

Бидејќи полицијата не го исклучила сомневањето дека тој своите планови би можел да ги претвори во дело, го уапсила во неговиот стан во Оберхаузен.

Судот потоа го прифатил барањето на имиграционата служба, која побарала негова депортација.


Во Германија уапсени две лица со 155 килограми експлозив


Берлин, 14 јануари, 2017 - 12:24 (META) 

Германската полиција во местото Лаутеркен пронашла 155 килограми експлозив, поради што уапсила две лица. Против двете лица на возраст од 18 и 24 години ќе бидат поднесени обвиненија поради поседување експлозив и поради подготвување терористички напад.

Државното обвинителство ги проверува информациите според кои осомничените имаат врска со терористичката група „Олд скул сосајети“.

Се смета дека таа терористичка организација е разбиена откако во мај 2015 година повеќето од членовите биле уапсени.

За време на сослушувањето, двајцата уапсени негирале дека планирале терористички напад и дека пронајдениот експлозив бил наменет за приватна употреба.

За време на претресот на семејниот стан на 18-годишникот, полицијата пронашла експлозивна направа која тој самиот ја направил, повеќе од 150 килограми илегални пиротехнички средства и експлозиви, како и неонацистички симболи.


По потерница од Црна Гора, во Србија се уапсени Ристиќ и Богиќевиќ


Белград, 13 јануари, 2017 - 16:44 (META) 

Српската полиција уапси двајца државјани на Србија за кои Црна Гора распиша меѓународна потерница поради сомнеж дека учествувале во обид за терористички напад на денот на изборите во Црна Гора на 16 октомври 2016 година, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Уапсени се Немања Ристиќ и Предраг Богиќевиќ, потврдиле денеска од српското МВР.

Црногорското обвинителство на почетокот на декември минатата година распиша меѓународна потерница по нив и по уште двајца државјани на Русија. Тие се осомничени дека организирале криминална група која за изборниот ден планирала упад во собранието, апсење и ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.

Еден од уапсените, Ристиќ, на 13 декември во Белград се фотографирал покрај министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Тој тогаш изјавил дека е наклеветен и дека неправдено му се припишува учество во подготовка на државен удар на Црна Гора.


Уапсени сопственикот и главниот уредник на грчкиот неделник „Параполитика“


Атина, 11 јануари, 2017 - 12:41 (META) 

Грчката полиција ги уапси главниот уредник на неделникот „Параполитика“, Панајотис Ѕенос, и издавачот на весникот, Јанис Куртакис, по тужба на лидерот на Независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос.

Главниот уредник на весникот беше уапсен со големо полициско присуство од 15 полицајци во канцелариите на неделникот по тужба од Каменос за клевета против него и неговото семејство и за обид за изнудување.

Каменос тврди дека новинарите на неделникот, кој има и своја радио-станица, преку радио-емисија директно го напаѓале и ширеле лажни информации дека неговиот малолетен син е анархист и поврзан со уапсената терористка Пола Рупа. Каменос тврди дека ваквите информации се и директна навреда за него и ќе го попречат идното образование во странство и имиџ на неговиот син.

Уапсените новинари порачаа дека е ова обид за нивно замолчување и за заплашување и велат дека имаат доверба во независното судство. Новинарите, исто така, велат дека судот ја отфрлил тужбата на Каменос за изнудување.

Против апсењето на новинарите се огласи и медиумската бранша, новинарскиот синдикат ЕСИЕА и сите опозициски партии, кои го осудија овој чин од владата на СИРИЗА и на Независни Грци и побараа почитување на слободата на печатот.


Србија достави барање до Франција за екстрадиција на Харадинај


Белград, 10 јануари, 2017 - 14:57 (META) 

Министерството за правда на Србија денеска им испратило на правосудните органи во Франција барање за екстрадиција на некогашниот лидер на Ослободителната војска на Косово и претседател на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кого Белград го товари за воени злосторства за време на вооружените судири во 1998 и 1999 година, јавуваат српските медиуми.

Со барањето за испорака испратена е и документација преведена на француски јазик, врз основа на која француското правосудство ќе одлучува за тоа дали се исполнети условите за екстрадиција на Харадинај во Србија.

Рамуш Храдинај е уапсен минатата среда по налог на Србија од 2004 година, поради сомневање дека во текот на 1998 и 1999 година извршил воени злосторства врз Срби и врз лица од други етникуми.

Судот во Франција одлучи да го задржи Харадинај во затвор додека го добие барањето од Белград за испорака.

Харадинај во 2015 година беше уапсен на аеродромот во Љубљана, но по неколку дена беше ослободен.

Тој беше суден во Хашкиот трибунал за воени злосторства и во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.


Приштина ќе ги преоцени своите односи со Белград по апсењето на Харадинај


Приштина, 7 јануари, 2017 - 10:46 (META) 

Шефот на косовската дипломатија, Енвер Хоџај, синоќа соопшти дека официјална Приштина веќе презела соодветни мерки кон Србија и дека тоа повторно ќе го стори во иднина, откако поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај беше уапсен во Франција по потерница издадена од Белград.

– Вчера презедовме реципрочни мерки против српскиот претседател Томислав Николиќ и тоа повторно ќе го направиме во иднина. Треба да има ревизија на нашите односи со Србија и ревизија на дијалогот – изјави Хоџај.

Тој истакна дека Србија го злоупотребува Интерпол и дијалогот меѓу Белград и Приштина во Брисел и оти српските власти издале и други меѓународни потерници за апсење на косовски државјани, ограничувајќи го нивното патување во странство.

Косовските опозициски партии повикаа на прекин на преговорите меѓу Белград и Приштина со посредништво на ЕУ.
Апсењето на Харадинај, командант на ОВК од војната во 1998-1999 година на Косово и косовски премиер во 2004-2005 година, во средата на аеродромот во Базел, ги зголемува тензиите меѓу двете балкански соседни држави.


Тирана реагира на апсењето на Харадинај


Тирана, 5 јануари, 2017 - 15:19 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со вчерашното апсење на Рамуш Харадинај во Франција, на „Фјесбук“ напиша дека тоа претставува апсурд.

„Апсењето на Харадинај е апсурд! Неверојатно е дека налозите за апсење од Србија сè уште не се избришани од компјутерите на Европската Унија. Скандал“, напиша Рама.

Министерот за надворешни работи, Дитмир Бушати, изјави дека апсењето на Рамуш Харадинај во Франција се базира на налог за апсење од 2004 година издаден од Србија и дека тоа треба да се осуди затоа што тој бил ослободен од обвиненијата.

Тој, исто така, ги повика француските власти да ја расчистат ситуацијата и веднаш да го ослободат Харадинај. Бушати подвлече дека ова е на штета на процесот на нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово и дека овој процес треба да се базира на непобитни докази, а не на провокации.


Новите докази ги дополнуваат обвиненијата против Харадинај, вели српското обвинителство


Белград, 5 јануари, 2017 - 10:41 (META) 

Српското обвинителство за воени злосторства соопшти дека се добрани уште докази што ги дополнуваат обвиненијата за кои се товари лидерот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај.

Раководителот на обвинителството, Милан Петровиќ, за Радио-телевизија Србија рече дека е задоволен што по потерницата на српското правосудство се постапува во земјите на ЕУ.

Кога станува збор за забрзување на постапката за екстрадиција, Петровиќ рече дека тоа е можно само со согласност на лицата против кои се бара екстрадиција.

– Србија тука не може ништо да направи затоа што процесот за забрзано испорачување зависи од лицето кое е уапсено и против кое се бара екстрадиција. Значи, забрзаната постапка е можна само со негова согласност, во спротивно трае многу долго – рече Петровиќ.