fbpx

Уапсен новинарот Фуркан Салиу на фудбалски натпревар, во автомобилот пронајден пиштол

Околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре" и ФК „Куманово", на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Од страна на две лица, од кои едниот е Салиу нападнати биле припадници на Единицата за брзо распоредување, информира МВР

-

Денеска околу 17 часот на фудбалскиот стадион во с. Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „БВК Коњаре” и ФК „Куманово”, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат, информира МВР.

За време на интервенцијата, велат од полицијата, од страна на две лица нападнати биле припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С.(33) од с. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од с. Арачиново е приведен за учество во тепачка.

Станува збор за Фуркан Салиу, основач и уредник на порталот PortaliX.

Околу 18 часот, при преглед на патничко возило „дачија дастер”, сопственост на Салиу, а управувано од Ф.А.(34) од с. Кондово со сопатник А.Р. (21) од с. Кондово, во багажникот бил пронајден пиштол.

„СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот“, велат од МВР.

На социјалните мрежи и на неколку онлајн медиуми се споделуваат и видеа од апсењето на Салиу.

Од ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

„Уредничкиот тим на медиумот информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува PortaliX“, пишува PortaliX.

Реакции од политички партии за апсењето на Салиу

Кандидатот за претседател од редовите на ВЛЕН, Арбен Таравари преку соопштение во јавноста го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу, спротивставувајќи се на акцијата спроведена под сомнителни услови.

Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.

„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не го осудувајте гласникот туку веста“, реагира Таравари.

СДСМ исто така го осуди овој чин и побара ослободување на Салиу.

„На сите им е јасно дека ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници од страна на Тошковски. Значи началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата, на демократијата, на слободата на говор, загарантирана со Устав. Директен, брутален притисок врз независните новинари, врз оние кои истражуваат и работата за јавниот интерес“, велат од СДСМ, додавајќи дека „ДПМНЕ го врати ВМРО-МВРО на најбезобразен, брутален начин“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, изјавија дека ја бранат и во целост ја почитуваат новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки.

„Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот. Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар“, велат од партијата.

Тошковски: МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник

Министерот за внатрешни работи Панче Ташковски исто така се огласи во однос на апсењето на Салиу. Тој вели дека истото е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик, а кои во моментот на напад од наведеното лице интервенирале бидејќи дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи.

„По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот“, вели Тошковски.

Тој додава дека ја разбира загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но дека МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури.

„Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво. Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот“, напиша Тошковски на својот профил на Фејсбук.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...