fbpx

Во земјава лани биле регистрирани 3.144 автобуси, со просечна старост од 18,1 години (инфографик)

-

Автобускиот превоз во земјава и лани се одвивал со полнолетен возен парк. Просечната старост на автобусите што сообраќаат во градско-приградскиот, меѓуградскиот и меѓународниот превоз во 2019 година изнесувала 18,1 години. Споредбата на податоците на Државниот завод за статистика покажува дека старосната граница на возниот парк од околу 18 години речиси не е воопшто изменета во изминативе една и пол деценија.

Главна причина за ваквата старосна структура на возниот парк е увозот на половни автобуси од странство, коишто на македонските патишта и низ градовите го продолжуваат одржувањето на линискиот превоз. Царинската управа на РСМ лани регистрирала увоз на 217 половни автобуси од странство, што е за 12 пати повеќе во споредба со бројот на новопроизведени автобуси што биле купени од автотранспорните компании. Годинава, заклучно со јули, увезени биле 89 половни автобуси, како и 36 нови, при што во втората група спаѓаат и новите автобуси што ги набави ЈСП-Скопје.

Во МАКСТАТ базата на Државниот завод за статистика стои дека лани биле регистрирани 3.144 автобуси на ниво на целата земја, од кои 941 во Скопје. Вкупниот број на регистриран возен парк со кој се одвивал патниот превоз останал стабилен во изминативе 7-8 години, со нешто над 3.000 автобуси со кои биле превезувани патници.

Она што значајно се менува низ годините, а за коешто „Мета.мк“ веќе пишуваше, е загрижувачкиот пораст на бројот на сообраќајни несреќи, во кои има полесно и потешко повредени лица, како и загинати помеѓу патниците или возачите во автобускиот превоз. Минатата година ја одбележа автобуската несреќа кај Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, што претставува најголема незгода во патниот превоз од осамостојувањето на нашата земја.

Сепак, статистичките податоци покажуваат значителен пораст на повредените лица во автобуски несреќи токму во периодот од 2014 до 2019 година. Бројот на потешко повредени лица во автобуските несреќи во овој период бил од 15 до 34 лица годишно, додека на годишно ниво во овој период имало од 121 до 166 полесно повредени патници и возачи на автобуси. Ваквите бројки се особено загрижувачки ако се споредат бројките на повредени лица со периодот од претходните 15 години, кога тие биле и за над пет пати помали во споредба со денес.

Одговорот за причините за зголемување на ваквите загрижувачки бројки може да се најде во билтените на МВР. Во последната акциска контрола за техничка исправност на автобусите и такси возилата со кои се превезуваат патници, полицијата на 31 август годинава, во различни делови на земјава за пет часа откри 52 различни прекршоци кај возилата што вршеле јавен превоз на патници.

Неодржувањето на возниот парк на некои несовесни превозници, во комбинација со староста на возниот парк, се чини дека е комбинацијата што доведува до зголемување на бројот на автобуски несреќи со тешки последици во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Муцунски: Бојкотот на ДУИ не успеа, од утре очекуваме нов претседател

„Отворениот повик за бојкот на ДУИ не успеа“, прогласи потпретседателот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски на прес-конференција во седиштето на партијата. Со оваа...