Српска зоолошка градина истражува сигурносни снимки по објавата на Мета за лавчето Симба (фото)

Зоолошката градина во Палиќ, на северот во Србија ќе ги анализира снимките од безбедносните камери во близина на кафезите со лавови откако по написот на Мета.мк за лавчето Симба, новинарите од редакцијата Суботичке.рс алармираа дека можеби лавчето потекнува токму од таа зоолошка, потврди за Мета.мк в.д. директорката на оваа институција Соња Мандиќ.

Во ЗОО Палиќ, летово лавицата Киара стана вистинска сензација откако омачи 5 лавчиња од кои едно бело, што е вистинска реткост. Тоа е прв случај во седумте децении од постоењето на оваа зоолошка градина, а е реткост и во зоолошките градини во Европа.

Среќната вест за приновата е објавена како „Бејби бум“ на веб-страницата на Зоолошката. Од петте лавчиња едно било родено мртво. Зоо Палиќ на 16 и 17 јули на Фејсбук објави и фотографии од лавчињата на кои посетителите реагираа со воодушевување.

Фото: Атила Садовиќ, вработен во Зоо Палиќ

Сепак, единствената и последната фотографија од лавчињата направена одблизу е од 17 јули. Тогаш, бебињата ги сликал домарот Атила Садовиќ додека ги проверувал.

Директорката Мандиќ рече дека бидејќи е реткост да се родат толку лавчиња, на 17 јули вработените во зоолошката ги зеле за да ги прихранат.

„Во природа вообичаено е лавицата да храни едно до две младенчиња, затоа беше потребно да се погрижиме да бидат нахранети“, рече таа.

Следниот ден, на 18 јули, вработените по советување со ветеринар ги вратиле во волиерата за групно чување лавови. Но, веќе следното утро лавчињата ги немало. Ветеринарот на зоолошката тогаш констатирал дека лавчињата ги изел возрасен лав од чопорот. Нивните тела не биле пронајдени.

Но, откако Мета.мк на 30 септември прв пат ја објави веста за Симба по апелот на портпаролката на скопската зоолошка градина Тина Мицковска, кај суботичките новинари се јавил сомнеж дека можеби има поврзаност, затоа што возраста на Симба одговара со времето кога се родени лавчињата во Палиќ. Мицковска по објавата на нејзиниот апел исто така беше загрижена и дека во Македонија не е донесено само едно лавче, туку цело легло.

Од тогаш, освен што Јавното обвинителство и полицијата нѐ извести дека против кумановецот С.А. е покренато обвинение и дека по добиени сознанија извршен е претрес и кај друго лице, каде се пронајдени препарирани диви животни – тропски мајмун и лебед, Симба или други лавчиња не се пронајдени.

Надлежните и покрај честите прашања во врска овој случај, сѐ уште не одговорија и дали има нови обвинети или осомничени, ниту како дојде Симба во Куманово.

Мандиќ нагласи и дека доколку лавчињата се пронајдат во Македонија, со ДНК анализа многу лесно може да се утврди дали бебињата се на лавицата Киара. Затоа, таа апелира, Зоолошката градина Палиќ да биде известена за судбината на Симба во Македонија.

Спротивно на молкот од нашите институции, во Суботица, под притисок на јавноста заради нетранспарентноста во врска со смртта на лавчињата, Петар Савиќ, тогашниот директор на тамошната зоолошка на 20 октомври си поднесе оставка.

Вчера Суботичке.рс од Зоолошката го доби записникот на републичкиот инспектор Јелена Делиќ, која дури на 12 октомври годинава извршила увид во оваа институција во Палиќ. Во него се наведени истите податоци кои ни ги соопшти в.д. директорката. Односно, дека на 16 јули се родени пет лавчиња од кои едното било родено мртво.  Дека лавовите биле изнесени за хранење на 17 јули и дека нивните тела не биле пронајдени во волиерата за групно чување лавови на 18 јули.

Фото: Зоо Палиќ- Суботичке.рс

В.д. директорката Соња Мандиќ, која по професија е правник, за Мета.мк изјави дека не верува дека некој би можел да ги украде лавчињата. Но, за да се расветли случајот од денес ќе ја започне анализата на содржината на хард дискот со безбедносните снимки од камерите поставени близу лавовите. Таа нагласи дека ќе ги провери сите околности, вклучително и можноста некој намерно да ги избришал снимките. Сепак, нагласи и дека постои можност снимките да се избришани автоматски ако се наполнила меморијата по што системот ја брише содржината и започнува нов циклус на снимање.

Мандиќ исто така рече дека набргу ќе ја извести нашата редакција за новите сознанија.

Во меѓувреме, редакцијата Суботичке.рс побара од суботичкиот обвинител и полицијата да соопшти дали постапува по сознанијата кои Мета.мк ги објави минатиот месец и исчеснувањето на телата на лавчињата во Зоо Палиќ.

Фото: принтскрин-социјални мрежи

Бидејќи уште на почетокот на сторијата за Симба, еден од лицата кој објави видео на социјалната мрежа Тик Ток, во кое се гледаше како го вози Симба во луксузен автомобил, ни рече дека лавчето го возел во Косово со дозвола од сопственикот на ресортот во Гњилане „Маја е зез“, а тоа го негираа вработените таму, Мета.мк контактираше и со Африм Махмути, претставник од Приштина на организацијата за заштита на животни Four Paws.

Тој рече дека Косово е многу мала земја за да се скрие лав и до сега мали лавчиња не се пронајдени во земјата. Махмути посочи дека возрасниот лав Џони, кој живее во ресортот „Маја е зез“, за кој се ангажира и Европската Унија, беше пронајден многу бргу. Но, потсети дека во Албанија, во селото Рушкул, сè уште има приватни зоолошки градини, во кои лавовите се чуваат во мизерни услови и од таму се случува да завршат во рацете на шверцерите со диви животни.

Активистите на Four Paws исто така, за време на одржувањето на Самитот на Г-20 во Рим минатиот викенд апелираа и дека секој ден, илјадници диви животни се криволоват, се одгледуваат и се продаваат во глобалната трговија вредна повеќе милијарди долари – како храна, домашни миленици, луксузни стоки, традиционална медицина и забава.

Извештајот „Заштита на нашиот свет од идни пандемии“, открива неефикасност во земјите од Г-20 што овозможуваат извлекување на диви животни од нивното природно живеалиште, одгледување во заробеништво, убивање и тргување со нив како стока.

„Ова е поддржано од несоодветни меѓународни механизми за спречување на експлоатација“, нагласија експертите за заштита на диви животни.

Мета.мк ја проширува истрагата за Симба и лавчињата од неговото легло и во други земји од регионот. Нашата онлајн истрага на профилите на лицата кои објавија фотографии и видеа со лавче во Македонија, покажа дека меѓу нив има еден вработен во Царина, една во Министерство за култура на Северна Македонија и еден е вработен во АРМ. По серијата вести поврзани со Симба, нивните профили на социјалните мрежи се изменети и повеќе од тие податоци се избришани.