Во изминативе две и пол децении, бројот на сообраќајни несреќи со повредени и загинати лица во кои учествувале автобуси е во континуиран раст. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат алармантни податоци за последниве шест-седум години, при што бројот на полесно и потешко повредени патници и возачи на автобус е за неколку пати зголемен во однос на 90-тите години од минатиот век.

Статистичките податоци покажуваат дека лани во автобуски несреќи во земјава загинале 16 лица, потешко се повредени 34 возачи и патници во автобуси, додека со полесни повреди минале 121 лице. Најтрагичен настан беше несреќата кај Ласкарци од февруари минатата година, во која животот го загубија 16 лица. Сепак, податоците на ДЗС покажуваат дека ова не е единствената сообраќајна несреќа во која биле повредени патници и возачи на автобус.

Во периодот од 2014 година до лани, бројот на потешки повредени лица во автобуските несреќи бил од 15 до 34 лица, додека на годишно ниво во овој пет-годишен период имало од 121 до 166 полесно повредени патници и возачи на автобус. Ваквите бројки се особено загрижувачки ако се споредат бројките на повредени лица со периодот од претходните 15 години, кога тие биле и за над пет пати помали.

Колку за споредба, во периодот од 1995 до 2000 година, бројот на потешко повредени лица во автобуски несреќи изнесувал од 2 до 14 лица, додека полесно повредени биле од 13 до 53 возачи и патници во автобуси.

И по минатогодишната автобуска несреќа кај Ласкарци, остана отворено прашањето што ќе преземе централната власт за да расчисти со нерегуларностите во автобускиот превоз во земјава, кој се соочува со цел дијапазон на проблеми (прекршоци за неисправност на возилата што сообраќаат, диви таксисти и компании кои не поседуваат дозволи за линиски превоз, претовар на патници во автобуси и комбиња, непочитување на возните редови и слично).

Инаку, полицијата само во една акциска контрола за техничка исправност што ја спроведе на 31 август годинава, во различни делови на земјава за пет часа откри 52 различни прекршоци кај возилата што вршеле јавен превоз на патници.