Желки, јагули, пајаци, птици, рипки, но и лавови, волци, мечки, рептили, змии… голем број диви животни се предмет на нелегална трговија преку македонските граници, но и внатре во земјата. Овој криминал, иако многу често поминува под радарот на институциите, медиумите и јавноста, сепак од година во година станува сè поприсутен, а во институциите веќе постојат документирани случаи на шверц или обиди за нелегално пренесување или продавање диви животни.
Нелегалната меѓународна трговија е еден од факторите за исчезнување на многу видови жив свет и не ја заобиколува ниту С. Македонија, како земја со богата флора и фауна и голем број ретки и ендемични видови. Познати се и случаи кога кај нас се појавувале ретки, егзотични и загрозени животни за кои не се знаело ниту кој ги донел, ниту кaко се внесени, како што беше случајот со шверц на мали лавови.
Но, нелегална трговија со диви животни не секогаш ги поминува границите на земјите, па се случува да се појават и огласи на социјалните мрежи или на страници за купопродажба во кои се продаваат диви животинки карактеристични за нашите краишта, како птици, мали волци или мечиња.
Влекачите се најчести животни во нелегалната трговија во земјава, велат од Македонското еколошко друштво. Тоа се автохтоните видови како што се ридската, полската и барската желка, но и алохотни видови како што се жолтоушестата и црвеноушестата американска желка. Документирани, исто така се и случаи на обиди за нелегален транспорт и трговија со други видови, како на пример стаклени јагули и пајаци.
„Бројките на запленети диви животни кои биле предмет на нелегална трговија варираат од година во година. На пример, пред неполн месец на граничниот премин Стење беа откриени 98 жолтоушести американски желки“, вели Богољуб Стеријовски, херпетолог од МЕД.
Посочува дека нашата земја ја ратификуваше CITES -Конвенцијата за меѓународна трговија за загрозени диви животински и растителни видови во 1999 година, која има цел да ја контролира меѓународната трговија со видови до степен што не може да го загрози нивниот опстанок. Тоа се прави преку соработка со царински, полициски и судски органи, преку комуникација со меѓудржавни власти, преку изградена мултилатерална мрежа, како и преку билатерална соработка со сите засегнати страни.
„Северна Македонија има обврска да ја известува конвецијата за евидентираните илегални транспорти на диви видови и нивни деривати како и да издава дозволи за легални транспорти за видови и нивни деривати кои се предмет на заштита на оваа конвенција“, вели Стеријовски.
Од Царинската управа велат дека од почетокот на 2021 година па досега, во делот на спречување нелегална трговија на живи животни се документирани четири случаи. Биле запленети папагали, аквариумски желки, аквариумски рипки и расни кучиња.
„Против сторителите Царинската управа поднесе соодветни пријави, а надлежноста за запленетата стока, во случајов живи животни, е предадена на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што се соодветно згрижени“, посочуваат од Царина.
С. Македонија нема Центар за згрижување на запленети животни и вообичаено кога ќе се открие нелегална трговија, запленетите животни, откако ќе ги прегледаат граничните ветеринарни служби, се транспортираат до институција која може да ги згрижи, а тоа се најчесто зоолошките градини во Скопје и Битола. Во 2020 година Министерството за животна средина, направи Студија за оформување на ваков Центар, како институција која ќе треба да одговори на предизвиците на оваа тема, но сепак, таа се уште не е формирана. Од Министерството велат дека до крајот на идната година во рамките на ИПА II програмата за животна средина и климатски промени, ќе треба да се заврши проектот „Зајакнување на капацитетите за НАТУРА 2000 и CITES” кој се однесува и на конвенцијата за регулирање на меѓународна трговија со загрозени видови на дивата фауна и флора.
„Во рамки на проектот ќе се изготви нов закон со подзаконски акти во кој што ќе биде целосно транспонирана ЕУ CITES регулативата како и Конвенцијата за регулирање на меѓународната трговија со загрозени видови на дивата фауна и флора. Ќе се изготви и развие и план за зајакнување на административните капацитети на централно ниво за правилно спроведување на CITES во Северна Македонија како и изработка на посебен софтвер за подготовка и издавање на CITES дозволи и сертификати“, информираат од Министерството.