fbpx

Не е точно дека три лица по кои се трагало за случајот „Онкологија“ избегале во странство

Инаку, ОJO Скопје ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија и апелираше сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци, бидејќи нивните сознанија ќе бидат исклучително важни и во натамошниот тек на постапката

-

Предметот за Клиниката за онкологија премина од предистрага во истрага, а осомничени се пет лица. Но, според обвинителката која го води предметот Ана Гоговска Јакимовска, нема лица по коишто ОЈО трага, а кои се недостапни, односно нема лица што избегале во странство. Постојат други изолирани случаи поврзани со Клиниката за онкологија каде на некои поранешни вработени на Клиниката за онкологија им се суди во отсуство, но тоа не е поврзано со конкретниот предмет, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме неколку објави (тука, тука и тука) на социјалната мрежа Фејсбук во кои се известува за акцијата на истражните органи на Клиниката за онкологија во која беа приведени неколку лица, но притоа и невистинито се тврди дека „тројца избегале во странство додека траела предистрагата“.

Предистрагата за аферата „Онкологија“ почна во септември лани, а кулминираше со приведување на поранешни директори кои се осомничени за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и измама во службата. Тројца лекари, пак, се осомничени за помагање на измама во службата. Јавното Обвинителство на Република Северна Македонија извести дека побарало мерки за двајца од осомничените, односно да им биде одземен пасошот, да им биде забрането да го напуштаат живеалиштето и да бидат оддалечени од Клиниката. Освен двајцата поранешни директори, тројца лекари онколози се осомничени за помагање во измама.

Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија коишто претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист, што го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста, информираа од Јавното Обвинителство.

На 30 јануари полицијата направи претреси кај лекари од Клиниката за онкологија и приведе три лица. Претресите беа во рамките на акцијата која пред неколку месеци ја почна ексминистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со скопското обвинителство за низа злоупотреби кои се случувале на оваа клиника. Претреси биле направени кај Н.Н, Е.Џ и кај Н.В. Претреси имаше и пред неколку месеци на почетокот на септември кога беа запленети медицински истории и компјутери од Клиниката.

На 31 јануари годинава Јавното обвинителство свика брифинг за новинарите каде присуствуваше и новинар на „Вистиномер“ и каде беше кажано од страна на јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска која е задолжена да го води предметот, дека „нема лица опфатени во истрагата по кои што Обвинителството трага, а кои му се недостапни, односно дека нема избегани лица во странство“.

Инаку, Основното јавно обвинителство Скопје ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија и апелираше сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци, бидејќи нивните сознанија ќе бидат исклучително важни и во натамошниот тек на постапката.

Поради сите горенаведени факти објавите што ги рецензираме ги оценуваме како делумно невистинити. Не е точно дека три лица по кои што истражните органи трагале за случајот Онкологија избегале од државата. Не постои ниедно лице по кое истражните органи трагаат за овој конкретен случај кој од предистрага неодамна премина во истрага, а кое не им е достапно. Постојат други изолирани случаи поврзани со Клиниката за онкологија каде на некои поранешни вработени на Клиниката за онкологија им се суди во отсуство, но тоа не е поврзано со конкретниот предмет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...