Под сомнение за перење пари и за злоупотреба на службената положба, вчера во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, а по налог на обвинителството, уапсени биле пет лица, потврдија утринава од МВР.
Засега непотврдените информации се дека меѓу уапсените се Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на Општина Центар и Владимир Здравев, претседател на Советот на Општина Центар во времето додека Тодоровиќ беше градоначалник.
„Вчера (29.06.2023) во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик. Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка“, се вели во официјалното соопштение на МВР.
Членот 273 став 5 од Кривичниот законик за „Перење пари и други приноси од казниво дело“ гласи дека „Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори како член на група или друго здружение што се занимава со перење пари, противправно прибавување на имот или други приноси од казниво дело, или со помош на странски банки, финансиски установи или лица, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Членот 353, став 5, пак, се однесува на злоупотреба на службената положба и гласи дека „ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години“.
Инаку, Здравев беше претседавач на Советот на Општина Центар во мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, од 2009-2013, и тогаш Советот ги донесе измените на деталните урбанистички планови за изведба на проектот „Скопје 2014“. Токму за градењето на овој мегаломански проект се претпоставува дека се однесуваат и пријавите против Тодоровиќ и Здравев.
Од Јавното обвинителство најавија дека во 13 часот ќе изнесат повеќе детали за случајот, а во соопштението се вели дека прес конференцијата ќе биде за предметот „Скопје 2014“.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде надлежноста на предметот по згаснувањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, стои во соопштението.
Инаку, со одлука на Јавниот обвинител на РСМ по овој предмет продолжи да постапува јавниот обвинител Љубомир Лапе, кој истиот и го работеше во СЈО.